Зајакот на стража ќе бега пред лаежот на законот

Излегувањето на ДУИ од парламентот како опозиција и организирањето неразумен и политички блеферски протест со некакви шатори и стражи пред Уставниот суд се последниот и конечен доказ дека партијата што изникна и се појави пред триесетина години, во не докрај разјаснети услови во Косово, за потоа да се организира и инсталира во Македонија, е пред конечното политичко и практично суицидно исчезнување. И ДУИ и Али Ахмети, како нејзин контрадикторен лидер и конфликтна личност, од самиот почеток очигледно се неспособни да функционираат во организиран политички и државен систем и од организираноста и комоцијата што им ги нуди статусот на политичка опозиција во парламентот се преселија во шатори на улица, што самоволно го одбраа како место на кое одлучија дека му припаѓаат! Притоа, прашање на политичко ниво е зошто од ДУИ како парламентарна партија наместо во блеферски наречените „стражи за чување на албанскиот јазик“, не најавија, а никој не може да им забрани да присуствуваат и да учествуваат на седницата на Уставниот суд на која ќе се расправа за 16 иницијативи за оцена на Законот за јазиците, поднесени уште пред пет години кога истата ДУИ беше во владејачката коалиција во Собранието и од таа позиција ги предложи и беа избрани двајца Албанци за уставни судии, кои сѐ уште се на таа функција, но, кои најавија дека нема да учествуваат во работата и ќе ја бојкотираат седницата на Уставниот суд на која денеска треба да се расправа за уставноста на Законот за јазиците!?
Фактот дека ДУИ самоволно „превентивно“ од фактичката комоција, но и политичка функционалност во Собранието или партиските штабови се пресели на улица и неофицијално, наводно, ги повлече своите судии од Уставниот суд и истовремено најавува некакви „радикални нови мерки“ доколку бидат прифатени иницијативите за прогласување на Законот за употреба на јазиците за спротивен на Уставот, само детектира дека причината за обидот за ваквата политичка манипулација, по пропаднатата демонстрација за предизвикување сериозни нереди околу прославата на денот на албанското знаме, крие нешто многу посериозно!
Впрочем, тоа и не може да се скрие и не е тешко да се дефинира, особено што пред Уставниот суд „на стражарското место“ не се појавуваат ниту сите членови на раководствата на ДУИ, а камоли обичното членство или обични граѓани Албанци!? Исто така и во инцидентите околу прославата на албанското знаме беа регрутирани малолетници, за кои, според официјални извори од истрагата, „и нивните родители биле согласни дека за постапките на нивните деца и оние што ги организирале треба да бидат изречени санкции во согласност со законот“.

Дополнително и секако неслучајна е последната одлука од Вашингтон на црната листа на Стејт департментот да се најдат Артан Груби, кој неколку години ја дели лидерската позиција и ја дели власта со формалниот лидер на ДУИ, Али Ахмети, и судијата Енвер Беџети, поради корупција и мито во вршењето на нивните функции од највисок ранг, што е последниот од многуте директни и јасни удари дека Македонија во голема мера длабоко и суштински е дел од европската и светската политичка реконструкција на новиот светски поредок, барем во делот на Балканот и Европа! ДУИ и конкретно Али Ахмети и Артан Груби од директната врска со американската амбасада, дипломатија и политика, сега се најдоа на „улична стража“. А допрва ќе следува обработката од страна на американската администрација, која, кога некаде ќе добие сериозно влијание какво што стекна во Македонија, тешко дека воопшто ќе помисли да се повлече. Сѐ поочигледно е дека администрацијата на САД веќе длабоко навлезе во откривање и констатирање на тешките повеќегодишни деградирачки штети по демократските процеси во Македонија, кога носители на власта беа СДСМ со Зоран Заев, потоа Димитар Ковачевски и коалицијата со ДУИ, односно Али Ахмети и Артан Груби. Вашингтон веќе не ја смета за доволна македонската „смајли“ политика и бара сериозен напредок и резултати на повеќе полиња, а не само вшмукување американски пари како бунар без дно и злоупотреба на истите тие. Е сега, стратегискиот наш партнер и повеќе од сериозно испрати порака дека точно знае за доскорешното неодговорно, па и криминално однесување на поединци и групи што биле носители на јавната власт и со своите преземени радикални потези, става крај на таквиот однос. ДА – за стратегиско партнерство, но НЕ за непринципиелност, злоупотреби и криминал. Сега, очигледна е хаотична преплашеност кај комплетниот врв на ДУИ…, а и кај поединци од нивниот доскорешен коалициски партнер во власта.

Да се вратам малку назад, на почеток од текстов, во врска со организирање неразумен и политички блеферски протест со некакви шатори и стражи пред Уставниот суд од страна на ДУИ. За мене, „стражарското“ место пред Уставниот суд, што е заменето со воената стража на ОНА, пардон ДУИ, како некаква политичка (полувоена) форма на притисок е дегутантно и еднакво на лузерски циркус. Зелената партија повторно облекува некакви зелени маскирни униформи… Впрочем и многу фази од 2001 година имаат мошне неразјаснети и мистериозни моменти, уште повеќе во трите децении потоа и практикувањето на власта во кои ДУИ беше задолжителен учесник за сега да се сведе во позиција како во детската песничка „Зајак на стража“, кој побегнал при првиот „лаеж на ловечкиот загар во ноќта“. Дека расправата за Законот за јазиците доби поголема политичка тежина од некои други иницијативи е факт и за тоа нема дилема, но, на крајот на краиштата, Уставниот суд и постои за најважните државни прашања од национална важност за уставниот поредок! Уставниот суд конечно треба да покаже дека знае педантно да ги спроведува своите надлежности во согласност со Уставот. Без примеси на политики, калкулации, преференции – заради мир во куќа и слични еквилибристики. Правото и правдата над сѐ и тоа како резултат ќе донесе висок степен на демократија и остварување на граѓанските права и слободи – се разбира, во рамките на Уставот и законите!

Илија Максимовски