Стопати или илјадници пати досега сме слушнале дека правосудниот систем ги толкува и ги применува законите, обезбедува праведност, спречува произволни дејствија, ги штити основните права и слободи, осигурува дека законите ги почитуваат достоинството и правдата на граѓаните, ја контролира извршната и законската власт, решава правни спорови преку структуриран начин врз основа на разум и закон, поттикнува доверба и стабилност преку фер систем и сѐ така до бесконечност. Напишаното прекрасно звучи, но во пракса институциите и правосудниот систем се условени од човечкиот фактор, односно од квалитетот и способностите на административците или судиите. Не случајно човековиот фактор е апсолутно суштински за функционалното судство, со други зборови, квалитетот, способноста и интегритетот се срцевината на ефикасниот правен систем. Законите и процедурите обезбедуваат правна рамка, но на крајот од денот луѓето во судовите ја олицетворуваат правдата, како што се судиите што се одликуваат со интегритет, непристрасност и способност да ги толкуваат законите со мудрост или судскиот персонал, со својата ефикасност и професионализам
Сосема обичните, банални или излитени општења се забавни и неопходни за социјалните поврзувања, но тие не треба да бидат замена за суштинските нешта што навистина влијаат на нашиот свет. Колку и да звучи чудно, токму во овој правец беа информациите за шестиот самит на Европската политичка заедница што се одржа во Тирана. Ударна тема во медиумите беа стајлингот на Еди Рама и неговите патики во боите на Европската Унија или неговото клекнување на црвениот тепих пред италијанската премиерка Џорџа Мелони. Медиумите не заборавија да нѐ потсетат и дека Еди Рама е уметник што ги донесе 40-те шефа на држави во Тирана или дека е професионален кошаркар. Мора да се признае дека албанскиот премиер со својата харизма плени и е мамка за медиумите, но сепак изостана суштината.
Но зошто суштината, како внатрешна содржина, е важна? Се вели дека општењето за суштинските прашања е клучно бидејќи ни овозможува да се насочиме кон теми што го обликуваат нашиот живот, но и на општеството во целина. Кога сме насочени кон суштински дискусии, ја поттикнуваме свеста, но и разбирањето и решенијата за реалните проблеми, без разлика дали станува збор за социјални или политички прашања. Не случајно, суштинското општење поттикнува напредок и го поттикнува критичкото размислување, нешто што е особено важно при донесувањето на одлуките. Оттука давањето приоритет на суштинските нешта означува промислен дискурс што води кон промени, но и помага за создавање посвесно општество за проблемите и предизвиците со кои се соочува.
Сепак, мора да признаеме дека имаше одредена суштина околу самитот на Европската политичка заедница за која бевме информирани, како што беше повикот на францускиот претседател Емануел Макрон до странските инвеститори да дојдат во Албанија, која, како што рече, ќе биде во Европската Унија за две години, односно во 2027 година. Некој може да дофрли дека Еди Рама е милениче на Макрон, како и дека брзото вклучување на Албанија во Европската Унија е стратегиска одлука на Париз, но сепак има и нешто друго за што во македонските медиуми не се пишува или говори. Доколку суштински нештата се расудуваат, Република Албанија е неколку чекори пред Македонија, а тоа се должи на посветеноста на албанските власти за модернизација, а забележлив е и економскиот раст на нашиот западен сосед во изминатава деценија. Реалноста вели дека Албанија и понатаму се соочува со проблеми, но беа направени вистински чекори кон трансформација на албанското општество, како што е дигитализацијата, особено во јавните услуги.
Порталот е-Албанија стана централа за над 1.200 јавни услуги преку интернет, со што беа елиминирани интеракциите лице в лице, а наедно беа намалени бирократијата и можната корупција.
Можеме да бидеме љубоморни, но реалноста вели дека Република Албанија се движи во вистинската насока. Можеби некој ќе ни рече дека претерано фалиме, но само замислете кога македонските граѓани ќе се соочат со бавноста на бирократијата при вадењето документи. Секој од нас ги слушнал зборовите – дојдете за седум дена или работиме до два часот, да не говориме за апсурдностите од форматот кога во извод од матична книга пишува Александар, а не Александра. Сето ова се банални нешта што можат да се решат преку дигитализацијата, но тоа е мисловна именка за нас.
Сега да се насочиме кон суштината, нешто што неколкупати беше нагласено во нашиот текст. Како општество се соочуваме со голем број проблеми, но ние би ја одвоиле состојбата со македонското правосудство. Ова е егзистенцијално прашање бидејќи правосудството е ’рбетот на секоја функционална држава што обезбедува правда, стабилност и владеење на правото.
Стопати или илјадници пати досега сме слушнале дека правосудниот систем ги толкува и ги применува законите, обезбедува праведност, спречува произволни дејствија, ги штити основните права и слободи, осигурува дека законите ги почитуваат достоинството и правдата на граѓаните, ја контролира извршната и законската власт, решава правни спорови преку структуриран начин врз основа на разум и закон, поттикнува доверба и стабилност преку фер систем и сѐ така до бесконечност. Напишаното прекрасно звучи, но во пракса институциите и правосудниот систем се условени од човечкиот фактор, односно од квалитетот и способностите на административците или судиите.
Не случајно човековиот фактор е апсолутно суштински за функционалното судство, со други зборови квалитетот, способноста и интегритетот се срцевината на ефикасниот правен систем. Законите и процедурите обезбедуваат правна рамка, но на крајот од денот луѓето во судовите ја олицетворуваат правдата, како што се судиите што се одликуваат со интегритет, непристрасност и способност да ги толкуваат законите со мудрост или судскиот персонал, со својата ефикасност и професионализам.
Но судската непристрасност или професионализмот се условени од меритократијата, нешто за што повторно стотина пати сме пишувале и анализирале. Затоа нашиот текст на крајот ќе го завршиме со изјавата на данската премиерка Мете Фредериксен, на маргините на самитот на Европската политичка заедница, која нагласи – од европска перспектива, можеме да се прошириме, но овој процес мора да зависи од меритократијата. Со други зборови, членството на Албанија и Македонија во Европската Унија ќе зависи од квалитетот и способностите, нешто од што зависи ефикасноста на судството или на институциите.