Австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство Клаудија Плаколм и државната секретарка во Министерството за надворешни работи и европски прашања на Словенија, Нева Грашич, демек ни влеаја „надеж“ и „оптимизам“ дека може да се забрза процесот на одлучување при пристапувањето на земјите кандидатки за членство во Европската Унија.
Имено, на заедничката прес-конференција во Скопје, министерот за европски прашања Орхан Муртезани Плаколм и Грашич појаснија дека целта на иницијативата е „да се забрза процесот на пристапување на државите кандидатки од Западен Балкан“, меѓу кои е и Македонија, како и на Украина и Молдавија. „За да се избегне внесувањето билатерални и внатрешнополитички прашања во процесот“, како што нагласуваат австриската сојузна министерка и словенечката државна секретарка.
Посочувајќи дека Австрија и Словенија го поддржуваат дијалогот меѓу Скопје и Софија, Плаколм и Грашич ни кажаа дека предлогот за промена на процесот на одлучување при пристапувањето на земјите кандидатки за членство во Европската Унија веќе е ставен на маса во извршното тело на ЕУ – Европската комисија. Оти неговата цел е да се забрза процесот на пристапување преку употреба на гласање со квалификувано мнозинство за техничките меѓучекори наместо со консензус на сите земји членки. Иницијативата за измени во процесот на одлучување за ова прашање доаѓа од Австрија и Словенија, заедно со Германија и Италија, и засега ја има поддршката на 16 земји членки на Унијата.
Сево ова звучи многу фино, ама станува многу грдо и опасно кога ќе се има предвид главната цака: останува во важност гласањето со консензус при одлучувањето за почеток и при завршување на преговорите со земјите кандидатки! Ова значи дека, врти-сучи, пак би морало Македонија да има едногласност на сите 27 членки на ЕУ, односно и на Бугарија, за да ги почне преговорите. А тоа значи дека би морала конечно да легне на бугарското, или да бидеме попрецизни, односно на „санстефанско брашно“!?
Или уште појасно, нашински народски, мајтапски парафразирано: Ако сакаат да бидат „почествувани“ со отворањето преговори со ЕУ, Македонците ќе мора првин со свој „уставен камен“ да се удрат самите по своја глава, со своја рака, односно да го набутаат „бугарскиот државотворен народ во Македонија“ во Уставот на македонската држава и потоа да си скокнат во бездната што им е веќе подготвена со преговарачката рамка и со злогласниот втор протокол во пакет со лошососедскиот бугарски договор!
Изминатите денови веќе изнесов на страниците на „Нова Македонија“ дека внесувањето на „бугарскиот државотворен народ“ во преамбулата на македонскиот устав, според истакнати европски политички експерти, би значело „државотворните Бугари“, во согласност со меѓународното право, да добијат право на самоопределување сѐ до отцепување на својот „бугарски дел“ од македонската територија и потоа да си го припојат кон „матичната држава Бугарија“. Не, почитувани. Не е ова хиперпесимистичко сценарио. Еве, во продолжение пример на држави што не се „гаталци, туку паталци“ токму по ова прашање. Во Шпанија и Словачка, на пример, кои се држави членки на ЕУ со мултиетничко население, не се ни помислува етничките малцинства, или етничките групи (што Бугарите не се воопшто во Македонија), да можат да добијат уставно признаен статус како „државотворен народ“. Што го бара Бугарија за 3.504 Бугари во Македонија.
Но овде мора да се има на ум и заканата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од 25 септември дека Македонија територијално ќе се распадне ако скршне од патот кон ЕУ. „Ако не го продолжи Македонија својот пат кон ЕУ, тогаш граѓаните на оваа земја нема да имаат друг избор, освен некои да одат со Албанија, а другите со Бугарија“, кажа Ахмети. Покрај ова, тој од поодамна нагласува дека Албанците во Македонија не се национално малцинство, туку „албански државотворен народ“, кој треба да добие таков „уставно признаен статус“, според негово мислење.
Дали сега е појасно кон што би воделе уставните измени ако би се спровеле тукутака, само затоа што нѐ притискаат и без никакви гаранции!? Дека тоа и навистина би претставувало паѓање на Македонија и македонскиот народ во бездната на исчезнувањето? Претстојната нова „визита“ на Урсула фон дер Лајен на Македонија ќе биде само уште една демонстрација на врвен уметнички израз за „продавање европска магла“, „спакувана“ во ветувањата за „квалификувано мнозинство во одлучувањето“.
За најголема можна почит се позицијата и обидот на пријателските држави Австрија и Словенија да ѝ помогнат на Македонија да го ескивира ветото на Бугарија преку употреба на гласање со квалификувано мнозинство во одлучувањето во Унијата. Но од таа работа, барем засега, не бидува ништо. А и којзнае кога и дали воопшто ќе може да се промени начинот на донесување одлуки во европското семејство.
Таа иницијатива, која е попрво замисла на Урсула фон дер Лајен, наидува на сериозни отпори и коментари дека тешко може да се оствари. Во анализата со наслов „Да се става вето или не? Ова е големото прашање во ЕУ“, објавена во „Евроњуз“ на 22 септември, пишува: „Во своето обраќање за состојбата на Унијата на почетокот на септември, претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, повика на укинување на ветото во донесувањето одлуки во ЕУ.
– Верувам дека треба да преминеме на гласање со квалификувано мнозинство во одредени области, на пример, во надворешната политика. Време е да се ослободиме од оковите на едногласноста – рече Фон дер Лајен, што резултира со аплауз од само неколку европратеници во Стразбур.
Ова е расправа што се води во рамките на ЕУ веќе неколку години без никогаш да резултира со ништо. Па зошто Фон дер Лајен повторно го отвори ова прашање?
– Таа го отвори ова прашање оти сака да изврши притисок врз земјите членки што ги користат овие тактички вета, особено Унгарија. Но нема силна поддршка зад тоа. Причината е што за да се премине од едногласност кон гласање со квалификувано мнозинство, прво ви е потребна едногласност – изјави д-р Николај фон Ондарца од Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.
Уште еден врвен европски експерт за проблематиката на ЕУ искажува отворено сомневање дека идејата за премин кон квалификувано одлучување може да се оствари.
– Тешко е да се каже дека тоа ќе се оствари, има и многу лицемерство. Некои земји велат дека се за квалификуваното мнозинство во одлучувањето, но кога ќе ги погледнете деталите, тие не се толку сигурни – истакна за „Евроњуз“ Џим Клус, генерален секретар на Трансевропското здружение за политички студии.
Што значи сево ова применето во случајот на Македонија? Има една народна поговорка, која добро објаснува сѐ, а ќе ја парафразираме во „европска верзија“: Не умри магаре до зелена (европска) трева.
Зад аголот ене ја новата „ЕУ на суверените нации“. Верувам дека во таа ЕУ ѝ е местото на Македонија, а во меѓувреме да си ги забрзаме внатрешните реформи, за да бидеме подготвени кога ќе дојде време таму да ја заокружиме својата апликација за евроинтегрирање. Ова не е никакво ширење евроскептицизам, туку застапување за здравиот еврореализам.
Свето Тоевски