Институциите треба сериозно да поработат на меѓусебна соработка и да ги превенираат, спречат или максимално да ги намалат последиците од несреќите предизвикани од животни на патиштата во државава. Но сѐ почестите
инциденти наложуваат и итно отпочнување репресивна политика и на ова поле, бидејќи сѐ помали се надежите дека нешто ќе се смени, а материјални штети и закани за човечките животи има сѐ повеќе
Безбедноста во патниот сообраќај е еден од најголемите предизвици за надлежните, но и еден од најголемите ризици што ги преземаат возачите штом тргнат на некое патување во земјава. Факт е дека ние не сме европска земја, а уште поголем факт е и тоа дека културата ни е на многу ниско ниво. Можеме да сонуваме за сообраќај и сообраќајна култура како во Швајцарија, Австрија или Германија, бидејќи ниту патиштата кај нас дозволуваат непречено сообраќање, ниту, пак, културата кај возачите е на високо ниво, за што доволно говори секојдневието, не само во метрополата туку и воопшто во земјава. Малолетници управуваат возила, полнолетни возачи се однесуваат како камикаѕи, возејќи премногу над дозволеното. Доволно е само да се прочитаат билтените на Министерството за внатрешни работи, каде што нема ден, а да нема барем едно превртено возило по автопатите и регионалните патишта.
Ако ја тргнеме неспособноста за здраво размислување кај голем дел од возачите, кои се коцкаат со своите животи, најголемата енигма во земјава се дивите и домашните животни на патиштата, па дури и на автопатиштата, кои треба и мора да бидат заштитени, со оглед на брзината со која се „прелетуваат“ овие делници.
За жал, ризикот по животот на возачите двојно се зголемува поради ваквата појава на животни онаму каде што воопшто не им е местото.
Срни, диви свињи, лисици, зајаци, кучиња, мачки, крави, овци, кози, се само мал дел од мини-зоолошката градина што ја нудат автопатиштата низ земјава, а наедно и една од најголемите причини да предизвикате сообраќајна несреќа – не по ваша вина.
Но сепак, човечкиот фактор е тој што е причина за дел од црниот смртоносен данок по улиците во земјава. Ако се земе предвид статистиката на МВР, дури 505 сообраќајки во земјава се случиле за три години, како последица на излетување на животните. Доколку на сето тоа се додадат и информациите од билтените за многубројните превртени возила на покрив на автопатот Скопје – Тетово, а податоците на МВР покажуваат дека токму во СВР-Тетово за 2019, 2020 и 2021 година до август, се регистрирани дури 199 сообраќајки предизвикани од животни, станува јасно колку всушност овој автопат е безбеден за возење со брзина од 100 километри на час.
Нешто слично е и со Скопскиот Регион, кој по бројот на вакви несреќи е веднаш зад Тетово – 74. Само на автопатот Скопје – Велес се случиле 19 сообраќајки со животни за тие три години.
Како и секој автопат, и нашите имаат или барем треба да имаат заштитна мрежа чија намена е токму таа, да ги спречи животните да излетуваат на патот и со тоа да бидат причина за несреќи.
Причина? Како и секогаш, човечки фактор.
Зошто? Крадење на мрежата, најчесто за локалните жители околу клучките да можат да си прелетуваат како тоа да е мала локална уличка, а не автопат каде што се вози и со 120 километри на час. Има уште многу причини. На пример имале потреба да направат кокошарници, да си го оградат дворот, бидејќи хроничното крадење на заштитната мрежа не се мери во милиметри, туку оди и до стотина метри.
Виновник? Па се знае, кај нас секогаш се виновни институциите, иако во оваа ситуација воопшто не се и се со врзани раце. Не можат да бидат стражари на одредени делници, ниту, пак, тоа им е обврска. Како и во секој нормален свет, тоа што се поставува се поставува заради безбедност и никој не очекува дека некој од граѓаните токму тоа ќе го уништи ризикувајќи им ги животите на сите. А и не знам што се очекува кога во нашиот ментален склоп изгледа стои код за самоуништување во сите аспекти од животот. Во нашава земја се крадат дури и садници, се уништуваат детски лулашки, па не знам зошто сите сме зачудени од крадењето на заштитната мрежа.
За жал, од „Македонија пат“ немаат многу опции, освен да продолжат да ги трошат државните пари поради вандалското уништување на граѓаните, чии животни најчесто излетуваат на автопатиштата.
Трагично е тоа што домашните животни се пуштени слободно да се движат, а искинатата мрежа им го отвора патот и на автопатиштата, па кога некое возило ќе удри во животното, сопствениците никогаш не се појавуваат да си го земат животното.
Знаат дека ќе треба да сносат одговорност, особено доколку животното е причина за фатална несреќа со човечки жртви.
Институциите треба сериозно да поработат на меѓусебна соработка и кога ќе се случи несреќа со животно на некој од локалните жители, кое патем е обележано и лесно може да се констатира чие е, да наплатат дебела казна, а доколку има човечка жртва, за тоа легално да си одлежат и затворска казна. Кога ќе се почне од еден, дури тогаш сите ќе се свестат и од страв по сопствениот живот ќе почнат да водат сметка за тоа каков хаос предизвикуваат и колку животи носат на душа.
Сѐ додека не се почне со репресивна политика и на ова поле, нема многу надежи дека нешто ќе се смени.