ЕУ мора да ги дисциплинира своите членки да ги почитуваат малцинските права. Досегашните искуства со „необврзувачки“ конвенции, резолуции и други форми на „изразување загриженост“ на ЕУ за малцинските права, очигледно се покажуваат како слаба дисциплинска мерка за земјите-членки, кои со итроманство се оглушуваат на обврските за кои потпишале дека ќе ги спроведуваат. Таквото однесување на земјите-членки на ЕУ ѝ го наметнува предизвикот на Унијата да воспостави принципиелни механизми со кои поцврсто ќе им наметне на сите „во клубот“ да ги почитуваат и спроведуваат одлуките, резолуциите, конвенциите… на европските институции
Аргументацијата во обвинувањата за двојните стандарди во принципиелноста и функционирањето на ЕУ обично тргнува од почитувањето на малцинските права кај нејзините земји-членки, кои тврдоглаво не отстапуваат од своите национални позиции на игнорирање на темелниот принцип на Унијата за почитување и заштита на културната и јазична разновидност. При мапирање на земјите-членки на ЕУ, кај кои прашањето на етнички малцинства во нивната државна територија е национална табу-тема, црвеното светло би било најсилно токму кај соседите на Македонија, Бугарија и Грција. Секако, ЕУ-соседите на Македонија не се единствените во Унијата кај кои отворањето на оваа тема предизвикува нерасположение за дебата. Но токму темата за македонското малцинство, кое овие двете ЕУ-сосетки на Македонија (Грција и Бугарија) не го признаваат за постојно во своите држави, претставува клучниот јазол во кој Грција и Бугарија ги заплеткаа европските и евроатланските интеграции на Македонија во изминатите три децении. Нивната опседнатост со фрустрацијата од постоењето на македонското малцинство беше наметната и во Преспанскиот договор со Грција и во Договорот за добрососедство со Бугарија, преку дефинирање на „добрососедски услови“ со кои Македонија како држава се откажува од секаков интерес и помош на претставниците на македонското малцинство во овие соседни земји, во остварување на нивните, пред сѐ, човекови права. Каков било интерес на македонската држава за ова прашање, според договорите со Бугарија и со Грција, се констатира како мешање во внатрешните работи. Соочени со ваквата условена состојба, претставниците на македонските малцинства во Бугарија и во Грција, своите права почнаа да ги побаруваат преку институциите на ЕУ. На тој терен битката изгледа посложена, но иако бавно и бирократски нештата за почитување на правата на малцинствата сепак се придвижуваат, што предизвикува барем вознемиреност кај политичките елити во овие земји.
Имено, Европскиот парламент пред десетина дена заклучи дека националните и јазичните малцинства во ЕУ се соочуваат со асимилација и ги губат своите јазици. Констатирајќи ја таквата состојба, во ЕП беше изгласана Резолуција за малцински безбедносен пакет, изразувајќи став дека земјите-членки на Унијата се одговорни за заштита на правата на малцинствата. Во парламентот за оваа резолуција, која беше резултат на иницијатива поднесена со петиција потпишана од над еден милион граѓани од ова европско семејство, гласаа 524 европратеници, 103 беа воздржани, а дури 67 беа против. Преку резолуцијата, европратениците јасно порачаа дека националните и јазичните малцинства во ЕУ се соочуваат со асимилација и ги губат своите јазици, дека регионалните јазици мора да се промовираат, јазичните права да се заштитат таму каде што се користи повеќе од еден службен јазик, а јазичните заедници да се бранат во согласност со основните права. ЕП исто така ја изрази својата загриженост за алармантното зголемување на злосторствата од омраза и од говорот на омраза против лица што им припаѓаат на малцински групи. Безбедносниот пакет за заштита на малцинските права содржи препораки на ЕУ за заштита на културната и јазичната разновидност; програми за финансирање мали јазични заедници; создавање центар за јазична разновидност; фондови за регионален развој на ЕУ за покривање на заштитата на националните малцинства; истражување за вредноста на малцинствата во нивните општества…
Иако оваа резолуција на ЕП беше долгоочекувана од претставниците на македонското малцинство во Грција и во Бугарија, тие сепак се воздржани во оптимизмот дека таа ќе направи пресврт во односот на овие земји спрема малцинствата. Таквата воздржаност произлегува од искуството дека овие две земји и досега вешто избегнуваа да ги спроведуваат претходните конвенции и резолуции за правата на малцинствата, за кои сметаат дека не би им се одразиле во пристапот до европските фондови. Грција, на пример ја има потпишано Конвенцијата за заштита на малцинските јазици, но ја нема ратификувано… Бугарија ја има и ратификувано Европската конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, но нема механизми што би ја натерале да ги спроведе преземените обврски спрема малцинствата. Дури одбива и да ги спроведе пресудите (13 досега) од Европскиот суд за човекови права, според кои, треба да овозможи регистрација на здруженијата со македонски етнички предзнак, за што е предупредена и од Комитетот на министри на Советот на Европа, дека треба да го стори тоа до 1 јуни 2021 година. Ова предупредување од Советот на Европа го вознемири бугарскиот премиер Бојко Борисов, но и дополнително ги заплетка македонско-бугарските релации во врска со почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.
Досегашните искуства со „необврзувачки“ конвенции, резолуции и други форми на „изразување загриженост“ на ЕУ за малцинските права, очигледно се покажуваат како слаба дисциплинска мерка за земјите-членки, кои со итроманство се оглушуваат на обврските за кои потпишале дека ќе ги спроведуваат. Притоа, бараат билатералните договори да се претворат во „библија со услови“, кои мора да ги испочитуваат земјите-кандидатки, пред сѐ Македонија. Таквото однесување на земјите-членки на ЕУ ѝ го наметнува предизвикот на Унијата да воспостави принципиелни механизми со кои поцврсто ќе им наметне на сите „во клубот“ да ги почитуваат и спроведуваат одлуките, резолуциите, конвенциите… на европските институции. Во однос на спроведувањето на Резолуцијата за малцински безбедносен пакет, сега би требало Европската комисија да предложи законски акти за заштита на јазиците на малцинствата и на повеќејазичноста, кои сите земји-членки на ЕУ ќе треба да ги усвојат како дел од своето законодавство, но и да се усвојат акти што ќе гарантираат минимум стандарди за правата на малцинствата. Секако, ЕУ треба да настапи построго во однос на непочитувањето на нејзините членки на принципите на кои е поставена самата и да го санкционира неспроведувањето на заедничките одлуки.