И додека хеликоптери летаат над Марс, а светот забрзано се подготвува за вклучување на вештачката интелигенција во сите општествени сфери, во Македонија се случува технолошка деградација и нашето собрание никако не може да профункционира онлајн. Па, ако од Земјата со едно стискање на копчето се испраќа команда до роверите на Марс, оддалечени милиони километри, сигурно може и тука некој да се вклучи од Скопје, Гевгелија, Струмица, Берово, Тетово, Дебар, Струга и да гласа од далечина. Или можеби македонското собрание е подалеку и од Марс
Пред некој ден хеликоптерот на НАСА што беше прикачен на роверот „Упорност“ на Марс успешно беше одвоен од телото на роверот и го изведе првиот лет над површината на Црвената Планета, со што испиша историја како прво летало што се вивнало над површината на друга планета.
Секоја команда и до роверот и до хеликоптерот доаѓа од команден центар на Земјата, која од Марс е оддалечена најмалку 56 милиони километри, во зависност од позицијата на планетите при нивната ротација околу Сонцето, а понекогаш ова растојание може да достигне речиси 400 милиони километри. Радиосигналот до роверот патува меѓу пет и 20 минути, повторно во зависност од позицијата на планетите, но без оглед на тоа, денешната технологија овозможува комуникацијата од Земјата со Марс да се одвива без никакви пречки, овозможувајќи роверите таму да продолжат да ја вршат исклучително важната научна мисија.
Веројатно ќе се прашате зошто e воведот со оваа информација. Одговорот е многу едноставен, а тоа е дека новата реалност тука, на Земјата, е технолошка револуција од неверојатни размери, за што сè погласно се зборува.
И додека хеликоптери летаат над Марс, а светот забрзано се подготвува за вклучување на вештачката интелигенција во сите општествени сфери, во Македонија се случува технолошка деградација. Кај нас, како по правило, наместо работите да одат напред, се враќаат назад.
Најдобар пример за тоа е македонското собрание, во кое до пред пандемијата се гласаше електронски и резултатот од гласањето се испишуваше на дисплеј во собраниската сала, а за време на пандемијата наместо да се најдат инвентивни начини, се гласа, се разбира ако се дојде во ситуација да се гласа поради постојаното немање кворум, со кревање картон.
Без да навлегуваме дали ковид-19 се појави од некој пазар или од некоја епрувета, непобитен факт е дека тој ја парализира целата планета. И додека светот за краток период се адаптира на новата реалност и започна со онлајн сесии, почнувајќи од политиката, бизнисот, образованието, културата, македонските парламентарци повеќе од една година не можат да се навикнат на новата реалност и упорно инсистираат на физичко присуство на седниците, па макар тоа да е на штета на граѓаните и економијата, иако демек интересот на граѓаните им бил во прв план.
Една година се во новата собраниска сала под големата стаклена купола, додуша повеќе во собраниското бифе и низ ходниците отколку во неа, и гласаат со кревање картони, па тамошните служби бројат, пребројуваат, исто како на времето кога наставниците нè пребројуваа во училница кога дежурниот се обидуваше да скрие некој отсутен.
Нејасно е зошто кога веќе се градела таква сала не била поставена инсталација за електронско гласање и вклучување од далечина на пратениците што би биле спречени да присуствуваат на седниците, или намерно се оставил простор за некој нов тендер во иднина.
Како и да е, помина една година од пандемијата, а македонското собрание не успеа никако да се трансформира и да се приспособи на новата реалност. Да биде парадоксот поголем, додека астронаути во светот земаат скафандери за вселенски летови, кај нас со скафандери се оди на гласање?!
Се покажа дека пратеничкиот имунитет штити од сè, единствено од ковидот не, па некои од пратениците набрзо заболеа и мораа да одат во изолација. Тоа доведе владејачкото мнозинство, кое и онака беше тенко, да не може да ги носи законите, а на сето тоа опозицијата си гледаше сеир, со констатација дека власта треба да си обезбеди мнозинство. Ваквото нивно препукување и политикантство како дечиња на улица доведоа до тоа да не се носат закони важни за граѓаните и државата, туку од ден на ден да се случува циркус на кој ни се потсмеваат сите од регионот и пошироко. Затоа и секоја нова собраниска седница повеќе се очекува како нова епизода на „Монти Пајтон“, отколку како сесија на која ќе има конструктивна расправа и ќе се носат закони.
Кулминација беше неодамнешното носење заболени пратеници од ковид-19, облечени во скафандери, само за да гласаат, иако тоа можеа да го сторат со обично онлајн вклучување од дома, без некого да загрозуваат и плашат. Порано истото тоа кога беше потребен кворум го правеа и со носење затвореници од Идризово, а како што тргнала работата и отпорот кон работењето од далечина, утре не се знае кого и во каква состојба ќе довлечкаат за гласање.
Ова е само доказ за политикантството на партиите, кои наместо да се соберат исто онака како што се собираат едногласно кога земаат плата, пари за дневници, трошоци за патарини, или кога си изгласуваат разни други привилегии, можеа уште на почетокот на пандемијата да направат една козметичка измена на Деловникот, со која ќе овозможеа работа од далечина на пратениците што би биле спречени физички да присуствуваат на седниците.
Па, ако од Земјата со едно стискање на копчето се испраќа команда до роверите на Марс, оддалечени милиони километри, сигурно може и тука некој да се вклучи од Скопје, Гевгелија, Струмица, Берово, Тетово, Дебар, Струга и да гласа од далечина, ако воопшто може да се зборува и за некаква далечина, бидејќи државава ни е горе-долу 200 километри надолж и попреку.
Тезите од типот дека ќе се злоупотребувало гласањето едноставно не држат, бидејќи визуелно се гледа сè, постои камера, човекот е пред неа, има микрофон, може да говори, да полемизира, на крајот и да гласа. Па, не се толку наивни, да не речам заостанати, во Европскиот парламент, во речиси сите парламенти во европските земји и низ светот каде што онлајн функционирањето стана ново нормално. Па, рака на срце, Македонија стана членка на НАТО благодарение на онлајн технологијата.
Да биде парадоксот уште поголем, на нашиве политичари устите им се запенија постојано повторувајќи „Европа, Европа, Европа“, а со постапките што ги прават како да не излегле од „пусто турско“.
Господа парламентарци, ако сакате да нè водите вистински во Европа, почнете европски да се однесувате и да ги применувате нивните искуства. Воопшто не треба да измислувате топла вода, само применете го она што го прават тие. Кај нас имаме и доволно стручни луѓе што истата таа Европа секој ден ни ги краде бидејќи тука не наоѓаат работа поради партизацијата на секоја сфера. Да бидеме искрени, Македонија во еден период беше и на врвот на земјите според покриеноста со интернет на целата територија, така што ниту во технологијата не заостануваме многу зад поразвиените европски земји.
Значи, да заклучиме, имаме стручен кадар, имаме технологија, единствено што ни недостига е волја да овозможиме онлајн трансформација на целото општество. Тука први треба да бидат парламентот и Владата, како и секое министерство и друга државна институција, со што вистински ќе потврдат дека се за транспарентност.
Образованието како-така профункционира онлајн и покажа дека може. Голем дел граѓани сметките ги плаќаат онлајн, невладините аплицираат за проекти онлајн, медиумите контактираат со соговорници онлајн, прес-конференциите одат онлајн, маркетите доставуваат храна онлајн, продавниците преминаа на онлајн трговија, билети се резервираат онлајн, книги се читаат онлајн, музеи се посетуваат виртуелно, така што повеќе од очигледно е дека може. Прашањето е дали се сака.