Скопје не е којзнае колкав град, па некои работи да не можат да се одгатнат или да се видат јасно. Сигурно е дека во полицијата постојат аналитички служби што многу добро знаат да ги поврзат работите и да дојдат до извршителите, па и до нарачателите на овие крвави настани досега. Затскривањето зад флоскулата „истрагата е во тек“ веќе не држи вода…
Две лица завршија повредени откако пред два дена врз нив беше пукано во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје. Едниот од погодените е истиот човек кон кој беше пукано од огнено оружје, на истата локација, на 25 август годинава, во возилото во кое тој се возел во гаражите на трговскиот центар. Тогаш тој не беше повреден, бидејќи се возел во блиндирано возило, но овој пат заврши во болница. Министерството за внатрешни работи соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, а на официјалната фејсбук-страница објавија и фотографија од напаѓачот, па се бара од граѓаните да го пријават лицето доколку некаде го забележат, со цел побрзо расчистување на инцидентот.
Повредените се мажи и кај двајцата се работи за прострелни рани. Едно од повредените лица е во критична состојба и се наоѓа во клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје. Тој беше итно опериран откако му беа констатирани повреди на стомакот и на градите. Другото лице беше пренесено во Клиниката за торакална хирургија.
Овој крвав настан од центарот на Скопје по многу елементи наликува на некаква мафијашка пресметка, за кои вообичаено мислиме дека се случуваат далеку од нас. Меѓутоа, за кусо време доживеавме да се повтори речиси истата слика среде бел дел, во еден од најпосетените трговски центри во Скопје. Пред којзнае колкав број посетители, меѓу кои и деца, некој ладнокрвно вади пиштол и пука кон зададената цел.
Граѓаните не се чувствуваат безбедни и сѐ погласно го кажуваат тоа. Овие инциденти се косат со правото на слобода, на слободен живот, бидејќи никој не се чувствува слободен кога околу него секој миг може да се случи некаква престрелка.
Каде е тука безбедноста на граѓаните? Како се најдовме во ситуација никој никаде да не може да се чувствува безбедно. Очигледно е дека многумина имаат огнено оружје, секој пука каде што сака, а најмногу застрашува моментот дека во конкретниов случај, без никаков страв, напаѓачот извадил пиштол среде бел ден и си ја завршил својата работа. За среќа на жртвите, не успеал дефинитивно, бидејќи тие сепак преживеале. Но изненадува дрскоста некој да се реши на таков чин во полн трговски центар, кој има сопствен систем на обезбедување, каде што е голема веројатноста да има полицајци во цивил или во униформа, сеедно.
Без малку совест, без страв од последиците, напаѓачот се решил да посегне по пиштолот.
Очевидците биле во паника. Не знаеле каде да бегаат. Исплашени за сопствениот живот и животите на своите најблиски со кои биле, трчале насекаде само што поскоро да излезат од ѕидовите на трговскиот центар.
За каква безбедност зборуваме тогаш, каква земја станавме?
Не е првпат да се случуваат вакви пукотници и престрелки во Скопје. Низ изминатите годините во вакви престрелки имаше мноштво убиства. Да потсетам само за „Шиша бар“, кога во вечерните часови, кога посетеноста беше голема, неколку лица влегоа, ладнокрвно извадија оружје и пукаа во Јетон Кривањева-Жила и во уште еден негов пријател. „Шиша бар“ и до ден-денес не работи, а се сомневам, и да проработи, дека ќе биде посетен. Трагите од крв, иако измиени, вечно ќе потсетуваат на бруталното убиство што се случи.
Камер Идризи исто така беше брутално изрешетан на булеварот Босна и Херцеговина, а по него исто така беше убиен неговиот брат, Јонус Идризи, во чајџилница, повторно на место каде што посетеноста е огромна.
Она што уште повеќе плаши е фактот што осамна информација дека и овој напад бил реализиран по објавено предупредување за повредениот на социјалните мрежи. И летово во Грција беше убиен Оки, соработник на Жила, еден од главните на мафијата Дуќанџик. И за него имаше предупредување на социјалните мрежи дека е следен за ликвидација.
Каква земја станавме? Каде живееме, зарем сме Див Запад? Возрасни пукаат едни во други како сакаат, да му е страв на човек да седне кафе да се напие или да прошета во трговски центар.
Надлежните мора да си ја сфатат работата посериозно. На овој башибозук мора да му се стави крај. Нема потреба сега овде многу да се мудрува и да им се делат совети на луѓето што професионално си ја работат својата работа. Скопје не е којзнае колкав град, па некои работи да не можат да се одгатнат или да се видат јасно. Сигурно е дека во полицијата постојат аналитички служби што многу добро знаат да ги поврзат работите и да дојдат до извршителите, па и до нарачателите на овие крвави настани досега. Затскривањето зад флоскулата „истрагата е во тек“ веќе не држи вода.
Патем, не е лошо одвреме-навреме како извор на оперативни информации, кои имаат карактер на индиции (за намера за извршување криминални поведенија), да се фрли око и на социјалните мрежи, особено Тикток, каде што очигледно сега е популарно да се направи „show off“ и да се најавуваат овие нелегални дејства, па дури и убиства и престрелки. Ете, за пример, завчерашното пукање, како и голем дел од оние претходните ликвидации беа редовно најавувани на Тикток, па колку и да изгледа несериозно ваквото однесување, од друга страна зборува за самоувереноста на оние што пукаат, односно ги организираат настаните, дека се недопирливи, а од друга страна за неспособноста да се превенираат ваквите нелегални поведенија. А тоа е веќе сериозен проблем за службите, бидејќи некој пред нос им го пишува целото сценарио што ќе се случи, а тие „се прават на Тошо“.
Никој од граѓаните не заслужува да преживува вакви стресови, бидејќи ние не сме учени на таков живот.
Ако е тоа некаква утеха, во ваквите инциденти досега немаше колатерални жртви, но тоа многу лесно може да се смени. Граѓаните заслужуваат да живеат во мир и спокој. Доволно проблеми си имаат над главата, уште ова им остана, да се плашат за своите животи и да седат затворени дома од страв дека некој некаде ќе го повлече чкрапалото на пиштолот и со себе ќе однесе невини жртви.