Во неодамнешната декларација што беше усвоена од бугарското собрание се бара „организирање заеднички прослави на заеднички историски настани и личности, со оглед на богатата заедничка историја на двете земји“, како и несогласување за негирањето од македонска страна за заедничката историја. Каков апсурд! Бугарските тези се небулозни, бидејќи се доведуваме во ситуација заеднички да ги одбележуваме бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, масакрот кај Сеченица или бугарската депортација на Евреите од Македонија во концентрационите логори
Европската Унија беше замислена како проект за сплотување на европските нации, а идејата за обединета Европа произлезе по Втората светска војна, која беше катастрофална за континентот. Најпрво европските визионери акцентот го ставија врз економската соработка како лост за зближување, но платформата беше многу поширока, што особено е видливо во принципите на Роберт Шуман за крај на војните во Европа. Европските мудреци беа свесни дека двете светски војни, кои однесоа милиони жртви и ја оставија Европа во руини, се должеа на екстремниот национализам, иредентизам и шовинизам. Затоа беа преземени практични чекори кон оддалечување од овие фанатични идеологии, а првиот чекор беше направен од Франција и од Германија со потпишувањето на Елисејскиот договор од страна на Шарл де Гол и Конрад Аденауер. Со потпишувањето на овој договор, Германија и Франција воспоставија нова основа за односите, ставајќи крај на вековното француско-германско непријателство и војни. Елисејскиот договор содржеше голем број принципи за заедничка соработка во надворешната политика, економската и воената интеграција, како и размена на студентско образование.
Елисејскиот договор е совршен пример за зближување и соработка на две нации што во минатото водеа бесконечни војни. Особено е важен фактот дека Франција и Германија се откажаа од сеништата на минатото и се насочија кон иднината, признавајќи си го меѓусебното право на постоење врз принципот на кооперација за унапредување на нивните нации и општества. Но не сите членки на Европската Унија ги научија лекциите од Елисејскиот договор, а тоа е особено видливо од постапките на официјална Софија кон сите припадници на македонскиот народ. Бугарскиот естаблишмент не се оддалечи од бугарскиот шовинизам и иредентизам, нешто што е особено видливо од постојаното негирање на македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., со што на најдиректен начин се погазуваат европските вредности.
Но апсурдот нема крај! Само замислете, некому во Софија му паднало на ум да ја преустрои македонската нација во согласност со бугарскиот националистички фанатизам. Ова е особено забележливо во ставовите на бугарскиот историчар Цочо Билјарски, кој вели дека „пропагандната научно-образовна скопска машина годишно создава огромна литература со книги за да докаже преку лага, која стана официјална доктрина на ’околувардарската република‘, дека Македонија и нејзиното население немаат ништо општо со Бугарија и со бугарските корени. Ова прашање лесно може да се реши, но тоа може да се случи само ако еден ден на власт дојдат ’чесни и објективни политичари и државници‘. Но, поминаа две децении откако Македонија стана независна и тоа сѐ уште не се случи. Но ако се случи, тие чесни и објективни политичари и државници треба веднаш да наредат овие лажни книги да бидат исфрлени од библиотеките и од книжарниците и да бидат ’запалени‘ на плоштадот во Скопје. На таа клада треба да бидат запалени и ’сите учебници со кои се трујат умовите на нашите млади сонародници од таа страна на Рила и Пирин’“.
Доколку анализираме внимателно, во оваа смисла треба да се разбере и неодамнешната декларација што беше усвоена од бугарското собрание, декларација во која се бара „организирање заеднички прослави на заеднички историски настани и личности, со оглед на богатата заедничка историја на двете земји“, како и несогласување за негирањето од македонска страна за заедничката историја. Каков апсурд! Бугарските тези се небулозни бидејќи се доведуваме во ситуација заеднички да ги одбележуваме бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, масакрот кај Сеченица (кога беа убиени и масакрирани 16 Македонци, а многумина други беа интернирани во логорите во Бугарија) или бугарската депортација на Евреите од Македонија во концентрационите логори.
За да се избегнуваат овие апсурдности, официјална Софија и бугарскиот естаблишмент треба да бидат насочени кон помирување, а тоа може да се случи само доколку се откажат од санстефанскиот идеал, односно да ги признаат македонските национални особености. На тој начин Бугарија ќе започне да се однесува како што ѝ прилега на членка на Европската Унија, а не со апсурдни декларации. Но, за жал, на исток ништо ново.