Цела Македонија изобилно е дарувана со природни убавини, планински предели и недопрена убавина. Во тој контекст по малку е изненадувачки градовите толку многу да се борат со енормно загадување на воздухот, а притоа да не се користи природата како најевтин и најздрав прочистувач на организмот. Во секоја ситуација и при секоја можност. Оттаму, паралелно со борбата против загадувањето на воздухот, во градовите треба да оди и кампања за почесто излегување во природа, афирмирање на нашите природни потенцијали и нивно масовно користење. Зашто, на крајот на краиштата, дишењето чист планински воздух е поисплатливо и покорисно отколку вдишувањето отрови и потоа голтањето таблети и медикаменти
Деновиве кога Битола, како и неколку други града во државата, се задушува од нечистиот и загаден воздух и кога најголемиот број битолчани се прашуваат како да се спасат од енормното загадување, по кое Битола се вброи меѓу најзагадените градови не само во Македонија туку и во Европа, само на неколку километри од градот, во битолското потпелистерско село Нижеполе, љубителите на скијањето и белите спортови се капат во сонце.
Сликата што деновиве може да се види на Нижеполе, каде што илјадници битолчани и љубители на природата и белите спортови од соседните градови уживаат на извонредно подготвените ски-патеки и околината, е само уште една потврда дека спас од загадениот и нечист воздух во Битола е само бегањето во природа.
– Овде е вистински рај. Навистина додека Битола се задушува од нечист воздух, магла и смог, овде ние се капиме во сонце. Јас не само што по цел ден сум на Нижеполе туку откако ми заврши зимскиот одмор, по завршувањето на моите дневни професионални обврски, заминувам на Нижеполе, каде што ги полнам батериите со чист воздух. Откако се воведе ноќното скијање, јас едноставно по цел ден сум на Нижеполе – вели битолчанецот Никола Тасевски, кој постојано оваа зима е на Нижеполе.
Оваа зима Нижеполе е вистински хит за битолчани. Тоа што особено радува е што ова потпелистерско село деновиве е посетено речиси исто и прекуден и во ноќните часови, кога, откако се монтира осветлувањето на ски-патеките, љубителите на скијањето можат да скијаат како да е дење. Благодарение на инвентивноста на менаџерскиот тим на јавното претпријатие „Стрежево“, кое во текот на летото ги осветли ски-патеките, како и обилните снежни врнежи што паднаа оваа зима во Битола, скијачкиот центар Нижеполе стана најпосетената дестинација, која дење-ноќе буквално врие од скијачи и љубители на белите спортови.
Оваа зима слична е сликата и на Пелистер, каде што голем број љубители на скијањето се спуштаат по скијачките патеки на Копанки. Но за разлика од Нижеполе, на Пелистер нема поставено осветлување на патеката, што ги принудува љубителите на скијањето од Битола и другите градови да скијаат само дење.
Иако и оваа зима одреден број битолчани празничните денови ги искористија да заминат на зимски одмор во Банско или Боровец, Бугарија, а еден број љубители на скијањето да скијаат на патеките на Вигла во соседна Грција, сепак, за разлика од порано, зимава голем број битолчани се одлучија одморот да го поминат скијајќи на Нижеполе и на Пелистер. Причините за тоа не се само добро подготвените скијачки патеки, популарните цени, или близината на ски-патеките, туку пред сѐ убавината што ја нуди ноќното скијање. Скијачкиот центар Ниже Поле доби особено голема популарност откако се воведе ноќното скијање.
И токму атрактивноста што ја доби Нижеполе со ноќното скијање оваа зима, го отвори прашањето зошто исто таква инвестиција не би се реализирала на ски-патеките на Пелистер, кој не само што има исто така добри услови за скијање туку е и многу поатрактивен за скијачите што сакаат да скијаат по потешки патеки.
Поддржувачите на ваквата идеја велат дека доколку се реализира идејата за осветлување на ски-патеките на Пелистер, во тој случај, како Нижеполе, така и Пелистер би станал атрактивен скијачки центар за љубителите на скијањето не само од Битола туку и од соседните градови, пред сѐ Прилеп, Демир Хисар, Ресен, Кавадарци, а наедно би се намалиле и метежите и турканиците што ги има поради малиот капацитет на скијачките патеки, а големиот интерес за скијање.
Осветлувањето на ски-патеките на Пелистер може да се реализира многу побрзо отколку кај Нижеполе, затоа што одржувањето на жичницата на Копанки е буквално обврска на АД ЕЛЕМ, а „ЕЛЕМ турс“ стопанисува и со хотелот „Молика“.
Во ситуација кога и Битола како град, кој во непосредна близина го има прекрасниот Пелистер, во последно време сѐ повеќе и почесто се задушува од загаден и нечист воздух и кога во градот под Пелистер во последно време се појавија голем број „експерти“ што постојано нудат решенија за тоа како треба да се спасат битолчани од загадениот и нечист воздух, инвестирањето во осветлување на ски-патеките на Пелистер не само што ќе ги спаси битолчани од загадувањето туку може да се претвори и во исплатлива инвестиција, која за брзо време може не само да се исплати туку и да се врати.
За реализацијата на една ваква инвестиција од осветлување на ски-патеките на Пелистер не се потребни ни големи средства, ни големи градежни зафати. Дека тоа е така се покажа со осветлувањето на ски-патеките на Нижеполе, кои се буквално полни од скијачи и љубители на белите спортови во текот на денот и ноќе.
Цела Македонија, не само Битола, е изобилно дарувана со природни убавини, планински предели и недопрена убавина. Во тој контекст по малку е изненадувачки градовите толку многу да се борат со енормно загадување на воздухот, а притоа да не се користи природата како прочистувач. Во секоја ситуација и при секоја можност. Паралелно со борбата против загадувањето на воздухот во градовите треба да оди и кампања за излегување во природа, афирмирање на нашите природни потенцијали и нивно масовно и почесто користење.
Пелистер, кој годинава прослави 70 години од прогласувањето за национален парк, со својата раскошна убавина буквално ги хипнотизира љубителите на планината. Слична убавина на многу сонце и чист воздух нуди и Нижеполе. Оттаму, враќањето кон природата и сѐ почестото посетување на Пелистер или Нижеполе може во голема мера да придонесе за полнење на белите дробови со чист воздух за битолчани.
Но потребна е иницијатива.
На божјата убавина што ја нудат и Пелистер и Нижеполе неопходно ѝ се потребни и човечката иницијатива и инвестирање. А кога станува збор за Пелистер, таквата иницијативност во моментот ја нема, или сите такви иницијативи се заглавени во некои административни лавиринти, или транзициски процеси. Како инаку да се толкува тоа што веќе пет години не може да се изгради опожарениот планинарски дом „Копанки“, или пак ставањето клуч на детското одморалиште „Пелистер“, каде што преку зимата илјадници деца од цела Македонија ги полнеа своите гради со свеж и чист воздух, кој, за разлика од Битола, во моментот во овие центри го има во изобилство.