Брзо расветлување на случајот, откривање на сторителите, мотивите и причините зошто го направиле тоа е повеќе од потребно. Зашто, кога ќе се споменат бомби и кашикари, асоцијациите секогаш нѐ враќаат некаде во минатото, кога земјата беше потресувана од вакви или слични немили настани
Иако сме во период на новогодишна еуфорија, кога, по некое непишано правило, секаде во светот се јавува потреба за користење пиротехника, светлечки распрскувачки материјали, петарди, ракети за одбележување на празниците, сепак постојат јасни одредби со кои се регулира употребата на овие средства, а се предвидени и казни за прекршителите. Значи и за испукана петарда е предвидена казнена мерка. Но во предновогодишната празнична атмосфера кај нас, за жал, се случи еден друг многу посериозен настан, каде што не се работи за обична петарда, туку за вистинска убиствена кашикара. За среќа, таа не експлодира, но и самата помисла дека некој си поигрува и со вакви опасни предмети е доволна причина за морници по телото.
Веста дека во Скопје е пронајдена бомба кашикара на паркинг зад средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ не може да остави никого рамнодушен.
Во настанот пред отстранувањето на бомбата, поради разбирливи безбедносни причини, беше извршена евакуација на учениците, а дури потоа, онака како што налага процедурата во вакви настани, полициски екипи на крим-техника безбедно ја демонтираа експлозивната направа и ја однесоа на вештачење. Веднаш по случувањата, полицијата информира дека за настаните спроведува истрага што треба да ги расветли мотивите за поставувањето на бомбата.
Токму така, брзо расветлување на случајот, откривање на сторителите, мотивите и причините зошто го направиле тоа е повеќе од потребно. Зашто, кога ќе се споменат бомби и кашикари, асоцијациите секогаш нѐ враќаат некаде во минатото кога земјата беше потресувана од вакви немили настани. Без разлика дали се работи за конфликтот од 2001-та, атентатот со подметнатата бомба на претседателот Киро Глигоров или некои други инциденти.
Додуша, кај нас „пукаа бомби“ и преку објавувањето прислушувани разговори, но тежината на овие бомби со подметнувањето вистинска кашикари, и тоа пред училиште, е различна и бара адекватен третман. Пред сѐ, во насока на брзо расветлување на случајот.
Натаму, друг настан неделава што исто така имаше своевидна безбедносна димензија беше и изјавата на професорката по безбедност и пратеничка Фросина Ташевска Ременски, која по увидот во доказите за случајот „Рекет“, по исказот во обвинителството за медиумите изјави дека била цел на параполициски структури.
Ваквото тврдење, пак, отвора нови дилеми, кои се тие структури, во чиј интерес дејствуваат, дали можеби постои некаков притаен судир внатре во безбедносните служби и органи, зошто токму сега се случуваат вакви појави, дали можеби целта е да се дефокусира јавноста и да се намали острицата на безбедносните служби, можат ли ваквите појави да го нарушат демократскиот поредок на нашата земја и уште редица други прашања и потпрашања.
Од друга страна, во земјата во тек се и реформите на безбедносниот државен апарат со кој се реструктурира работата на агенциите за безбедност и контраразузнавање и самото МВР. Исполнувањето на реформите во безбедносниот сектор е еден од клучните предуслови за членство на Македонија во Европската Унија, но и политика со која ќе се извршат департизација и професионализација на службата, а во безбедносниот сектор ќе се врати довербата на граѓаните.
Во минатото бевме навикнати да слушаме бомби во јавноста, но тие одекнуваа единствено преку снимените телефонски разговори, кои единствено предизвикуваа политичка „експлозија“ во јавноста, која иницираше размислувања, дискусии и размени на ставови и дебатирања за актуелните случувања.
Но сега се регистрираат друг вид случувања и загрижувачки информации за подметнување бомби во близина на училишта, каде што несакана цел може да бидат малолетни деца.
Она што е симптоматично е дека овие настани се случуваат во многу специфичен период за земјата, во која ги изодуваме последните чекори кон НАТО, но и во време во кое се бориме да ги убедиме европските сојузници дека сме го заслужиле своето место во ЕУ и истовремено сѐ е во период во кој Македонија се подготвува за избори.
Затоа, во овој момент, треба да се има доверба во оние луѓе што ги водат истрагите за овие случувања, дека навремено и бргу ќе реагираат и ќе си ја завршат работата.
На тој начин, со откривање и санкционирање на овие и слични непожелни појави и нивните извршители, дополнително ќе се превенира и хипотетичката можност некои други и идни групи со уште посериозни намери за дестабилизација на земјата да помислат да се впуштат во исполнување некои темни сценарија. Тоа, на крајот на краиштата, е и основен услов за обезбедување стабилна држава, во која граѓаните нема да се плашат од подметнати бомби пред училиште или од дејствување на некоја параполициска структура.