Повредите и смртните случаи на работните места, иако најголеми, не се единствените проблеми со кои се соочуваат работниците во Македонија. Многубројни се професионалните заболувања што тие ги добиваат во текот на работата, и тоа е уште еден сегмент на кој мора да се обрне внимание и да се создадат услови луѓето да бидат заштитени од разни опасности при извршување на своите работни обврски. И тоа е еден од начините да се зачува човечкиот капитал во земјава
Речиси секој ден во медиумите се појавува барем по една информација за повредени или за загинати работници на работното место. „Загина работник на градилиште во Кисела Вода“, „Во Велес тешко повреден работник“, „Повреден работник што работел на санација на канализација во Свети Николе“, „Повреден работник во рудник“, „Еден загинат, четворица повредени, комбе со вработени се преврте кај Јасен“… Ова се само некои од насловите што во изминатиов период, меѓу другото, ја вознемируваа јавноста.
Македонија, според статистиките, важи за земја со највисок процент на повредени работници за време работа во регионот и во Европа. Уште потрагично е што статистиките укажуваат дека наместо да се намалуваат бројките на повредени и на починати работници во текот на работното време, тие се зголемуваат.
Извештаите за несреќи при работа на Македонското здружение за заштита при работа покажуваат раст на повредените работници. Имено во 2017 година, според нивните анализи, се случиле 158 несреќи при работа, од кои дури 24 биле фатални. Притоа се смета дека стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,22 проценти, или поточно на секои 100.000 вработени, загинуваат 3 до 4 вработени. Стапката на смртни случаи при работа е зголемена во споредба со 2016 година, кога изнесувала 2,62.
Извештајот за 2016 година вели дека се случиле 94 несреќи при работа, со 19 повреди со смртен исход. Во 2015 година, пак, имало 144 несреќи при работа, од нив 39 биле фатални, а во 2014 имало 130 несреќи при работа, со 42 смртни случаи. Оваа година, иако сѐ уште не е завршена, се претпоставува дека бројот на повредени и на загинати на работните места уште повеќе се зголемил. Според одредени пресметки, кои сѐ уште не се финални, до септември се евидентирани околу 100 повреди и 30 смртни случаи на работа.
Македонија важи за земја со највисок процент на повредени работници за време работа во регионот и во Европа. Уште потрагично е што статистиките укажуваат дека наместо да се намалуваат бројките на повредени и на починати работници во текот на работното време, тие се зголемуваат
Овие бројки јасно укажуваат дека работниците или не се доволно заштитени во текот на работата или, пак, дека не се почитуваат процедурите за заштита при работа што, за жал, на крајот резултира со повреди, па дури и со смртни исходи.
Иако, според укажувањата на работодавците и на здруженијата за заштита на работниците во Македонија, Законот за безбедност и здравје при работа е усогласен со европските закони, јасно е дека тој не го постигнува потребниот ефект.
Мора да се издиге свеста кај сите засегнати страни за да им се спасат животите на работниците. Не е дозволиво во денешно време толку многу работници да загинуваат на своето работно место. Укажувањата се дека најмногу работници починуваат во земјоделството, градежништвото, рударството и во прехранбената индустрија. Иако ова се променливи податоци, сепак, е факт дека имаме премногу повредени и загинати работници.
Едноставно нешто мора да се промени во Законот за безбедност и здравје при работа, кој е во примена веќе 11 години, но и во контролата на неговото спроведување.
Како најчесто споменувани причини што доведуваат до несреќи на работа се невниманието на работниците, неносењето заштитна опрема при работа, но и неодговорниот однос на работодавците и раководниот кадар во доследната примена на прописите од областа на безбедноста и здравјето при работа, неизвршената процена на ризик, необученоста на работниците за безбедна работа, неизвршените здравствени прегледи на вработените, небезбеден работен простор…
Затоа сметаме дека е неопходно стручните лица во компаниите, кои имаат положен испит за безбедност и здравје на работа, да имаат поголемо влијание во компаниите, особено во доменот на заштита на работните места. Исто така треба да се утврди одговорност за работодавецот и за лицето задолжено за безбедност и здравје при работа. Секако, неизбежно е да се зајакнат и државните институции, односно да се зајакне нивната улога во заштита на работниците на работното место. Очигледно е дека законот како закон не е доволен, дека се неопходни почести контроли, инспекции во работните средини, кои важат за поопасни, или во кои почесто се случуваат несреќи.
Жалосно, трагично и недозволиво е во денешно време, личност што заминала на работа и која домашните ја очекуваат во секое време да пристигне дома, да добијат тажна вест дека нивниот татко, дедо, брат… загинал на работното место.
Сите заедно ја носиме улогата за заштита на сопствениот и животот на колегите до нас, пред или зад нас. Но и за оние што на некој начин се под нас во хиерархиската поставеност на компаниите, и притоа мора секој да води сметка работниците да се вратат од работа здрави.
Мора да истакнеме исто така дека повредите и смртните случаи на работните места, иако најголеми, не се единствените проблеми со кои се соочуваат работниците во Македонија. Многубројни се професионалните заболувања што тие ги добиваат во текот на работата, и тоа е уште еден сегмент на кој мора да се обрне внимание и да се создадат услови луѓето да бидат заштитени од разни опасности при извршување на своите работни обврски. И тоа е еден од начините да се зачува човечкиот капитал во земјава.