Во нашиот општествен колективен менталитет има дефицит на ред и дисциплина. Веројатно и историските околности придонеле за тоа. Можно е тоа да е главниот проблем што се носиме со кризата онака како што се носиме. Редот подразбира мерки, почитување, но и санкции за прекршителите. Кога има ред и тој се почитува, тогаш и рестрикциите ќе бидат помали, но и, што е најважно, економските оператори ќе функционираат нормално, бидејќи искуството од март и април покажа дека карантините и стопирањето на бизнисот не само што не е решение туку е и генератор на економски и финансиски кризи
Има една стара македонска поговорка, која е кратка и јасна, но опишува многу животни ситуации – од главата си патиме! Токму така нашите предци си ги објаснувале состојбите што им се случувале, а со тоа, истовремено и прифаќале голема доза самокритичност. Колку ова што денес ни се случува може да кореспондира со оваа народна поговорка е прашање на анализа, но едно е јасно, во еден добар сегмент од оваа корона-криза, кај нас луѓето недостига токму елементот на самокритичност. Да признаеме дека во екстремниот раст на нови позитивни случаи на ковид-19, вината е токму кај нас луѓето.
Хипотетички успешноста на мерките зависи од нивното почитување. Логично на тоа, ако сите носиме маски, одржуваме хигиена и држиме дистанца еден месец, коронавирусот ќе беше многу помалку опасен. Но тоа е така само во научните погледи на светот, во реалноста светот не функционира така.
Затоа тука се и мерките што државата ги носи како форма на ограничување и рестрикции. Досегашната практика во овие седум месеци, колку што светот се бори со оваа пандемија, покажа дека мерките, а честопати и ограничувањата не се почитуваат, а со тоа и не даваат резултат.
Во нашиот општествен колективен менталитет има дефицит на ред и дисциплина. Веројатно и историските околности придонеле за тоа. Можно е тоа да е главниот проблем што се носиме со кризата онака како што се носиме. Редот подразбира мерки, почитување, но и санкции за прекршителите. Кога има ред и тој се почитува, тогаш и рестрикциите ќе бидат помали, но и, што е најважно, економските оператори ќе функционираат нормално, бидејќи искуството од март и април покажа дека карантините и стопирањето на бизнисот не само што не е решение туку е и генератор на економски и финансиски кризи.
Што треба да направи државата? Како треба да се однесуваат луѓето? Кои се најсоодветните мерки? Можеме ли подобро и поодговорно да функционираме?
Сѐ ова се прашања на кои различни луѓе, различни општествени фактори, различни институции ќе дадат различни одговори.
Сепак, сите овие дилеми треба да имаат еден заеднички именител, од кој треба да се водиме сите. А тоа се нашето здравје, економската функционалност и борбата против пандемијата. Ако сите овие цели ги имаме како врвен приоритет, тогаш ќе го воспоставиме редот на функционалноста.
Последните пакет мерки за намалување на бројот на новозаболени од ковид-19, кои ги предложи министерот за здравство Венко Филипче за усвојување до Владата, се сите економски оператори да работат до 23 часот, да се ограничи капацитетот во јавниот превоз до 50 отсто, забрана на јавни настани и препорака до целата државна и јавна администрација, до општините и судовите, во согласност со механизмот на работа, работниот процес да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак, редуцирано со систем на ротации и секоја од институциите во согласност со карактеристиките на работниот процес.
Претходно, пак, беа предложени мерки за задолжително носење маска на отворено, забрана по 23 часот за групирање на отворено и забрана за семејни собири на повеќе од четворица гости, за чија примена се потребни законски измени во Собранието.
Сите мерки што сега ги предлага Владата се мерки што се однесуваат на ограничувања, но суштината е што со порастот на нови случаи и со новите мерки, државата мора итно да се фокусира и на мерки што ќе значат повторно помош за бизнисот. Тоа мора да биде паралелен процес, за да не се случи револт што, како во некои европски држави, може да се претвори во масовни протести, а протести во вакви услови на раст на бројот на заболени е најмалку што ни е потребно. Економијата мора да продолжи да функционира, и тоа сериозно да биде потпомогната од државата
Сите овие мерки што сега ги предлага Владата, се мерки што се однесуваат на ограничувања, но суштината е што со порастот на нови случаи и со новите мерки, државата мора итно да се фокусира и на мерки што ќе значат повторно помош за бизнисот. Тоа мора да биде паралелен процес, за да не се случи револт што, како во некои европски држави, може да се претвори во масовни протести, а протести во вакви услови на раст на бројот на заболени е најмалку што ни е потребно. Економијата мора да продолжи да функционира, и тоа сериозно да биде потпомогната од државата.Борбата против пандемијата е успешна само ако е спој на човечката свест за самокритичност и одговорност со државната политика на квалитетни и оправдано нужни мерки, кои мора да бидат баланс на здравјето и економијата. Во овие времиња на светска пандемија, еднакво важно е да се има квалитетни мерки за заштита на здравјето, кои ќе значат и функционална економија, но наедно и економски мерки за поддршка на погодените бизниси. Така воспоставениот ред треба да подразбира негово почитување, а не негово изигрување и заобиколување.
На крајот од денот, време е веќе да се научиме на грешките. Старите наши велат, паметните учат на туѓите грешки, а глупите на сопствените, а будалите веројатно не учат воопшто, тие само ги повторуваат истите грешки.
Или како што би рекол Ајнштајн, лудост е секој ден да правиш иста работа, а да чекаш различен резултат.
За да не си патиме од главата, да се посветиме на одговорноста за сите нас.