По изминатите речиси 76 години секојдневно континуирано излегување, денеска во рацете го имате 25.000-то издание на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“.
Колку ли само генерации новинари, техничари, графички работници, фоторепортери, лектори се вградиле себеси во сиве овие изданија. Колку труд, пот, знаење, пожртвуваност само требало и треба за да се стигне онаму каде што сме денес. Нема единица мерка што може да го измери сето ова. Освен љубовта и пожртвуваноста кон професијата и кон својот народ и држава
Бројките се важен показател во општеството и во животот. На еден или друг начин, сѐ се врти околу нив. Тој што ги има в раце бројките е во предност и владее со ситуацијата. Достигнувањата и резултатите во политиката, економијата, спортот и други области се мерат и изразуваат преку симболиката на бројките. Деновиве, на пример, актуелни се политичките математики и калкулации за составување на новата влада. Задачата е навидум лесна, бидејќи се сведува на просто собирање, колку плус колку прават 61 или, поточно, кој со кого прв ќе стигне до оваа магична бројка, која обезбедува мнозинство во Собранието и го отвора патот за составување нова влада. Но истовремено задачата е и доста тешка, бидејќи секој различно го толкува и вреднува значењето на своите бројки. За ДУИ, на пример, бројката од 15 пратеници е доволна да бараат дури и премиерска функција во новата влада. Но и редица други привилегии и позиции.
Во какви било други околности со 15 пратеници не би билe битен фактор за учество во власта, но не и во Македонија. Кај нас, особено во политиката, филозофијата на поигрување со бројките е речиси доведена до совршенство. Особено кога се во тесно, политичарите се подготвени на секакви комбинации и отстапки, понекогаш дури и на штета на државата. Тоа, впрочем, го видовме во минатото во неколку наврати. Какво изненадување или разочарување ќе ни приредат овој пат ќе дознаеме наскоро.
И додека се во полн ек политичките преговори, комбинаторики и калкулации, неколку клучни поенти не смеат да се испуштат од вид или поттурнат настрана. Барем не и овој пат.
Прво и основно е политичките субјекти што преговараат за состав на нова влада да ја напуштат досегашната практика на коалиции под притисок и уцена, односно прифаќање барања што на краток или долг рок, сеедно, им носат штета на државата и на интересите на сите нејзини граѓани. Нема и не може да има повисока цел од просперитетот на граѓаните и државата во целост. Изборите и формирањето на владата не смее да се сведат само на битка за фотелји или за исполнување нечии нелогични или радикални барања, туку извршната власт да биде во функција на обезбедување стабилност, благосостојба и просперитет на државата.
Тука концептот на државност, унитарност, уставност, законитост и легалитет е најважен.
Не е целта да се состави каква-таква влада, туку многу посуштествено е на што ќе се фокусира таа и каква ќе биде нејзината програма за работа. Сите обиди на мала врата овој пат да се протнат барања како федерализација, етнички буџет, дводомен парламент и слично, кои ги нарушуваат унитарноста на државата и нејзиното политичко уредување, треба да се напуштат.
Ова е особено важно да се истакне токму во овој период, кога се интензивираат преговорите за состав на новата влада. Граѓаните и јавноста многу повеќе ги интересира идната владина програма и приоритетите во неа, без разлика кој и да состави влада, отколку кој колку и кои ресори ќе ги добие. А се добива впечаток дека зад затворени врати политичкиот пазар е токму за фотелји, наместо за некакво усогласување и приближување на програмските определби.
Засега толку за поимањето, улогата и значењето на бројките во политиката.
Вистинскиот повод за овој напис, сепак, е една сосема друга бројка, која никој во оваа бранша досега не успеал да ја достигне во Македонија, ниту, пак, да ѝ се приближи.Поводот е еден значаен јубилеј за првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, но и за сите оние што сиве изминати години се со нас и знаат да ценат вистински вредности, традиција, квалитет, континуитет и почитување на професионалните новинарски стандарди. Денешното издание на весникот го носи со себе бројот 25.000. Подвиг достоен за почит.
По изминатите речиси 76 години секојдневно континуирано излегување, денеска во рацете го имате 25.000-то издание на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“.
Колку ли само генерации новинари, техничари, графички работници, фоторепортери, лектори се вградиле себеси во сиве овие изданија. Колку труд, пот, знаење, пожртвуваност само требало и треба за да се стигне онаму каде што сме денес. Нема единица мерка што може да го измери сето ова. Освен љубовта и пожртвуваноста кон професијата и кон својот народ и држава.
Зашто излегувањето на првиот македонски дневен весник доаѓа како круна на речиси еден век напори на овој план.
Пред само неколку дена Македонија одбележи 117 години од почетокот на Илинденскoто востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ. Затоа само кратко потсетување како асномци гледале на создавањето на весникот во тоа време.
„За да се зафати нашиот народ да ги решава сите задачи што стојат пред него, тие мора и сестрано да му бидат објаснети како неопходни за него. Во тој поглед печатот е одлично оружје и еден лист што е вистински народен може многу да стори“, сметале асномци.
„Нова Македонија“ е токму тој вистински народен лист и како таков останува до ден-денес.
Денешниот јубилеј и значењето на весникот добиваат уште повеќе на тежина во светлината на обидите од некои соседни држави да се оспори или негираат македонската историја, култура, јазик и идентитет.
Весникот отсекогаш важел за школа по новинарство. Тој бил и останува учебник по писменост, јазик, култура… Сѐ што е обележје на идентитетот на еден народ.
Во ерата на глобалниот проблем и предизвик со лажните вести, од кои не е имуно ниту нашето општество, „Нова Македонија“ е меѓу ретките медиуми што цврсто држат до професионалноста и се применуваат и почитуваат највисоките новинарски стандарди.
Но „Нова Македонија“ немаше да стигне дотаму каде што е денес без вербата и потпората на нашите читатели, соработници, пријатели. Тие се секогаш тука со нас, како што сме и ние со нив во добро и во зло. Уште повеќе, во едни вакви непредвидливи и кризни времиња, како сега со пандемијата и здравствената и економска криза.
Сепак, ние сме прекалени борци. Потомци и деца на АСНОМ. Заедно ќе го надминеме и овој предизвик. И заедно ќе испишуваме нови и нови страници и ќе останеме и понатаму да бидеме гласот на јавноста и нејзин заштитник.
Нека се множат годините и јубилеите.