Македонија со години со своите операции, како и мноштво држави во светот, спроведува „хемотерапија“ за спречување на општествениот канцер со радикален исламски предзнак таканаречен ИСИЛ. Со пропагирање на заедничките вредности, мирот, толеранцијата и мултикултурализмот, кои се традиција во нашето општество, се превенира и евентуален пробив на радикални групи и поединци, што во пакет со добро осмислените безбедносни мерки е и најуспешен лек против терористите
„Државата има императив да се грижи за безбедноста на нацијата, бидејќи безбедни граѓани носат просперитет и ја засилуваат економијата“. Ова е една од попознатите реченици што ги кажал американскиот генерал и политичар Двајт Ајзенхауер. Токму на оваа мудра мисла треба секогаш да се потсетуваме кога станува збор и за безбедноста на граѓаните во Македонија, соочени со ризиците на модерниот глобален тероризам, кој, за жал, не ја заобиколува ниту нашата земја.
Балканот, а со тоа и Македонија, поради специфичната геостратегиска положба и мултиетничноста секогаш е под ризик од конкретен терористички акт. Засега спротивставувањето на таквите намери за реализација од страна на поединци и групи успешно го попречуваат националните институции за безбедност.
Македонија со години со своите операции, како и мноштво држави во светот, спроведува „хемотерапија“ за спречување на општествениот канцер со радикален исламски предзнак, таканаречен ИСИЛ.
Сите преземени чекори на властите за заштита на граѓаните од опасностите на тероризмот се за поздравување, но трајното лекување од болеста подразбира подолг процес на дијагностицирање на опасноста и потоа иницира темелно преземени мерки, кои ќе оформат своевидна терапија или „вакцина“ со која треба да се минимизира ризикот. Повратниците од боиштата на Блискиот Исток, приближно една декада откога траат конфликтите во Сирија и Ирак, се темпирана бомба и потенцијален непријател за безбедноста на земјата.
Овие луѓе, како во овонеделниот случај уапсени од МВР во Скопје и во Куманово, според официјалните прогнози се неколку стотини и се главниот расадник на идеологијата на ИСИЛ на овие простори. Тие, истовремено, се темпирана бомба, која би можела да експлодира во секој момент, нанесувајќи голема штета на безбедноста на граѓаните и на Македонија. Но тероризмот на овие простори не го пропагираа единствено повратниците од ИСИЛ, иако неговите ризици беа значително зголемено присутни за време на мигрантската криза од 2015 година.
Тогаш низ земјата, движејќи се по балканската маршрута, транзитираа милиони луѓе, а меѓу масите имаше и странци со големо искуство во терористички дејствувања. За потсетување, милитантни организации со слична идеологија, во Македонија во 2012 година го извршија убиството на деца кај скопското Смилковско Езеро, три години подоцна, во 2015-та, кога се изврши нападот на караулата Гошинце, но и кога се спроведе воена мини-операција во кумановската населба Диво Насеље. Натаму, не е тајна дека милитантите организации со исламски терористички предзнак беа активни и во минатото, особено преку дејствувањата на УЧК и на ОНА. Во моментов, меѓународната заедница ги залекува раните од овие организации во Меѓународниот суд за правда во Хаг, каде што се водат судски процеси против поранешните припадници на овие милитантни групи што во минатото дејствуваа во Косово, Македонија и пошироко во регионот.
Оттука гледано, треба да се знае дека Македонија е мала земја и е високоранлива на ова терористичко зло на денешницата. Но успешен лек против заканите на терористите немаат ниту САД, Франција и Британија, кои само во изминатите неколку години на домашно тло претрпеа низа напади, огромна материјална штета и загубени човечки животи, токму како последица на терористички напади.
Самото НАТО, на кое сме членка, директно не нѐ штити од тероризам, иако под неговиот чадор соработката во размената на информации со сојузничките безбедносни служби и армии е голема придобивка и превенција.
Во таа насока, кога ќе се земат предвид сите аргументи, треба да разбереме зошто е многу важно и каква порака испраќаат домашните политичари и верските лидери кога говорат за овие безбедносни проблематики.
Токму поради тоа, домашните лидери треба константно да преземаат поактивни чекори за превенирање од каков било облик на верска злоупотреба на луѓето и да се залагаат за јакнење на мултикултурализмот. Значајно е ваквите пораки за соживот да бидат силни и да ги мотивираат младите да не паднат во канџите на терористичките ќелии од странство, бидејќи тие секогаш се главната цел на екстремистичките групи. На овој начин, со пропагирање на заедничките вредности, мирот и толеранцијата, кои се традиција во нашето општество, се превенира и евентуален пробив на радикални групи и поединци, што во пакет со добро осмислените безбедносни мерки е и најуспешен лек против терористите.