Толерантноста на македонските граѓани и, воопшто, на македонската држава во целина кон различностите многупати досега е покажана и докажана на дело и низ
голем број примери
На социјалните мрежи деновиве се споделува видеозапис направен од засега непознато лице, на кој може да се види и слушне како непознатиот сторител вербално напаѓа група од неколку лица од азиско потекло во центарот на Скопје. На македонски и, повремено, на лош англиски јазик ова лице пред групата го изговара зборот „корона“, алудирајќи на вирусот што се појави во Кина, ги навредува и им порачува да се вратат во Кина. Жртвите на вербалниот напад првично реагираат одмерено, а потоа гледаат во своите телефони, игнорирајќи го натрапникот и си заминуваат од местото на нападот.
Токму ова видео, кое се прошири со молскавична брзина по социјалните мрежи, ја згрози домашната јавност, а се огласија и претставници на институциите во државата. Техничкиот премиер Оливер Спасовски упати извинување до туристите од Азија што беа вербално нападнати во центарот на Скопје Премиерот најави дека очекува брза и ефикасна постапка од Министерството за внатрешни работи и санкции и апелира на одговорност кај граѓаните. Слична брза реакција имаше и од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој на Фејсбук им се извини на Азијците во името на целиот град и истакна дека чинот е срам за градот и земјата и е спротивност на сѐ што е Скопје – град на солидарноста, космополитизмот и заедништвото.
Истовремено, од реакциите на социјалните мрежи може да се види дека огромно мнозинство македонски граѓани исто така се огорчени и најостро ги осудуваат видеото и вербалниот напад врз странските гости.
На крајот на краиштата, однесувањето на еден поединец и, во најмала рака речено, недостоен примитивец воопшто не ја отсликува реалноста во земјата, ниту, пак, има некакви допирни точки со традицијата и однесувањето на македонскиот народ. Поточно, чинот на овој примитивец и насилник може да се објасни и со народните поговорки што велат дека во секое жито има и какол или, пак, во секое брашно може да се најдат и трици.
Толерантноста на македонските граѓани и, воопшто, на македонската држава во целина кон различностите многупати досега е покажана и докажана на дело и низ голем број примери.
Да појдеме по ред. Сите малцински етнички заедници и етникуми што живеат во земјата уживаат максимални права и слободи за практикување на нивните политички, верски и национални определби. Дури и повеќе од тоа. Токму последните заклучоци на Венецијанската комисија јасно покажуваат дека Македонија отишла и чекор понатаму, давајќи им многу поголеми права на Албанците на пример како малцинска заедница во Македонија, отколку правата што ги ужива кое било малцинство во Европа и светот. Понатаму, од памтивек останало дека македонскиот народ е „мек како леб“, секогаш пријателски настроен, со големо и топло срце и гостопримлив кон сите добронамерници и странски гости. Македонците се толерантни кон светските култури и разни верски и општествени процеси и влијанија.
Во нашата држава речиси не постојат какви било ксенофобични или расистички испади од навивачите за време на спортски натпревари, што не може да се каже на пример за соседните земји, како Бугарија, Грција, Србија или Хрватска, каде што вакви испади се регистрираат од медиумите. Имено, најпознатиот расистички инцидент од овој тип во последно време се случи лани во Бугарија, каде што за време на фудбалски меч во Софија домашните навивачки расистички ги навредуваа и нападнаа црномурестите противнички фудбалери на Англија. Претходно, во 2017-та, Евертон Луиз од Партизан го напушти теренот во солзи откако 90 минути беше навредуван од навивачите на тимот Рад. Тренерот на Партизан, Марко Николиќ, по мечот рече дека тоа било „толку нормално во српскиот фудбал“.
Во овој правец, според една студија на оваа тема направена од страна на политичкиот институт „Ворлд велју“, извршено е мерење на земјите и големите градови за тоа колку нивните граѓани се расистички настроени. Според ова истражување, на врвот на листата се нашле Британија, САД и Русија, а нашата земја е некаде на дното од листата, каде што процентот на измерениот расизам бил многу низок.
Слично истражување, кое ја потврдува толерантноста на македонскиот народ и држава на многу нивоа, е последното истражување на јавното мислење на тема „Почитување на верските слободи и права“, спроведено од Институтот за политички истражувања-Скопје.
Оваа анкета, пак, утврдила дека граѓаните во Македонија имаат висок степен на меѓуверска толеранција и немаат проблем да прифатат некој што е верски различен, па дури ни како дел од поблиското семејство.
Понатаму, Македонија со децении е светски пример за мултикултурализам и се смета за држава што е лулка на меѓуверската и меѓурелигиската толеранција. Од памтивек, па и сега во многу средини, заеднички се слават верските празници и се почитуваат меѓусебните обичаи.
Токму затоа, гледано од перспектива на актуелните немили случувања, можеби може да се истакне и познатата мисла на американскиот актер Морган Фримен, кој изјавил дека нема совршени луѓе, само совршени намери.
Македонија како држава на планот на толеранцијата, мултикултурализмот и почитувањето на различностите покажа дека е безмалку совршена, со отворена и подадена рака кон секого, на што може да ни позавидат многу други држави.
Затоа, актите на поединци како последниот не треба да му се припишуваат на сметка на целиот македонски народ, бидејќи низ историјата и сега сме докажале дека толеранцијата кон различностите и дадените права и слободи е наш силен адут.