Во Македонскиот културен центар во Њујорк е отворена архитектонската изложба „Жените во македонската архитектура: Обновата на Скопје“, која е резултат на повеќегодишно истражување. Ваквите изложби се значајни затоа што се своевиден одговор на прашањето за видливоста/невидливоста на жената во културните наративи и на тоа зошто има толку малку жени низ историјата на уметноста – сигурно не затоа што жените имаат помалку талент, туку повеќе затоа што низ историјата им се давани поинакви улоги и не се поттикнувани нивното образование ниту занимавањето со уметност
Во втората половина на дваесеттиот век, значително се менува улогата на жената во македонското општество. Во новонастанатиот политички, економски, социјален и културен контекст, жените го прават својот прв пробив во мноштво професии, кои претходно се сметале за „машки“. Обемниот и сеопфатен модернизациски и еманципаторски проект значи забрзано менување на структурата и ликот на градовите, а жените архитекти рамноправно учествуваат во обликувањето на новиот животен простор. Жените архитекти даваат значаен придонес кон архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје. Периодот на 1960-тите, 1970-тите и раните 1980-ти години е време на интензивно архитектонско и урбанистичко творештво за Мимоза Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска и многу други. Образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри – Белград, Загреб и Љубљана, каде што архитектонскиот модернизам навлегува директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага. По нивното враќање во Скопје имаат силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ги модернистичката идеја и култура меѓу помладите генерации на архитекти…
Она што го создавале во моментов е претставено во Македонскиот културен центар во Њујорк во рамките на архитектонската изложба „Жените во македонската архитектура: Обновата на Скопје“, која е резултат на повеќегодишно истражување, изложбата пред американската и меѓународната јавност го претставува креативниот придонес на жените архитекти во македонската архитектура, со нагласок на нивната улога во модернизацијата на Скопје за време на постземјотресната обнова на градот. Истражувањето, исто така, претставува придонес и кон актуелната глобална дебата за улогата на жените во архитектурата и општеството, со цел за придонесе за подобро разбирање, поголема видливост и културолошко вреднување на архитектонското наследство што тие им го оставиле на идните генерации.
Зошто се важни ваквите поставки, особено кога се презентираат пред светската јавност? Уводот во повеќе истражувања, кои на различни начини ги испитуваат аспектите на историјата или на антропологијата на жената, нужно почнува со прашањето за невидливоста на жената како историски субјект, иако таа отсекогаш била, иако не мнозински, учесник во големите и во помалите настани на човековата историја и култура. Многубројните одговори на ова прашање во долгата историја на феминизмот биле концентрирани околу политичката борба за еднаквост на жените, како аргументација во која било нужно да се обезбедат што повеќе докази и позитивни примери за способностите на жената, за нејзината „видливост“ на историско, општествено, политичко и, конечно, на културно рамниште. Ваквите изложби се одговор на прашањето за видливоста/невидливоста на жената во културните наративи и на тоа зошто има толку малку жени низ историјата на уметноста – сигурно не затоа што жените имаат помалку талент, туку повеќе затоа што низ историјата им се давани поинакви улоги и не се поттикнувани нивното образование ниту занимавањето со уметност.