Ако Австрија ја има прочуената виенска шницла, Македонија ја има познатата десетка со кромид, која совршено се совпаѓа со јубилејната десетта препорака.
Не е толку проблем во десетката, само ова кромидот годинава лут, лут, што солзи навираат на очи. Еееј, македонска судбино. Во музиката кога ќе собереш 10 нумери издаваш албум, во дипломатијата кога ќе собереш 10 извештаи стануваш колекционер. Од првото нешто и може да се заработи и да се стане познат, од второто исто така може да се заработи – најчесто нервен слом и душевна болка
Голема вознемиреност и нервоза го зафатила Брисел деновиве.
Причина за тоа не се ниту резултатите од евроизборите и променетата мапа на Европа, туку Македонија. Што ќе правиме сега со Македонија е дилемата која им создава најголема главоболка.
Па, овие бре, спроведуваат сѐ што ќе им се каже. Не се како нас европејците, тврдоглави и непопустливи. Да го земеме Виктор Орбан, на пример, кој може нему да му каже каква политика да води и кои потези да ги влече. Не помагаат тука ниту казни ниту исклучувања. Орбан си стои цврсто на нозе, како и неговата партија, што се виде и на неодамнешните евроизбори. Па сега, наместо Европа да го промени него и неговиот стил на владеење, Орбан сака да ја промени Европа по големата победа на неговата партија на евроизборите.
Или надежниот е перспективен канцелар на Австрија, Себастијан Курц, кој исто така сака да ја менува Европа. Е тој Курц е категорично против, како што самиот вели, „лудилото на регулација на ЕУ“ и оти е доста со „наметнување правила“ од Брисел.
Замислете, Курц сака да поништи околу 1.000 правила на ЕУ, меѓу кои е и, како што вели, непотребното правило за правење шницли и помфрит, со кои правила Брисел одредува како треба да изгледаат овие намирници.
Никому не ми е потребно Брисел да ни пропишува како се подготвува шницла, грмнува и удира Курц со тупаницата по маса.
Но како што споменав и погоре, ова со „непослушноста“ на Курц, Орбан и на уште редица други европски функционери не го загрижува толку Брисел, колку Македонија.
Зашто европејците, длабоко во себе, имаат разбирање и може да сфатат кога некој не се согласува да се промени рецептот за правење шницли. Но европејците сепак не можат да сфатат кога некој ќе се согласи да му се промени името, историјата, културата…
НЕ, тоа не можат да го сфатат, длабоко во себе, без разлика што јавно ви го зборуваат спротивното.
Затоа и сега се во голем проблем. Само и заради Македонија. Се чудат, си ја удираат главата и се прашуваат – што да правиме понатаму со Македонија. Сѐ што побаравме, па и помисливме, тие спроведоа. Ние на ум, тие на друм. Сега, не баш сѐ, ама така се вели.
Сменија име, спроведоа кристално чисти избори, па еве сега имаат и кристално чиста препорака од Европската комисија. Па дури и нашите ударни тупаници, Хан и Могерини, јавно признаваат дека Македонија го сработила своето и сега е на ред ЕУ да го исполни својот дел.
Значи, сѐ спроведоа, нема што повеќе да им бараме, се јадосуваат европејците на работ на депресија, кога од заднина се слуша еден пискав и продорен глас.
„Bitte nicht storen, Keine Panik“ (што во превод од германски значи – не се вознемирувајте, не паничете).
Има решение за нашите проблеми во врска со Македонија, се надоврзува Германецот. По сменетото име, кристално чисти избори и кристално чиста препорака, излезот е во кристално чист изговор. Ќе кажеме дека нема време, дека одлуката треба да помине низ нашите национални парламенти, дека тоа е долга процедура кај нас.
И така ќе дојде есен, па зима… Дотогаш ќе се подзаборават и кристално чистата препорака и посакуваниот датум и ќе остане само кристално чистиот изговор, се смешка зајадливо и триумфално евродипломатот, кој и не мора да е Германец. Може само се преправа или глуми дека е Германец. Според онаа наша изрека кога нешто се прикрива или премолчува, па се вели – ај не се прави Германец.
И така приближно завршува и ова десетто јубилејно поглавје од серијалот Македонија на патот кон ЕУ. Ако Австрија ја има прочуената виенска шницла, Македонија ја има познатата десетка со кромид, која совршено се совпаѓа со јубилејната десетта препорака.
Не е толку проблем во десетката, само ова кромидот годинава лут, лут, што солзи навираат на очи. Еееј, македонска судбино.
Во музиката кога ќе собереш 10 нумери издаваш албум, во дипломатијата кога ќе собереш 10 извештаи стануваш колекционер.
Од првото нешто може и да се заработи и да се стане познат, од второто исто така може да се заработи – најчесто нервен слом и душевна болка.
Настрана нашите евроинтеграции и идните перспективи, годинашниот извештај на Европската комисија сепак имаше влијание на домашната политички сцена. Еве, на пример, како за миг да подзапре владината и функционерска метла. Но и без тоа ефектите од неа и тоа како се чувствуваат. Од страв да не бидат сменети или да не дадат повод за тоа, деновиве ќе слушнете коментари за многу пољубезен однос кон граѓаните и побрзи услуги во разни државни установи, од централно и локално ниво. Сите се растрчани наоколу, ве прашуваат што ви треба, се косат тревници, се собира отпад итн, итн.
Се разбира дека има и спротивни примери и не може да се генерализира, но најважно е работите да се движат во полза и интерес на граѓаните. Ако метлата е стимулот и рецептот за тоа, тогаш нека ги има и почесто и подлабоко.
За жал, повторно се покажува дека одредена осетлива сфера во државата е надвор од контрола на институциите на системот, што може да има опасни далекосежни последици. Ако до пред некое време се сметаше дека објавувањето на новите таканаречени бомби и прислушувани разговори се само неколку инцидентни случаи, сега се покажува дека всушност станува збор за многу поголема и организирана акција. Цела Македонија некако станува минско поле на нелегални аудиоснимки и звучни бомби.
Најновите прислушувани разговори имаат и етнички предзнак и цел да го оцрнат албанскиот коалициски партнер во власта. Се споменува бројка од над 6.000 вакви бомби кои ќе се детонираат по потреба.
Тука веднаш се поставува прашањето – како се нашле овие снимки на црниот пазар, кој ги поседувал, преснимувал и дистрибуирал, дали во таа операција има вклученост, директно или индиректно, на субјекти од политичкиот или правниот систем.
Сѐ се ова прашања на кои јавноста очекува брзи одговори.
И конечно, постои ли одбранбен, законски и правен механизам за заштита на државата и на граѓаните од црниот бомбашки пазар. Зошто ако на ваков начин, со користење на нелегални бомби и прислушувани разговори се има за цел да се направат политички или други промени или концесии во државата и да се рушат легитимно избрани органи, тогаш нивното неоткривање и несанкционирање испраќа порака дека можеби се работи за координирана и осмислена акција од некој центар на моќ.
Или уште полошо, дека „бомбите“ стануваат всушност клучниот аргумент во политиката и преку нив може да се постигне сѐ. Па дури и да се руши државата!
Во таа насока, откривањето и превенирање на сите овие незаконски активности треба да биде императив на сите, и институциите не преку зборови туку на дело да ја покажат и докажат својата функционалност.