За интуицијата

(како суштинска компонента на човечката потрага по вистината)

  • Многу мислители и научници ѝ давале централно место на интуицијата. Алберт Ајнштајн ја нагласувал нејзината креативна улога во откритијата, а слично размислувал и Никола Тесла. Сепак, само аналитичноста и резонирањето може систематски да го прошируваат знаењето – тоа е еволуција. Но револуционерните развои и пресврти често започнуваат со интуиција. Разумот потоа го разработува, проверува и вградува тоа во систем на знаење. Ова е и обид не само да се прецени или потцени интуицијата туку и да се признае вредноста на аналитичноста, па и на резонирањето, кои во континуитет може да ги прошируваат човечките хоризонти и, со постојаност во намерата, да го издигнат човекот до ниво на умот што опфаќа сѐ

Интуицијата е поим што често го користиме за да опишеме внатрешен глас или ненадејна сигурност без јасна анализа. Но зад ова секојдневно искуство има куп психолошки и филозофски објаснувања. Наједноставно кажано, интуитивно е она што го согледуваме веднаш, без резонирање чекор по чекор. Таа претставува брз, често несвесен процес на донесување заклучоци врз основа на искуство, претчувства и препознавање обрасци.
Во современата психологија постои теорија на двоен процес, поврзана со истражувањата на Даниел Канеман и Амос Тверски, која прави разлика меѓу два начина на размислување: брз, автоматски и интуитивен систем и побавен, аналитички систем. Интуицијата му припаѓа на првиот – таа дејствува моментално, додека разумот проверува, анализира и аргументира.
Еден друг пристап, развиен од Гери Клајн, ја гледа интуицијата како препознавање обрасци стекнати преку искуство. Искусен лекар или шахист често носи „интуитивна“ одлука затоа што несвесно препознава структура што веќе ја има видено многупати. Во тој контекст, интуицијата не е мистична способност, туку концентрирана експертиза.
Во филозофијата, поимот добива уште подлабока димензија. Кај Имануел Кант, интуицијата е основа на човечкото восприемање преку формите на просторот и времето. Простор и време за Кант се априорни категории низ кои се восприема светот и тие овозможуваат искуство. Кај Анри Бергсон, интуицијата станува метод за влегување во живиот тек на реалноста. Во делата „Време и слободна волја“ и „Креативна еволуција“, Бергсон тврди дека интелектот ја „дели“ стварноста на статични делови, додека интуицијата ни овозможува да ја почувствуваме стварноста како динамичен процес.
Една еволутивна теорија смета дека првобитниот човек морал да биде интуитивен под притисок на околностите, стравот во посурови времиња на живеење го поттикнувал на тоа.
Мојата претпоставка, иако не е контрадикторна со првите теории, напротив, сепак може да се надоврзе на оваа последна линија. Сметам дека човекот е интуитивно суштество затоа што човекот не ги познава целосно ниту светот околу себе ниту сопствениот внатрешен свет (првиот човек уште помалку имал познавање). Интуицијата поради тоа дејствува како скок во непознатото – како светлина во темнината на непотполното знаење. Колку повеќе човекот аналитички го проширува својот хоризонт на познавање и свесност, толку повеќе се стеснува просторот на непознатото, а со тоа и потребата од интуитивни „скокови“. Но целосно познавање на стварноста, како и целосно проникнување во внатрешниот човечки свет, речиси е невозможно. Слично како што во филозофијата по Кант се зборуваше за „смртта на метафизиката“, а сепак метафизичките прашања никогаш не исчезнаа, така и интуицијата останува неизбежен придружник на човековата мисла.
Многу мислители и научници ѝ давале централно место на интуицијата. Алберт Ајнштајн ја нагласувал нејзината креативна улога во откритијата, а слично размислувал и Никола Тесла. Сепак, само аналитичноста и резонирањето може систематски да го прошируваат знаењето – тоа е еволуција. Но револуционерните пресврти често започнуваат со интуитивен увид. Разумот потоа го разработува, проверува и вградува тоа во систем на знаење. Тоа е и обид не само да се прецени или потцени интуицијата туку и да се признае вредноста на аналитичноста, па и на резонирањето, кои во континуитет може да ги прошируваат човечките хоризонти и, со постојаност во намерата, да го издигнат човекот до ниво на умот што опфаќа сѐ.
Така, интуицијата и разумот не се спротивности, туку две сили во постојан дијалог. Интуицијата го насочува интересот, го покажува правецот на истражување и го отвора хоризонтот. Анализата го продлабочува и стабилизира тоа знаење. А бидејќи светот – и надворешниот и внатрешниот – никогаш не може целосно да се исцрпи, интуицијата останува не само нужна туку и суштинска компонента на човечката потрага по вистината.

Сотир Ристо