Потсмевањето на Бугарија за „моќта на ЕУ“ станува сѐ поевидентно, бугарската иронија се претвора во сарказам, а сарказмот во сатира за ЕУ.
Се покажува дека Бугарија само открива дека Унијата ниту има механизам да го спроведува меѓународното право, ниту може, ниту умее, а ниту, пак, има репресивен инструмент за да ја превоспита својата членка Бугарија да го почитува правото, како и демократските парава и слободи на малцинствата како колективитети, а и на поединецот
Некоординираност на ЕУ-сојузниците, продолжување на играта со лажни надежи за Македонија (и земјите од Западен Балкан) поврзани со евроинтеграциите, или Бугарија сака само да ја исмее Франција, потсмевајќи ѝ се в лице на Унијата? Оваа трилема со пародична основа сосема реално е поткрепена од коинциденцијата на случувањата и политичките изјави на високи претставници на власта од Франција, Германија и од Бугарија, поврзани со нивните позиции за европска интеграција на Западен Балкан. Потсмевањето на Бугарија за „моќта на ЕУ“ станува сѐ поевидентно, бугарската иронија се претвора во сарказам, а сарказмот во сатира за ЕУ. Се покажува дека Бугарија само открива дека Унијата ниту има механизам да го спроведува меѓународното право, ниту може, ниту умее, а ниту, пак, има репресивен инструмент за да ја превоспита својата членка Бугарија да го почитува правото, како и демократските парава и слободи на малцинствата како колективитети, а и на поединецот.
Во истиот ден, кога францускиот претседател Емануел Макрон ја претстави програмата на француското претседателство со ЕУ, нагласувајќи дека „Западен Балкан е повеќе од сосед, тој е во срцето на Европа“ и дека како ЕУ „имаме посебна одговорност во однос на Западен Балкан“, Бугарија уште еднаш категорично ја повтори својата одлука за вето на почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, со аргументот дека „не ги исполнила бугарските услови“. Кога од Германија, па и од САД, пристигнуваат пораки дека речиси „уште вчера“ треба да започнат преговорите на Македонија (и Албанија) за членство на Унијата, бидејќи тоа е геостратегиски интерес на Унијата и на НАТО, Бугарија и понатаму тврдоглаво не отстапува од Декларацијата на бугарскиот парламент од 10 октомври 2019 година и вели дека таа позиција останува и за состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на 14 декември во Брисел.
Тоа е онаа декларација, со која се поставуваат услови за евроинтеграцијата на Македонија, негирајќи го постоењето на македонски јазик и се бара бришење на изразот „бугарски фашистички окупатор“…
Во некаков првичен импулс на „наивност“ во толкувањето на пораките на големите (гео)политички фактори во овој историски миг, се чини дека сите решиле да ја „насмеат“ Бугарија, кажувајќи ѝ ги своите планови за иднината на светот. Таа, пак, потсмевајќи се на европските механизми на присила, си ја придава улогата на одлучувачки фактор. Бугарија се чини дека во моментов се идентификува со граматичкиот предмет врз кој се извршува дејството во поговорката – „Ако сакаш да го насмееш Бога, раскажи му ги своите планови“.
Кога таква самоидентификација би манифестирала индивидуална личност, многу извесно би била „кандидат“ за медицинско-психолошка дијагноза од видот на „божествен комплекс“. Но политиката е општествен простор каде што сите слабости се користат како „доблест“, кога се во интерес на „повисок интерес“. Па така, составувајќи го мозаикот од изјавите на актерите од „големата слика“ за македонските евроинтеграции, произлегува дека Македонија и овој пат, на претстојниот самит на ЕУ, на 14 декември, нема да добие дозвола да влезе во кадарот за слика на т.н. европско семејство.
Противречноста на пораките и конкретните дејства на земјите-членки во ЕУ во однос на проширувањето, која и понатаму (ќе) се повикува на принципот на консензус во одлучувањето, од македонска перспектива наликува на ново маневрирање (или можеби и манипулирање) на политиката на Унијата, со цел да го стивне растечкиот евроскептицизам во Македонија (и воопшто во регионот), а суштински да нема поместување во евроинтеграциите. Иако извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија во однос на исполнување на критериумите за почеток на преговорите со ЕУ континуирано се позитивни, веројатно повторно како аргумент за новото одложување на „датумот“ ќе бидат потенцирани недоволното справување со корупцијата, владеењето на правото, предизвиците на правната држава, проблемите на администрацијата…, колку да се намали значењето на бугарското вето.
Но Бугарија и понатаму нема да отстапи од своите настојувања нејзините услови за „ребугаризација на Македонија“ да станат „заеднички европски вредности“, кои ќе бидат вградени во македонската преговарачка рамка. Постојано потенцирајќи ја „големата слика“, ЕУ и другите геополитички фактори, се чини дека се подготвени да замижат и да ги толерираат оние што всушност и го разјадуваат „основното платно“ на сликата, со „уметничко-политички средства и истрошени алатки“, на кои одамна им поминал рокот на траење. Анахроните, па и антицивилизациски услови на Бугарија за почеток на македонските евроинтеграции, кои заговараат самонегирање и „ребугаризирање“ на Македонија и македонската нација, иако се чинат незагрозувачки за големата слика на ЕУ, можат да предизвикаат силни контраиндикации, кои ќе ги нагризаат и разјадат основните европски, цивилизациски и демократски вредности на еднаквост, рамноправност, како и правото на самоопределување и самоименување.
Уверувањето дека само со подгревање надежи за почеток на преговори и политички игри со балкански манири, ЕУ може да менаџира политичка стабилност во Македонија, која ќе ја одржува довербата во Унијата, сѐ повеќе станува неодржливо. Привидното решавање на една политичко-парламентарна криза во Македонија нема гаранција за долгорочност, со подгревање лажни надежи и пласирање противречни информации за „отворени прозорци“ (но не и врата) за некаков влез во Унијата. Македонија направи премногу болни отстапки, поврзани со нејзиниот државен и национален идентитет за да биде предмет на политички поигрувања што треба да ја „насмеат Бугарија“.