„Женските“ изложби – тренд или одраз на опкружувањето?!

Придавката „женска“ пред именката „уметност“ има свое оправдување и е резултат на тоа дека сѐ уште не сме навикнати на поголемо (иако не и рамноправно) учество на жената во сферата на творештвото. Но фактот што сѐ уште пред изложбите на авторките секогаш се појавува и придавката „женски“, како укажување на некаква исклучивост, кажува дека свеста и натаму треба да се менува кон прифаќање на овие изложби, како на творештво што има намера да покаже дека се работи за нешто доста комплексно

„Жените уметници се жив хор од гласови што рамноправно со своите колеги ја обликуваат историјата на уметноста, но нивните гласови честопати се задржуваат на нејзините маргини. Поривот за организирање на оваа изложба е вкоренет во потребата да се засилат овие гласови – да се донесат од маргините во центарот. Жените уметници го обликуваа уметничкиот пејзаж со нивната иновација и брилијантност, но нивните приказни често се шепотат таму каде што треба да бидат гласно објавени… “, рече Корнелија Конеска, кураторка на изложбата „Жени уметници од колекцијата на Остен“, отворена деновиве.
Изложбата пред јавноста го претстави извонредниот талент на петнаесет македонски женски имиња од областа на уметноста: Евгенија Демниевска, Ана Темкова, Јана Манева Чупоска, Марија Павловска, Јасминка Новковска, Петра Јовановска, Марија Светиева Ергас, Касиопеја Наумоска, Татјана Манева, Мирјана Крстева Масети, Љубица Мешкова-Солак и Анка Данаиловска. Нивната работа и делата се високопозиционирани, не само на македонската туку и на светската ликовна сцена. Според Конеска, изложбата е претставена токму сега затоа што историјата неретко има начини да ја прикрие брилијантноста кога не се вклопува во очекуваниот наратив и затоа што светот сè уште прашува: Каде се големите жени уметници?
Последниве две децении, евидентни се голем број изложби на жени автори со наслови „Женска страна“, „Женско писмо“, „Проверка на родот“… (Ова се насловите на дел од ликовните изложби отворени само во 2010 г. во повеќе градови во регионов: Белград, Загреб, Скопје…, но и пошироко, во Виена, на пример). Постановките во кои учесници се жени, или кои имаат особен нагласок на „женственоста“ или „женскоста“, бележат вистинска експанзија. Уште неколку вакви изложби се отворија и во Скопје (на пр. „Женска книга“ на Лилјана Ѓузелова, мултимедијалната „Вкалапување“ на постдипломците на Институтот за литература), а македонските уметници учествуваа на групни ликовни манифестации што се занимаваат со родовите улоги (Драгана Заревска и Неда Фирфова на белградската „Женско писмо“, или група македонски уметници на виенската „Проверка на родот“).

Сега постои „опасноста“ дури женските изложби да станат тренд и помодарство. Сепак, поверојатно е дека и тие се одраз на социокултурното опкружување, кое сѐ уште не е комплетно редефинирано.
Денес, женската општествена партиципација како облик на таканаречена еманципација (политичка, економска, образовна) но и онаа интимната, лична, приватна сфера на жената е променета, иако – не докрај. Факт е дека последиците од патријархатот се чувствуваат и сега, бидејќи тој со векови го оневозможуваше пристапот на жената до симболичкото или и го одземаше правото да се самодефинира. Родовите предрасуди не се докрај надминати, но веројатно свеста дека таквата состојба мора да се менува сѐ повеќе се зацврстува. Придавката „женска“ пред именката „уметност“ има свое оправдување и е резултат на тоа дека сѐ уште не сме навикнати на поголемо (иако не и рамноправно) учество на жената во сферата на творештвото. Но фактот што сѐ уште пред изложбите на авторките секогаш се појавува и придавката „женски“, како укажување на некаква исклучивост, кажува дека свеста и натаму треба да се менува кон прифаќање на овие изложби, како на творештво што има намера да покаже дека се работи за нешто доста комплексно.
Една голема таква изложба беше „Проверка на родот“ отворена во 2010 година во Виена. Изложбата претстави четиристотини дела на уметници од дваесет и четири земји на Источна Европа, кои ги истражуваат родовите улоги. Критичарката Сузана Милевска две години ја истражуваше домашната ликовна сцена за да ѝ ги понуди на кураторката на оваа изложба, Бојана Пејиќ, најсоодветните ликовни дела од Македонија, кои ги претстават промените во претставувањето на машките и женските улоги во уметноста, согласно на различните општествено-политички услови, во кои тие промени се одвиваат. Како истражувач за уметничката сцена во Македонија, таа беше ангажирана да достави што повеќе релевантни детали за начинот на кој се претставуваат родовите аспекти на субјективитетот во творештвото на различни ликовни уметници кај нас, независно од нивниот пол, етничката или сексуалната припадност.

Историски, пак, во времето на Втората светска војна жената достигнува перспектива на самостојност и општествено-политичка рамноправност, таа станува соборец во борбата, еднакво општествено одговорно суштество, меѓутоа уште на почетокот на 1950-тите години, во текот на периодот на стабилизација на земјата, нејзината општество-ангажирана улога како да „стивнува“ и таа се враќа на претходно востановената улога на репродуктивно-семејната рамка. Со напливот на масовната култура, во текот на 1950-те и 1960-те години, доаѓа до реафирмација на стереотипните функции на жената, таа сѐ повеќе се гледа и одредува на ниво на симбол на убавина, пожелност, егзотика… Тој тренд со мали поместувања трае до денес. Ќе биде ли надминат женскиот молк и ќе настапи ли време на жените, се разбира не во буквална смисла? Да се преобрази запишаното место на жената, тоа веројатно е идеологијата и на идниот феминизам, или на родовите студии.

Весна Дамчевска