За „европскиот идентитет“ на Бујар Османи

Никому не му е дадено право од нас, Македонците, да се обидува да го брише нашиот македонски национален и јазичен идентитет, за да „влеземе“ во Европската Унија и да добиеме некаков фантомски „европски идентитет“. Никој не може на сметка на други да има право на два идентитета: едниот сопствен и вистински национален идентитет, а вториот идентитет да биде „европски идентитет“. А притоа ние, Македонците, да немаме ниеден идентитет: ниту својот автентичен македонски национален идентитет, кој би бил двојно поништен, еднаш веќе сторено со Преспанскиот договор, а потоа и со уставните измени, ако би се случиле, и со следователната бугаризација.
Пред неколку дена поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи му упати прашање на премиерот Христијан Мицкоски: „Kој ви дава вам право да преговарате за мојот европски идентитет?“
Ги иставам настрана Мицкоски и партијата, на која ѝ е претседател, ја иставам настрана и партијата на која ѝ е Османи потпретседател, и се задржувам само на желбата на Бујар Османи да биде „Европеец“ со „европски идентитет“. Може да се постави противпрашање: Кој му дал право на Бујар Османи да преговара за македонскиот идентитет додека беше министер за надворешни работи? Тој тврди дека „не преговарал со никого за македонскиот идентитет, туку за европскиот идентитет на Македонците и Албанците“. Ова што го говори Бујар Османи не е точно. Ајде да ги отвориме новинарските интернет-архиви и да видиме што е евидентирано таму. Бугарскиот информативен портал „Медијапул.бг“ на 29 октомври 2020 година ќе објави: „Пред еден ден министерката за надворешни работи Екатерина Захариева изјави дека во моментов Бугарија не е во можност да ја одобри преговарачката рамка за С. Македонија, каква што е претставена“. Потоа е наведена официјалната бугарска позиција, која е претставена и во Брисел: „Бугарија ќе го признае македонскиот јазик како еден од официјалните јазици на земјата, како и македонскиот идентитет. Како одговор С. Македонија ќе мора да ја признае ‘историската вистина’, како што е дефинирана од Софија, и да прифати дека постојат бугарски историски темели врз кои се создадени македонскиот идентитет и официјалниот јазик“.
„Медијапул“ ќе дополни во својата информација: „Пред еден ден македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи коментираше дека ’има напредок’ во преговорите со Бугарија“.

На 9 октомври 2020 година бугарскиот информативен портал „Банер“ ќе информира за тогашната средба меѓу Бујар Османи и Екатерина Захариева и уште во насловот на својата информација ќе ја стави нејзината клучна изјава: „Редно е С. Македонија да ја признае историската реалност“.
Значи, дали навистина Османи не преговарал уште пред пет години со бугарските политичари не само за македонскиот идентитет, туку и за македонскиот јазик? Дали не преговарал во врска со „бугарските историски темели на македонскиот идентитет и официјалниот јазик? Дали не тврдел дури и дека „имало напредок во тие преговори“? А во што се состоел тој „напредок“? Дали „напредокот“ во „продавањето“ на македонскиот идентитет и јазик во замена за бугарската „милост“ да се откочат европреговорите бил дополнително постигнатиот таканаречен Договор за добрососедство со Бугарија, плус неговите дополни и протоколи, со кои целосно се негира автентичноста на македонскиот идентитет и сите елементи на идентитетскиот комплекс на македонскиот народ?
Криејќи ја вистината дека своевремено бил и преговарач и „трговец“ со македонскиот идентитет, Бујар Османи денес прашува „кој ви дава вам право да преговарате за мојот европски идентитет“?! И уште еднаш противпрашањето: а кој му дал нему право тогаш да преговара за македонскиот идентитет со Бугарите?!
Но, сега ќе се осврнам на неговиот посакуван „европски идентитет“, конструкција денес претворена во нешто што не постои повеќе. Починатиот полски министер за надворешни работи професор д-р Бронислав Геремек, кој бил и социјален историчар, уште во 2006 година во една пригода во Европскиот парламент ќе каже: „Европејците немаат сеќавање или свест за својата колективна историја. Немаат заеднички херои и референци. Како тогаш можеме тогаш да зборуваме за единство, за заедничка иднина?“
Геремек укажал пред 19 години на една од главните „дупки“ во конструкцијата на европскиот идентитет, која се случи во неа. Романскиот социолог проф. д-р Септимиу Шелцеа ќе прецизира дека не може да постои некаков „идентитет“ што отфрла колективни сеќавања и национални и културни карактеристики.
„Европското обединување ќе биде можно само со одржување на културните, етничките и националните идентитети. Неуспехот на теоријата за ‘топење на идентитетите’ (појавата на нов идентитет со ‘топење’ на сите културни, етнички и национални карактеристики) треба да постави голем прашалник кај оние политичари што денес се обидуваат да го жртвуваат својот национален и културен идентитет од економски причини. Обединетата Европа ќе биде демократска, мултиидентитетска и ќе прифаќа колективни сеќавања, или воопшто нема да ја биде, воопшто нема да постои!“, има нагласено овој романски социолог во врска со постоењето односно непостоењето на европскиот идентитет.

Имајќи ги предвид согледувањата на овие два европски експерта, логични се неколку прашања. Треба ли да се стремиме кон некаков веќе непостоен „европски идентитет“ и „евроинтегрирање“ и заради тоа да го жртвуваме својот македонски национален и јазичен идентитет? Треба ли да ги жртвуваме заради тоа и своето национално паметење како народ, својата македонска национална свест и националната историја? Навистина, како што вели Септимиу Шелцеа, треба да си постават голем прашалник сите политичари во Македонија, според кои е вредно жртвувањето на македонскиот национален и културен идентитет и историја во замена за „влегување“ во „долината во која тече мед и млеко“ и во која секој си има „европски идентитет“.
Во првите години од своето постоење Европската Унија, своевремено како Европска заедница, имаше обиди да изгради европски идентитет, кој ќе го содржи сето богатство на поодделните идентитети на народите на тогашните девет држави членки на таа Европска заедница. Ова се потврдува и со Декларацијата за европскиот идентитет, која ја донесоа шефовите на држави или на влади на деветте земји членки на Европската заедница на нивниот самит во Копенхаген, Данска, одржан на 14 и 15 декември 1973 година.
Покрај другото, во таа Декларација за европскиот идентитет се нагласува: „Деветте земји ја потврдуваат својата решеност да го воведат концептот на европски идентитет во нивните заеднички надворешни односи. Тие сакаат да обезбедат почитување на ценетите вредности на нивниот правен, политички и морален поредок и да ја зачуваат богатата разновидност на нивните национални култури… и почитувањето на човековите права. Сите овие претставуваат темелни елементи на европскиот идентитет“.
Исто така во овој би можело да се каже заборавен или отфрлен европски документ се наведува: „Разновидноста на културите во рамките на заедничката европска цивилизација, приврзаноста кон заедничките вредности и принципи, растечкото приближување на ставовите кон животот, свеста за заедничкото постоење на специфични интереси и решителноста да се учествува во изградбата на Обединета Европа, сите тие му ги даваат на европскиот идентитет неговата оригиналност и сопствениот динамизам“.

Денешнава Европска Унија и под нејзина закрила Бугарија и Грција, кои ги газат меѓународното универзално право и неговиот клучен принцип јус когенс на слободно македонско национално самоопределување и македонскиот национален и јазичен идентитет, всушност самите тие ги урнисаа концептот и елементите на европскиот идентитет, споменати во наведената европска декларација од 1973 година. Тие направија денес поимот „европски идентитет“ да стане фантомска конструкција.
Кога станува збор за македонскиот идентитет, за сиот македонски народ важи единствено аксиомата што ја кажал Крсте Мисирков: „Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светов“.
Свеста и чувството дека сме Македонци треба да стојат над оваа и ваква неолиберална Европска Унија и над фантомскиот „европски идентитет“. Свеста и чувството дека сме Македонци треба да стојат над „евроинтеграцијата“, со која не се обезбедува почитување на ценетите вредности и на правниот, политички и морален поредок во Република Македонија, со која не се зачувува богатата разновидност и на македонската национална култура, со која не се почитуваат човековите права и на македонскиот народ – сѐ што требаше да биде елемент на еден вистински европски идентитет, конципиран пред половина век, од што денес остана само пепел и прав.
Сево ова треба да го има предвид Бујар Османи. Имајќи свој албански национален идентитет, кој никој и со ништо во Република Македонија не го гиба и нема право да го гиба, еднакво како и македонскиот идентитет, Османи денес бара по секоја цена да имал и „европски идентитет“. Значи, тој бара да има два идентитета: едниот сопствен и вистински национален албански идентитет и вториот „европски идентитет“, веќе непостоен. А притоа Македонците да немаат ниеден идентитет: ниту својот автентичен македонски национален идентитет, кој би бил двојно поништен, еднаш сторено со Преспанскиот договор, а потоа и со уставните измени, ако би се случиле, како и со следователната бугаризација. Тоа нема да биде можно.
Етничкиот соживот во Македонија, или барем етничкото сопостоење, подразбира заемно почитување на одделните национални идентитети. Исто така и бесконфликтниот живот во Балканот подразбира заемно почитување на сите одделни идентитети на балканските народи, вклучувајќи го и македонскиот идентитет, идентитетот на македонскиот народ.

Свето Тоевски