Потребно е да се реформира образованието, за да може да добиеме квалификувани кадри со знаење и умешност, кои ќе понудат решенија за зголемување на продуктивноста и иновативноста, како и реализација на капиталните инвестиции за да се забрза прометот низ европскиот сообраќаен коридор
Пандемијата на ковид-19 покажа колку сме како земјa ранливи и соочени со предизвици од економски аспект, постојат структурни слабости што ја следат нашата економија од почетокот на транзицијата, а кои во време на кризи особено доаѓаат до израз. Но сепак по завршувањето на пандемијата, пред Македонија и пред цел Западен Балкан се јавуваат нови можности за економски развој, но нивното остварување ќе зависи од политиките што ќе се применат од владите и компаниите од Западна Европа.
Заживувањето на националните економии во регионот е во директна зависност од влијанието на заедничкиот европски пазар, кој е и најголема извозна дестинација за фирмите од Балканот. Трендот на враќање на производството од Азија во Европа може да биде од корист на земјите од регионот и да им донесе директни инвестиции од неколку милијарди евра. Но ќе знае ли Македонија да го искористи сево ова, дали македонските власти треба да ги засукаат ракавите за да го реализираат својот дел од задачата? За да се постигне тоа, Македонија и земјите од регионот мора да вложуваат во образовниот систем и изградбата на транспортна инфраструктура, како и да овозможи добра и квалификувана работна сила. Македонија со години се справува со неуспехот во креирањето одржлив модел за економски раст и развој, и при немање визија и стратегија често се менува парадигмата на економскиот развој. Недостига постојаност во економските политики. Но не може и постојано да се почнува од почеток, континуитетот мора да претставува основна парадигма за да зачекориме кон економска преродба.
Покрај отстранувањето на „старите проблеми“, како што е политичката нестабилност, Македонија мора да го промени и инвестициското опкружување, да одвои поголеми расходи за образовниот систем, зголемен фокус на двојното образование и изградба на транспортна инфраструктура. Бидејќи странските инвеститори првенствено бараат добро квалификувана работна сила и инфраструктура.
Македонија прво мора да го реформира образованието, за да може да добиеме квалификувани кадри со знаење и умешност, кои ќе понудат решенија за зголемување на продуктивноста и иновативноста, сега нивото на знаење е на доста ниско ниво, па мораме да купуваме знаење и технологија од странство.
Приоритетите мора да бидат насочени кон зголемување и поддршка на производството, извозот, инвестициите, пристап до финансирање на компаниите, продуктивноста на работната сила преку континуирано унапредување на образовниот процес, како и зајакнување на конкурентноста на македонската економија и зголемување на ефикасноста на процесите и на квалитетот на производите. Од големо значење е учеството во глобалните синџири на снабдување, а тоа да го забрза извозот и раст на приходите.
Македонија со години се справува со неуспехот во креирањето одржлив модел за економски раст и развој, и при немање визија и стратегија често се менува парадигмата на економскиот развој
Еден од главните елементи се и капиталните инвестиции на државата, кои може да бидат мотор што ќе ги помогне постпандемиското закрепнување и ревитализацијата на економијата, но системските слабости се проблем кај капиталните инвестиции, затоа реализацијата е постојано мала.
За побрзо надминување на кризата, потребно е инвестициски план за економско заздравување преку инвестирање во сообраќајната инфраструктура, за да се забрза прометот низ европскиот сообраќаен коридор. Македонија поради неразвиеноста на инфраструктурната мрежа не ја искористува предноста што ѝ е дадена.
Треба засилен ангажман за развојот на железничката и патната инфраструктура, така ќе се добијат услови за зголемување на странските инвестиции во нашата држава и ќе се отворат можности за подинамичен развоен циклус на Македонија и целиот регион.
Покрај горенаведените мерки, активности и долгорочни проекти кон заздравување на економијата, потребно е да се креираат и механизми што ќе ја стимулираат економската активност во насока на повисок и одржлив раст на среден рок, кои се неопходни за градењето здрав економски систем. Затоа е потребно Владата сама да донесе стратегиски и оперативен план. Сега е вистинско време да се почнат разговори за долгорочни системски прашања, кои на среден и на долг рок треба да придонесат за посилна македонска економија со цел да ги искористиме сите шанси што се понудени за нашата држава.