- Нека биде овој наслов разбран само како метафора, но потсетувам на таа историска касапница. Исто како и таа за Австралијците што биле испратени во Галиполе да гинат за да докажат дека се нација. Нашата порака е дека никој македонски војник не загина залудно, исто како што тоа го велат и Американците и затоа сега не е време како што повикуваат некои политички лидери (лидери само на хартија) дека мораме повторно да се жртвуваме за да создадеме нова нација по барање на ЕУ. Значи, првин во ЕУ да влеземе со нозете напред, легнати во ковчегот. Размислете, не брзајте, ова е 21 век, време на суверенизмот
Тој трга, јас тргам и, оооп, се искина фустанчето, се вели во народната песна. Па, ќе се искине, нормална последица е тоа кога едниот трга на свое и другиот на свое. Тие не се нашле на иста бранова должина, немало љубов да ги зближи и настрадало фустанчето. Или имало преголема страст за нешто?! Како што е страста за власт. А рацио? Кај нас страда цела држава зашто овој трга наваму, другиот натаму. Од почетокот до сега е така. Некои лидери останаа национално неосвестени и политички незрели. Ако ја прифатиме како точна логиката на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, чиј социјалдемократски брод веќе го покажа ефектот на сидрото на Зоран Заев, па наместо да плови, тој тоне, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ја предводи Никола Груевски, со привремено место на живеење во Будимпешта, а СДСМ, пак, е раководена и управувана со далечинско од неговата јали привремена, јали постојана адреса на живеење во Дубаи. Точно ли е ова? Па, што е тогаш Филипче, и зошто се прикажува како лидер? Зошто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е премиер? Нели гласачи го избраа на избори, како што со огромен број гласови ја избраа и Гордана Силјановска-Давкова за претседателка, која, замислете, и таа била под команда на Грујота (?!). Оние, пак, што ја шитнаа македонската кауза, државата, нацијата, историјата, па и дел од земјата, беа сурово казнети. Тоа е нормален демократски процес на деконтаминација. Тоа им се случи и на сдсмовските сестрински партии во Грција и во Унгарија. Да не редиме за други земји.
А крешчендото допрва доаѓа, ураганот на суверенизмот допрва ќе ги чисти есенските лисја, но и подлабоко, зафаќајќи ги и златните тоалети. Тоа е нормален процес, се гледа. Кој не верува нека ја чита колумната на Карл Билд во „Проџект синдикејт“, еден од перјаниците на социјалдемократијата, кој вели дека токму Трамп (конзервативизмот/суверенизмот) ја удрил последната шајка во ковчегот на либерализмот (глобализмот) и создава „илиберализам“ (што ли значи ова?!). Можеби можел да ја употреби и метафората дека се удрени шајките во петиците на либерализмот за да не дај боже се повампират и станат од мртвите. Еве, тоа нека биде мое размислување, мојот цинизам за ковчегот што ѝ го спремија на Македонија за првин со нозете да влезе во ЕУ.
Така денес во светот се зборува за тој нов ураган, што особено го зафаќа идеолошки западниот свет, оти оние другите се навикнати на тектонски промени, интервенции од страна, насилно менување влади, местење избори, сето тоа од страна, колонизирање и грабење. И тоа сето одеше како вредност на либералниот свет и неговите вредности. Ако тоа не е за тоалет-хартија, не знам што е. И сега во ова време-невреме Македонија повторно е ставена на магарешка клупа, со прстот кон неа од Брисел до Скопје, дека е лошиот и тврдоглав ученик, кој, ете, само уште уставни измени не донел за да почне да преговара за членство. И за тоа сега најголеми виновници се вмровците. За ова треба и нерви и желудник, затоа што овде не станува збор за повик земјата да стане вазал, да го соблече и последниот пар долен веш… туку и да си земе улога на куќна помошничка од времето на црвената буржоазија. Да биде слугинка, будуњерка. Демек таа не е чистачка, ама некој/а што им чисти на тие од повисоката класа. Да им ги чисти кујните, спалните, тоалетите, ходниците на бриселските наредбодавци? Аман, бе, па ние сме во 21 век. Ние сме во време кога се развиваат мислата и стремежот за суверенизам, за свој на своето, за нови пријателства и сојузи. И ако тоа на некои политички лидери не им е јасно, тогаш политиката нема смисла.
Нѐ ставаат повторно на опасен тест. Во Канбера има еден од најубавите воени музеи каде што се прикажани воените учества на Австралијците, како и во мировни мисии. Главната реченица врежана во бетонот на музејот е: „раѓање на нацијата“. Галиполе во Првата светска војна бил тестот за Австралија дали ќе биде нација или не. И тестот е положен со давање огромен број жртви. Не прашувајте што мајка барале младите ози-војничиња на Балканот. Американците смислија нешто што го нарекуваат „никој не загинал залудно“ опишувајќи ги нивните војни, вклучувајќи ја и граѓанската. Македонија дала и предала крв за својата татковина, тоа го покажа и за време на големите војни и, конечно, и во Втората светска војна, кога застана на победничката страна – чиста антифашистичка борба со јасна идеологија и свест. Но малку било тоа, па за да ѝ се признае нацијата отидоа војници на Сремскиот фронт за да бидат топовско месо. Ќе кажеме – не загинаа залудно! Но, некој сега вика – е загинале. Залудно било тоа, тоа била нивна приказна, нивно време, а сега е друго. Мораме да влеземе во ЕУ по секоја цена. Зошто по секоја цена? Зарем не беше доволен и достоен еден Сремски фронт за Македонците, на војниците на кои им ги врзаа очите за да не гледаат кон Солун? Ние ја плативме цената и ја преплативме.
Тука сме, на оваа линија на фронтот е сега Македонија – пак ли да бидеме топовско месо, во преносна смисла, за да станеме сега некоја нова европска нација?! Токму сега ние треба да размислуваме со своја глава, по македонски и на македонски. Отстапките создадоа од нас предмет на потсмев, но сега тие од ЕУ очекуваат да бидеме исти какви што навикнале да бидеме кога јаремот или оглавот врз нацијата го стави СДСМ под лидерството на Заев. Па, ние уште не можеме да закрепнеме од најголемата пљачка на народот наречена приватизација и од де факто државниот удар предводен од СДСМ за промена на името и националниот код, па сега се бара да се оди уште подолу, уште подлабоко.
Ќе наведам еден пример од една голема држава, која има традиција, политичка култура и достоинство кога треба и кога мора. Барак Обама пред да биде избран за претседател беше во посета на Германија, тој веќе беше печен за претседател, требаше уште само формално тоа да го направат избирачите. Новинари му поставуваа незгодни прашања за Џорџ Буш, а тој им рече отприлика вака: За мене, Буш е претседател и јас него го почитувам. Кога сум дома можам да го напаѓам и критикувам, но не и кога сум во странство. Овде тој е и мој претседател. Се надевам ќе допрат овие зборови на Обама таму каде што треба и ќе се разбере пораката. Не е лесно да се гради политички консензус, но тој треба да се постигне дома. Замислете дека сте на слава, на Свети Арангел (годинава била мрсна слава) и одете по ред – што се јаде, што се пие и кој почнува песна, а кој следи. Не мешајте вино и ракија кога не треба, почитувајте го домаќинот, и тој ќе ви врати со почит. И потоа заедно заминете на пат за Брисел. Нека ви е со среќа. И не заборавајте, помина времето на црвените пилули, сега повторно се во мода и ефикасни сините таблетки.


































