We are the champions!

Сликата што можевме да ја видиме во салата „Борис Трајковски“ и случувањата таму се истата онаа слика што ѝ се случува на Македонија во овие 35 години независност. Грција уште тогаш со своето моќно лоби спречи прием на државата под уставното име во Обединетите нации, а светската организација, исто како сега ЕХФ, заборави на сопствените принципи, кои велат дека секој народ има суверено право сам да го одреди името на сопствената држава и никој не смее да го оспорува тоа

Недела вечер, подготвени пуканки, телевизорот ставен на прва, отворено студио и се чека реваншот на ракометниот меч за триумф во Европскиот куп меѓу македонскиот претставник Алкалоид и грчкиот АЕК. Откако претходно во Атина македонските ракометари одиграа храбар меч и ги добија Грците со четири гола разлика, сега требаше да се круниса одличната игра од првиот натпревар и Македонија да се израдува на нов трофеј, нова победа што многу ќе му значеше за македонското општество, кое и натаму не може да ги залечи раните од кочанската трагедија.
И почна најавувањето на ракометарите на Алкалоид, еден по еден истрчуваа на теренот бурно поздравени од повеќеилјадната публика дојдена да ги бодри во салата „Борис Трајковски“. Ајде, си викам, добра атмосфера, ги гледам ракометарите орни за докажување, ќе биде ова спектакуларно финале за паметење. Арно ама, кога дојде редот за претставување на грчките (не баш грчки, речиси 90 отсто се странци) ракометари, тие останаа во ќошот на салата, одбивајќи да излезат. Е си велам, што скаламуции сега пак ќе прават Грциве? Слушам од коментаторот на преносот имале проблем со навивачите, кои не им дозволувале да излезат од хотелот бидејќи им биле лути за поразот во Атина, потоа дека некој друг автобус со грчки навивачи бил вратен оти во него биле затекнати фудбалски хулигани на истоимениот грчки клуб, чија намера била да прават инциденти во Скопје. На крајот, двата клуба имале договор за присуство на 200 грчки навивачи, но одеднаш на пат тргнале над 600, со што имало нарушување на безбедносните планови за мечот, а и немало толку предвидени карти за гостинските навивачи. И одеднаш грчките ракометари поради сето тоа решаваат да не излезат на мегдан со ракометарите на Алкалоид оти немало нивни навивачи на трибините, истите тие навивачи што им испраќале смртни закани по поразот во Атина. Е баш тие навивачи им недостигале на трибините, тие што сериозно им се заканувале.
Ова е официјалното објаснување од грчкиот клуб, играчите сакале да играат, претседателот не давал. Ајде луѓе, не сме од вчера.

Се работи за класично сценарио како АЕК да го добие мечот или на зелена маса или, пак, да издејствува играње на некој неутрален терен како што го направи тоа со белградски Партизан, па таму ќе донесе илјадници свои навивачи, ќе лобира да добие и поволни судии, можеби и да се поништи позитивата на Алкалоид од плус четири, не се знае никогаш со Грците…
Да нема никој дилеми, навивачите на АЕК се исклучително опасна групација, која секаде каде што оди низ Европа прави проблеми и инциденти, така што на секое гостување на грчкиот тим, во кој било спорт, се преземаат посебни безбедносни мерки од страна на домаќините, а сцените со тепачки низ европските градови, демолирање кафулиња и напади врз граѓани од страна на грчките хулигани се доста чести. Завчера вечер дојде до физичка пресметка меѓу навивачите на Олимпијакос и Панатинаикос во мечот за третото место во кошаркарската Евролига што се играше во Абу Даби, така што сето ова говори за исправноста на одлуката на мечот во Скопје да присуствуваат 200 грчки навивачи. Во Атина, на пример, немаше ниту еден македонски навивач, па никому ништо, пак победивме.
Иако неизлегувањето на терен по сите нормални правила се казнува со службен резултат, во случајов ЕХФ не собра сили да донесе одлука за службена победа на Алкалоид, туку повторно застана во одбрана на грчкиот ракометен тим. Повеќе од извесно е дека грчкото влијание секаде е големо, така што и одлуката што ЕХФ би можел да ја донесе денес или евентуално утре, не се сомневам дека ќе биде во полза на Грците. Истата таа ЕХФ, кога се случи трагедијата во Кочани во која загинаа над 60 млади луѓе и кога македонската ракометна федерација замоли да се одложи квалификациониот меч со Словенија што требаше да се игра по само два дена од трагичниот настан, порача дека ако македонските ракометари не излезат на паркетот, тоа ќе значи дисквалификација. Сега, ЕХФ си дозволи насилна грчка навивачка хорда да диктира дали ќе се играат европски натпревари или не, мотивирајќи го дополнително навивачкото насилство врз спортот.
Сликата што синоќа можевме да ја видиме во салата „Борис Трајковски“ и случувањата таму се истата онаа слика што ѝ се случува на Македонија во овие 35 години независност. Грција уште тогаш со своето моќно лоби спречи прием на државата под уставното име во Обединетите нации, а светската организација, исто како сега ЕХФ, заборави на сопствените принципи, кои велат дека секој народ има суверено право сам да го одреди името на сопствената држава и никој не смее да го оспорува тоа.
Истото тоа Грција подоцна го правеше и со приемот на земјава во НАТО, барајќи таа да се откаже и од привремената референца и да прифати име што мнозинството македонски граѓани не го чувствуваат за свое.

И НАТО, повторно исто како ЕХФ, ги прифати грчките ултиматуми и од 2008 година го држеше македонското зачленување во Алијансата под мраз.
Дојде редот и на Европската Унија, која набљудувана низ вчерашната перспектива е пандан токму на ЕХФ. И таму Грците имаат моќно лоби и нивниот збор се слуша, па затоа со децении Грција го блокираше почетокот на пристапните преговори со земјава оти не ѝ се допаѓаше нашето име што е вистински наше, а таму зборот „Македонија“ не сакаа да го слушнат до крајот на 80-тите години на минатиот век. Ембарго, блокади во голем број меѓународни организации, опструкции, едноставно кочење на иднината на генерации македонски граѓани само затоа така им се ќефнало.
ЕУ (ЕХФ) цело време ја поддржуваше во тоа и продолжува сега да го прави истото тоа и со Бугарија, која ја презеде улогата на блокатор од страна на Грција.
Случајно Алкалоид или некоја друга македонска екипа да го направеше она што завчера го направи АЕК, ЕХФ уште истата вечер ќе пресудеше службено за домаќинот, ќе ги казнеше парично македонските тимови и многу извесно ќе ги дисквалификуваше некој период од европските натпреварувања. Но тоа е, кај што има сила, нема правдина.
Сето ова е реален приказ на нашата македонска судбина. Други диктираат, а ЕУ ги исполнува нивните желби, колку и да се тие нелогични. Така ќе биде и овој пат со ракометот.
Но без оглед на одлуката на ЕХФ, македонскиот претставник за нас е победник на Европскиот куп, а диџејот што пушташе музика завчера вечер во салата „Борис Трајковски“ направи само еден пропуст, требаше да го затвори сетот со „We are the champions“, испраќајќи порака што мислат македонските граѓани за лакрдијата на која сведочеа. Од нас сите уште говорат емоциите, а ако и се наложи да се игра нов меч на неутрален терен, лично не би го играл бидејќи на тој начин треба и ние да испратиме порака до ЕХФ, дека иако сме мала земја, сепак сме достоинствени и нема да дозволиме никој да си поигрува со нас, а најмалку оние што покажаа дека сакаат да победуваат со сила и ултиматуми. Тоа не е наш начин на игра и наш терен, ние веќе го освоиме трофејот. Честитки!