Она што се случи во врвот на Министерството за правда, за жал, наликуваше повеќе на епизода од комична ТВ-новела со медиумско покровителство, отколку на редовна работна процедура во една сериозна државна институција на една нормална европска земја. Зачудува, па дури и фрапира сознанието дека првите луѓе на една висока државна институција, чиј назив имплицира надлежности за подготовка и спроведување прописи и процедури од областа на законодавството, нивно усогласување и синхронизирање со внатрешното, но и со надворешното право и правото на ЕУ, имаат проблем со внатрешните стандардни оперативни процедури, со принципите на работењето, како и, веројатно, со почитување на законските прописи во врска со материјата, во овој случај со помилувањето… Несфатливо…
Домашната јавност вчераутро пиејќи го утринското кафе се расони со преписката и серијата изјави во медиумите од страна на министерот за правда и неговиот заменик, поврзани со предлог-листата од 48 имиња на осуденици што би можеле да бидат помилувани во редовна процедура и во согласност со Уставот од страна на претседателот на државата.
Имено, сѐ започна кога во јавноста протече листата со лица за новогодишните делумни и целосни помилувања на осудениците, постапка што се спроведува редовно секоја година. Некои од порталите отидоа дотаму што дури, повикувајќи се на „сопствени извори“, ги објавија имињата на потенцијалните кандидати за овој чин.
Веднаш потоа, во јавноста преку социјалните мрежи за овие состојби се огласи заменик-министерот Агим Нухиу, кој изјави дека не се согласува со листата на имиња што се нашле на оваа листа и најави дека институционално ќе реагира. Но по природата на нештата во македонската политика, медиумското обраќање доби приоритет над институционалната интеркомуникација, па на Нухиу медиумски му реплицираше првиот човек на Министерството за правда, Бојан Маричиќ. Министерот ја искористи можноста да нагласи дека немало потреба од загриженост бидејќи некои од спорните имиња што ги забележал заменикот, немало да се најдат на финалната верзија на документот, која треба да стигне до шефот на државата, Стево Пендаровски.
Сето ова што се случи, за жал, наликуваше повеќе на епизода од комична ТВ-новела, со медиумско покровителство, отколку на редовна работна процедура во една сериозна државна институција на една нормална европска земја. Зачудува, па дури и фрапира сознанието дека првите луѓе на една висока државна институција, чиј назив имплицира надлежности за подготовка и спроведување прописи и процедури од областа на законодавството, нивно усогласување и синхронизирање со внатрешното, но и со надворешното право и правото на ЕУ, имаат проблем со внатрешните стандардни оперативни процедури, со принципите на работењето, како и, веројатно, со почитување на законските прописи во врска со материјата, во овој случај со помилувањето… Несфатливо…
И нормално, веднаш се поставува прашањето во што е проблемот – како е можно највисоките двајца функционери да немаат координација и да се однесуваат како рогови во вреќа, па да се дообјаснуваат преку медиуми. Очигледно, некој ги пренебрегнува пропишаните процедури и пропишаните норми, кои законски треба да бидат исполнети, бидејќи не се работи за нечиј самослик заедно со омилениот лик за да го види целото маало, туку за список на луѓе што би биле помилувани за Нова година. Законски, се разбира. А сите луѓе што се од онаа страна на бравата очекуваат, се надеваат, посакуваат да се најдат на тој „дедомразовски“ список, но не сите ги исполнуваат критериумите за тоа.
И откако се издообјаснија преку медиумите првите двајца луѓе на министерството и откако јавноста со право реагираше жолчно поради какофонијата што се создаде, дојде ново изненадување од министерството. Заменик-министерот за правда, Агим Нухиу, повторно отиде на Фејсбук за да објави дека Министерството за правда ја повлекло листата. За докрај да се „испеглаат“ работите и некој да не помисли дека имало некакво несогласување меѓу министерот и неговиот заменик, Нухиу ја дополни објавата со заедничка фотографија од нив двајцата.
Ете, така функционираат кај нас правдата и правото. Тоа е првата помисла кога ќе ја заокружите оваа драмолетка во три чина за утринско и пладневно расположение на граѓанството.
Од каде да започне човек? Не покажува ли и овој, последниов чекор, колку и да изгледа дека со него работите се измазнети, дека не само што се работи за неспроведување на процедурите како што е пропишано туку одеднаш се појавуваат и долгите опашки од сето ова.
Значи ли ова дека сега одеднаш министерот не стои зад предлогот што претходно го подготви за испраќање кај претседателот на државата. Од друга страна, каква е пораката што од највисокиот врв на министерството се испраќа до оние многубројни институции што се во негова надлежност. Што да се очекува од министерството што треба да се грижи за спроведување на правото, а кое не е во состојба да се искоординира ниту за еден обичен список, за кој е пропишана соодветна процедура, избрана е комисија за негово составување…
Збунети се и граѓаните, кои очекуваат од државните институции да бидат пример за спроведување на законите и протоколите.
Не би сакале ниту да помислиме како на ваквите постапки гледаат странците, кои упорно се обидуваме да ги убедиме дека знаеме како да се организираме и како такви да се вклучиме во Европа.
Не треба многу за да се поврати довербата во домашната јавност, а патем да испратиме некој навистина позитивен сигнал во таа толку посакувана Европа. За почеток да се седне на редовни состаноци, утрински брифинзи или колегиуми на кои ќе седнат како тим засегнат за најважните прашања во оваа држава и да ги разгледаат можните решенија. Сѐ додека се гледаат теснопартиските или теснонационалните аспекти на секој проблем, тешко дека ќе нѐ огрее сонцето од Запад, колку и да го посакуваме.
Од сето кажано, она што може да се заклучи без грам сомнеж е дека новиот мандатар со сигурност го очекува исклучително тешка и политички жешка зима. Тој ќе треба да ги усогласи програмските заложби на голем број коалициски партнери, но и да го наштима раштиманиот оркестар во највисоките ешалони на власта, кои во моментов се однесуваат како во театарска пародија на која граѓаните гледаат со неверба.