Македонија во случајот на решавање на бугарското вето не треба да отстапи од принципите на ЕУ и сѐ почесто да ја потсeтува за нејзината базична поставеност на мултиетничноста, мултијазичноста и почитувањето на правата на малцинствата. За разлика од соседите, правата на малцинствата во Македонија се речиси врвен политички приоритет и може да се каже дека нивното спроведување ги надминува и европските стандарди. Но кога Европа ќе ги натера и своите членки Бугарија и Грција да ги почитуваат правата на Македонците во тие земји?
Многу контрадикторни пораки од бугарските политичари беа упатени до Македoнија, поврзани со веќе и така многу компликуваниот почеток на преговорите со Европската Унија, а по повод 149 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Бугарскиот вицепремиер, министер за одбрана и предводник на бугарската кампања за оспорување на посебноста на македонскиот национален идентитет, Красимир Каракачанов, упати уште едно провокативно“предупредување“ дека Македонија може да влезе во ЕУ доколку ѝ се придружи на Бугарија или ако стане провинција на Албанија. Пораката, пак, на бугарскиот премиер Бојко Борисов е во поинаков тон, со изрази за надеж (но не и ветување) дека „обединети на заедничкиот пат на европските интеграции“ ќе се има мудрост 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев да се прослави заеднички со „пријателите и браќата од Македонија“. Одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев, од бугарска страна повторно беше искористено за провоцирачки пораки од бугарските политичари на официјалната фејсбук-страница на македонскиот премиер, Зоран Заев, во кои беа повторени бугарските анахрони, но позиции од кои не се откажуваат, а се сведуваат на намерата да ги „освестат Македонците дека се Бугари“. Едната линија на нападот на посебноста на македонскиот национален идентитет пред ЕУ се води токму преку настојувањата на најголемиот револуционер посветен на борбата за слобода и независност на Македонија, обединувачка историска фигура за сите Македонци, Гоце Делчев, да му се припише (и признае од страна на македонската држава) наводна бугарска етничка припадност. Втората линија на бугарскиот негаторски фронт против Македонија пред ЕУ е позицијата за непостоење на македонско национално малцинство во Бугарија. Во суштина, Софија не се откажува од настојувањата да ги запре барањата на Македонците во Бугарија да им биде овозможено право на граѓанско здружување, што би значело признавање на македонското малцинство. Проблемот за официјална Софија, со барањата и пресудите на Европскиот суд за човекови права во корист на претставниците од македонското малцинство во Бугарија, според нивната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, ќе се реши кога „официјално Скопје ќе признае дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени“!
Иако за европските фактори ваквите побарувања на Бугарија се неразбирливи, нереални и воопшто не се во согласност со критериумите на ЕУ за проширување, во актуелната состојба на македонско-бугарските односи реалноста е дека е формирана мешана историска комисија (како резултат на Договорот за добрососедство од 2017-та), која работи на вивисекција на македонскиот национален идентитет. Дипломатската дефиниција на работата на оваа комисија во Договорот за добрососедство се сведува главно „на усогласување на историските содржини во учебниците“ во образовните програми на двете соседни земји, но од состанок до состанок се претвори во расчленување на „составни делови“ на македонската посебност на националното постоење: македонскиот јазик, посебната историја, етничката припадноста на националните херои…, со тенденција временски да се сведе од 1944 година.
На наредниот состанок на комисијата, кон крајот на месецов, предмет на етничка вивисекција треба да биде токму ликот и делото на Гоце Делчев, зашто првичната идеја да се најдат поврзувачките елементи од неговото револуционерно дејствување, за заедничко чествување во Македонија и во Бугарија, се претвори во тврд став на изнуда на бугарската страна за неговото етничко дефинирање како Бугарин.
Сите нишки на сѐ покомплицираните македонско-бугарски односи се заплеткуваат во деформиран јазол, кој сѐ помалку може да се расплетка со повикување и примена на принципите и критериумите на ЕУ кога станува збор за почнување на Македонија со преговорите за членство во Унијата. Тоа се покажува во немоќта или недостигот од желба во ЕУ да ѝ укаже на Бугарија дека треба да ги почитува принципите на Унијата за мултиетничност и мултијазичност, токму преку спроведување позитивни малцински политики на внатрешен план. Досега на телата на ЕУ не им успеа да ја натераат Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права за овозможување услови за регистрација на македонските здруженија.
Последниот рок што ѝ е доделен на Бугарија од Советот на Европа за спроведување на пресудите е 1 јуни годинава. Речиси идентичен е случајот и со Грција, но по Преспанскиот договор, на ЕУ и воопшто меѓународната јавност како да им се тргна товарот за каков било принципиелен притисок врз Грција, поради почитување на правата на македонското малцинство, сметајќи го тоа прашање како решен случај – односно дека Македонија се откажала од малцинските побарувања. Амбициите на Бугарија се во ЕУ да го стекне статусот на Грција во однос на македонското малцинство во својата земја. За разлика од соседите, правата на малцинствата во Македонија се речиси врвен политички приоритет и може да се каже дека нивното спроведување ги надминува и европските стандарди.
Таквите состојби создаваат впечаток на непочитување на европските принципи и конвенции за малцински права и за заштита на малцинските и регионалните јазици на Советот на Европа токму од самата ЕУ. Сепак, Македонија во случајот на решавање на бугарското вето не треба да отстапи од принципите на ЕУ и сѐ почесто да ја потсетува за нејзината базична поставеност на мултиетничноста, мултијазичноста и почитувањето на правата на малцинствата.