Жил Верн

По сушното лето, есенва ја обележија врнежливи периоди, што на некој начин влијаеше и врз благото покачување на нивоата на реките и езерата. Многу вода падна врз оваа наша исушена македонска земја, толку многу што некаде дури се активираа и свлечишта, некаде водата се излеа од одводните канали низ нивите, а некаде се излеа и од речните корита.
Кога човек ќе види колку вода оди неповратно низ буиците и канализациите, не може а да не се запраша дали не може оваа вода некако да се канализира, некаде да се складира, па потоа по потреба да се искористи за некаква потреба.
Не сум некаков познавач, уште помалку хидроинженер, но критичните точки на излевање на водите при вакви поројни дождови се добро познати. Хипотетички, што би било ако на одредени подрачја се направат некакви мали акумулации во кои би завршувала водата од поројните дождови? Знам дека овие мои идеи некому ќе му звучат несериозно, неизводливо, ќе каже дека ова е научна фантастика и дека нема потреба воопшто и да се размислува за нив. Своевремено и идеите на еден Жил Верн некому му звучеле како фикција, како нешто неостварливо, само како интересно четиво за да се привлече вниманието на читателите, но низ годините сите овие идеи станаа реалност. Ги имаме подморниците, подводните костими, човекот отиде до Месечината… Далеку од тоа дека себеси се споредувам со Жил Верн, но поентата ми е дека ниту една идеја, без оглед колку и да изгледа на прв впечаток неверојатно, не треба веднаш да се отфрла, туку треба да се размисли како од неа да се развие нешто. Зошто го велам ова, дека некогаш и невозможното многу лесно може да стане можно?
Пред извесно време бев дел од една делегација што имаше ексклузивна можност да се запознае со израелските искуства околу менаџирањето со водата. Пред повеќе децении токму во Израел, земја што во најголем дел е пустина без извори на пивка вода, се нафрлале разни футуристички идеи како да се обезбедат доволни количества на вода со која ќе почнат да се снабдуваат градовите, но и како ќе се култивира пустината и ќе се претвора во обработливи површини, кои ќе ѝ обезбедуваат храна на земјата.

Многу од овие футуристички идеи се покажале како неостварливи, но израелската упорност одела дотаму што секоја отфрлена идеја водела кон некоја друга идеја, таа кон трета и така во недоглед, сѐ додека не дошле до решението што им било потребно. Недостигот од доволни количества вода го нашле во изградбата на постројки за десалинизација на морската вода. Баш додека ги пишувам овие редови се сетив на нашиот „интернет“ од времето кога ние бевме деца, кога појадокот како по обичај го дополнувавме со читање „Политикин забавник“, голтајќи покрај залаците тазе лепче и многу други сознанија и новитети што се случуваа по светот. Уште тогаш прочитав за плановите светот да се обезбеди со пивка вода така што ќе се извади солта од морската вода и на тој начин ќе се добијат неограничени количества вода дури и онаму каде што ја нема. Тогаш тоа уште беше во фаза на испитувања, на проверки, се анализираше колку е тоа е реално и слично. По пет децении и самиот се уверив дека тоа што тогаш го читав во рубриката „Верувале или не“, денес е реалност, гледајќи ги пред себе огромните цевки и постројки што ја вшмукуваат водата од Средоземно Море и, преку процес на десалинизација, ја отстрануваат солта од неа, ја прочистуваат и ја доведуваат во состојба на пивка вода. Значи, некогашната фикција станала реалност. И тоа било нечија футуристичка идеја. Израел најголем процент од потребите за вода ги обезбедува на овој начин, па дури ги снабдува и соседните земји.
И приказната за футуристичкиот пристап не завршува тука. Во моментот кога Израелците се соочиле со проблемот што и кај нас е присутен, со големи загуби на вода низ системот, повторно почнале да размислуваат како да најдат решение и за тој проблем. Низ водоводната инсталација е инсталирана паметна технологија, почнувајќи од броилата во домовите, преку сензорите на цевките што во реално време детектираат какви било аномалии во мрежата, односно регистрираат пад на притисокот во мрежата и во ист момент се знае каде е дефектот, но и од што е предизвикан. Ако е кражба на вода, точно се знае во кој дел е крадењето, така што престапникот веднаш се санкционира. Технолошкиот напредок е отиден дотаму што дури се користат и сателити за да се детектираат какви било истекувања или загуби на вода. Благодарение на ваквиот пристап, загубите на вода во Израел се под седум проценти, за разлика од нашите фрапантни 60-70 отсто.

Понатаму, приказната за одговорниот однос кон водата не завршува тука. Имено, израелските искуства покажуваат дека секоја капка е важна, дури и онаа што истекува низ веце-школките. Знам дека уште веднаш на многумина ќе им се згади, но праксата што ја применува Израел за прочистување на отпадните води требаше многу одамна да ја примениме и ние. Нашата трагедија е во тоа што и во 21 век еден главен град како Скопје нема пречистителна станица за отпадни води, па и кога почна да се гради, запна поради нечии суети, рачиња, обвинувања и други глупости.
Но да се вратам на успешните приказни. Водата од одводите во големите градови во Израел завршува во пречистителните станици, каде што со примена на најсовремена технологија таа се доведува до ниво на пивка вода. Сепак, оваа вода низ посебни системи и мрежи се носи до земјоделските површини на југот на земјата, кој претежно е пустински, но, благодарение на ваквиот пристап, пустината полека се претвора во плодна обработлива површина. Значи водата од одводите, по третирањето, е пренасочена кон земјоделството, со што повторно се штеди и рационално се користи без никакви загуби. Остатоците од третманот на овие отпадни води, односно тињата, се користат како ѓубриво или за производство на биогас. Со други зборови, не останува никаква фира.
Несомнено, новите технологии придонесуваат секоја идеја, колку и да изгледа футуристички, да може да се реализира. Она што на почетокот го споменав како идеја во некакви мини-акумулации да се собираат водите од поројните дождови можеби изгледа нереално, но во Израел уште сега размислуваат како да ја искористат и онаа малку дождовница што се собира во малкуте дождовни денови што ги имаат. Луѓето размислуваат, бараат решенија, не се откажуваат.
Како и да е, она што имав можност да го научам од израелските искуства во менаџирањето со водата ми дава слобода да кажам дека најголем дел од тоа може да се примени и кај нас, ако не и сѐ. Нам не ни е потребна десалинизација, оти имаме големи количества пивка вода, на што секој може да ни позавиди. Она на што не можат да ни се начудат, тоа е нашиот неодговорен однос кон водните ресурси. Кога ќе слушнеа дека ние со пивка вода миеме улици и автомобили, едноставно не им се веруваше колку може некој да се однесува расипнички со најголемото богатство на планетава.
Затоа, добро е кога се нафрлаат идеи, добро е кога се учи од туѓите искуства, особено од оние што се потврдиле како најефикасни и функционални. Македонија и Израел имаат одлични меѓусебни односи, а нема никаква дилема дека Израелците сакаат своите знаења да ги споделат со нас, така што нашите класични изговори од типот дека нешто не е можно, нема пари, не може да се примени кај нас, едноставно не држат. Сѐ е можно, ништо не е прескапо, прашање е колку има желба иднината да почнеме да ја живееме денес.