Сега повеќе од кога било е потребен нов сенс и приод кон политиката генерално.
Во државата има толку многу напластени проблеми што чекаат за решавање што неодложно и итно е потребно трисменски да се работи и на сузбивање на корупцијата, спречување и искоренување на непотизмот, заложби за владеење на правото и независно судство итн.
И официјално нашата татковина доби ново име. Од 12 февруари 2019 г. и формалноправно сме Република Северна Македонија и тука веќе нема што да се прави, му се допаѓало тоа некому или не.
Реалноста во врска со преименување, чекор по чекор, станува сѐ повидлива насекаде околу нас од промена на таблите на граничните премини, промена на ознаките на институциите, нови печати во пасошите, налепници на регистарските таблички па до впишување на новото име на државата во меѓународните институции како ОН, ЕУ, НАТО…
Изминатиот период во јавноста и низ медиумите се водеше жолчна полемика за (не)оправданоста на ваквиот чин. За историскиот, политичкиот, законскиот, меѓународно правниот, демократскиот, етичкиот аспект низ кој помина и беше изведена целата операција за промена на името.
Сега сето тоа е зад нас. Битката е загубена или добиена, зависно од аголот на гледање, кој за што се залагал и какви позиции застапувал. Како одминува времето многу е веројатно и темата целосно да се заборави.
Но она што ќе остане забележано во историските, научните и пред сѐ правните читанки и трудови се, пред сѐ, начинот и постапката со кои државата беше принудена да го смени името. Овие аспекти и понатаму, односно долги години ќе бидат предмет на анализа, студии и истражувања на експертската јавност.
И бидејќи ова прашање во изминатиот период беше надолго и нашироко елаборирано во овој прв текст по промената на името на држава сакам да се осврнам на една друга посебност, необичност или чудна коинциденција поврзана со преименувањето на државата.
Имено случајно или намерно, придавката северна го пробиваше патот и навлегуваше во нашите животи, главно во глува доба.
Процедурата, повеќето клучни одлуки, гласањата беа спроведени, што би рекол народот во трета смена, во доцните ноќни часови, по истекот на вообичаеното работно време.
Според законските одредби, претставничкиот дом е во постојано заседание, што значи дека може да носи одлуки во секое време, но она што е карактеристично за носењето на одлуките поврзани со Преспанскиот договор и преименување на Македонија е фактот што седниците секогаш се закажуваа за 11 часот претпладне, за потоа да се одложуваат и по неколкупати и носењето на одлуките да биде пред полноќ па дури и потоа.
На тој начин беше донесена одлуката да се пристапи кон уставни измени, кога првпат се обезбеди и двотретинското мнозинство, по истиот модел, на носење одлуки доцна во ноќта се продолжи и понатаму до конечното гласање за усвојување на амандманите за промена на Уставот и името на државата.
Финалната одлука за стапување во сила на новото име ја дознаваме исто така во доцните вечерни часови (вторник наспроти среда).
Претходно работењето во трета смена најевидентно беше демонстрирано и преку изненадното исчезнување, повторно ноќе, на написот Република Македонија на зградата на Владата. Нешто слично се случуваше и во Грција во однос на Преспанскиот договор.
Дописот за ратификацијата на протоколот, со што и официјално требаше да стапи во сила преименувањето на државата беше испратен во вечерните часови. Дали има и која е симболиката на ваквите ноќни случки, и влечење клучни потези поврзани со преименувањето на државата, тешко е да се каже и може само да се претпоставува.
Но светските искуства при носењето на толку важни одлуки пред полноќ или потоа, обично се карактеристични за ситуации кога одредена државата се наоѓа во вонредна, воена или некоја друга загрозувачка состојба. Во случајот ниту во Македонија ниту во Грција не постоеја ниту најмали сигнали за такво нешто.
Изборите се пред нас и секој има шанса да покаже како ги сфаќа и разбира и функцијата и политиката, генерално. Граѓаните ќе знаат да ја препознаат промената. И, секако, соодветно да го казнат или да го наградат тоа
Или можеби одредени внатрешни и надворешни геополитички сценаристи и стратези токму така ја сфатиле целата оваа операција околу преименувањето, па се работело нонстоп (и во трета смена) додека не се заврши целата постапка на начин како што се заврши.
И додека клучните одлуки и постапки за преименување на државата се одвиваа во трета смена, на друга страна вработувањето и полнењето на администрацијата со роднини, баџанаци браќа, сестри, балдази, мајки, снаи, тетки, внуци си течеше нормално во прва смена.
Ауу па како не ми текна претходно. Ноќните седници и не биле случајни.
Веројатно преку ден одредени политичари и функционери биле зафатени и трчале да ги завршат сите формалности и процедури околу вработување и удомување на своите роднини на државни јасли. Да го тргнат прво тој товар од глава, за да можат полесно да мислат за државата.
Па така, после кога ќе падне мрак пред полноќ растоварени и со „бистра глава“ да му ја мислат за државата, за Уставот, амандманите и сѐ она што одеше во пакет со преименувањето на државата.
Сепак ако се вратиме наназад ќе забележиме дека работењето во трета смена на политичарите и носењето на клучни одлуки не е новина, туку се провлекува се години. Би рекол дека тоа е своевиден македонски политички специјалитет.
Не беше толку одамна кога новинарите чекаа по цела ноќ пред резиденцијата на амбасадорот на ЕУ во Пржино да слушнат што договориле политичките лидери. Еврокомесарот Хан, кој исто така беше чест гостин, (или домаќин можеби е поточно) на тие разговори даваше изјави во 2-3 часот по полноќ. Во една таква пригода, исто така во глува доба, ги распиша дури и изборите во земјава односно го соопшти датумот кога тие да се одржат иако според закон само Собранието може да распише избори.
Или се сеќавате на паролата 24/7, што требаше да симболизира дека освен работа нема ништо друго. Па на приказните, од тоа време, за вклучени светла во Владата и по полноќ што требаше да асоцира дека некој таму уште напорно работи?!
Е сега што се сработи и каква корист видоа граѓаните јасно ни е на сите. Од толку многу работи во трета смена и грижа на политичарите за граѓаните, ни се испразни државата и сѐ повеќе млади и способни кадри се решаваат да ја напуштат. Да заминат засекогаш.
Затоа текстот би го завршил со една порака до политичарите од власта и од опозицијата.
Сега повеќе од кога било е потребен нов сенс и приод кон политиката генерално.
Во државата има толку многу напластени проблеми што чекаат на решавање што неодложно и итно е потребно трисменски да се работи и на сузбивање на корупцијата, спречување и искоренување на непотизмот, заложби за владеење на правото и независно судство итн.
Изборите се пред нас и секој има шанса да покаже како ги сфаќа и разбира и функцијата и политиката, генерално. Граѓаните ќе знаат да ја препознаат промената. И, секако, соодветно да го казнат или да го наградат тоа.