Годините минати на работа не се гаранција за квалитет

Ако целта е да се искористат потенцијалот, квалитетот и искуството на наставниците што веќе ги има во образованиот систем, тогаш оваа идеја е добра. Но мора да се внимава по кои критериуми ќе се избира кој наставник може да биде пример за другите понеискусни колеги, затоа што искуството и годините минати на работа, не се доволни за дефиницијата на квалитетот

Неодамна, Петар Атанасов, заменик-министерот за образование и наука најави дека наставниците со повеќе од 20 години искуство во професијата ќе присуствуваат на час со нивните помлади колеги и ќе ги учат како се предава, ќе им укажуваат каде грешат, ќе ги советуваат како треба да се работи со учениците… Според него, потребно е да се искористат квалитетот и знаењето на искусните наставници, наместо нефункционалноста од посетените обуки, семинари и работилници на кои наставниците одат, со оглед на тоа дека многу ретко од наученото таму го применуваат во нашиот образовен систем. Оваа идеја наиде на голем број реакции во наставничката фела, од стравувања дека по партиски клуч ќе се одредуваат „избраните“, со оглед на тоа дека поради новата улога најверојатно ќе земаат повисока плата, до нејзина поддршка, со предупредување дека мора да се внимава како ќе се спроведе тоа во практика.

Ако целта е да се искористат потенцијалот, квалитетот и искуството на наставниците што веќе ги има во образованиот систем, тогаш оваа идеја е добра. Но мора да се внимава по кои критериуми ќе се избира кој наставник може да биде пример за другите понеискусни колеги, затоа што искуството и годините минати на работа, не се доволни за дефиницијата на квалитетот. Има премногу наставници што добар дел од животниот век го поминуваат во своја наобразба, се трудат секој час да го направат што попродуктивен и поинтересен, се вложуваат несебично во работата, успеале да изградат авторитет и се посветени комплетно на професијата, но системот и практиката познаваат и такви примери, во кои наставници со долгогодишно искуство, не се ангажираат доволно околу работата и наставата, се провлекуваат низ годините без многу труд и од кои помладите колеги реално, немаат што да научат.

Еден млад наставник, кој во професијата е само неколку години, вели дека најдобро се учи непосредно, кога повозрасен наставник му го пренесува сопственото работно искуство. Тој вели дека постојано „снима“ како работат постарите колеги, ги усвојува и ги применува нивните совети, ги следи нивните добри примери од практиката и на тој начин таа станува поквалитетна. Пристапот кон учениците, воведот во часот, начинот на предавање, се само некои од примерите што се учат од поискусните наставници и кои во практиката даваат резултат. Но како што и самиот потврдува, тој има колеги што секојдневно бегаат од обврски, кои не им се доволно посветени на децата и на часовите и кои најверојатно поради годините, немаат волја да се ангажираат онолку колку што е потребно во работата и едвај чекаат да заминат во пензија. Најчесто тие се толерирани од училишното раководство, им се прогледува низ прсти, а, за жал, поради таквото нивно функционирање, најмногу трпат учениците.

Ова е уште еден факт поради кој државата преку Министерството за образование, мора внимателно да одреди критериуми по кои ќе се определува, кој искусен наставник ќе биде избран да учи помлади колеги како се работи. Правилен избор на добри наставници е првото нешто што задолжително мора да се направи за да функционира идејата во практиката онака како што треба.

 

Има премногу наставници што добар дел од животниот век го поминуваат во своја наобразба, се трудат секој час да го направат што попродуктивен и поинтересен, се вложуваат несебично во работата, успеале да изградат авторитет и се посветени комплетно на професијата, но системот и практиката познаваат и такви примери, во кои наставници со долгогодишно искуство, не се ангажираат доволно околу работата и наставата, се провлекуваат низ годините без многу труд и од кои помладите колеги реално, немаат што да научат

Во право се познавачите на образовните политики кај нас кога велат дека идејата за ангажирање наставник-асистент на часовите е добра, но клучно при реализацијата е сето тоа да се изведе без стресови кај наставниците и учениците. Според нив, ова функционира во западноевропските држави и се покажува како добро искуство со оглед на тоа дека таму постојат наставници што помагаат околу наставата и даваат инструкции како таа да биде подобра. Како што вели Кирил Барбареев, долгогодишен професор на Факултетот за образовни науки во Штип, наставникот-асистент на часовите би требало да работи со децата за да помогне да ја усвојат наставната материја и да му помага на главниот наставник да има дисциплина на часовите како и да помага во подготовката на материјали за наставата. Тој наставник би имал улога да ги надгледува децата и во слободното време, како и да помага во работата со децата со посебни потреби, кои се дел од образовниот систем.

Во процесот на носење образовни новини од ваков вид, недозволиво е да се заобиколуваат универзитетските професори од наставничките факултети. Со нивните знаења и искуство, тие можат да дадат свој придонес во носењето вакви системски решенија. Секако, од овој процес не треба да бидат исклучени практичарите, како и советниците од Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар, Педагошката служба. Образованието е огромен ресор, кој бара сериозни анализи и истражувања во кои ќе бидат вклучени многу познавачи на образовните услови пред да се воведе некоја новина, да се види нејзината функционалност, затоа што во спротивно сѐ е експеримент, а во оваа област недозволиво е наивно да се експериментира.