Време е за уште едно „Данке Дојчланд“!

Она што денеска ѝ се случува на Европа, односно нејзиното константно пропаѓање, се должи на немањето вистинско лидерство во самата Европска Унија. Обидите на поединци да го управуваат европскиот брод со капетан што го изгубил компасот, а наедно го затурил и потсетникот за темелите, целите и принципите на ЕУ – беа осудени на неуспех, така што епилогот е целосно губење на кредибилитетот на ЕУ, внатрешно разединување, немање визија за иднината, како и економско самоуништување. Ваквата ЕУ дозволи на нејзина територија да се случи војна што се закануваше да прерасне дури и во нуклеарен армагедон ако се паметат изјавите на одделни европски и руски политичари брзо по започнувањето на руската инвазија врз Украина, која, еве, влезе и во третата година. Наместо да работи во насока за смирување на конфликтот и изнаоѓање решение со кое ќе се спасат човечки животи и ќе запре разурнувањето на Украина, оваа Европа, колепката на демократијата, и натаму, дури и кога сигналите за мир стануваат сѐ посилни, заговара испорака на оружје, борба до последен здив, без оглед што пред нешто помалку од две недели на Минхенската безбедносна конференција јасно ѝ беше порачано дека време е оружјето да стивне.
А кога нема европски лидер да пресече и да каже што е најдобро за интересите на Европа, туку само знае што е најдобро за либералните елити и се става во таа функција, тогаш оние што сакаат да изигруваат вакви квазилидери наметнуваат политики што создаваат револт и отпор, како кај земјите членки така и кај оние што имаат аспирации еден ден да бидат дел од европското семејство, но онакво какво што е замислено тоа семејство од своите изворни почетоци. Измислуваат нови методологии, „возат“ на два колосека, „укинуваат“ избори во суверени земји, директно воено се инволвираат во Украина, организираат вонредни состаноци на кои само доаѓа до израз европското неединство и еден куп други работи што сведочат за внатреевропската агонија.
Погрешните мигрантски политики, блокадата на процесот на проширување, мешањето во внатрешните работи на земјите членки, почнувајќи од изборите како највисок демократски чин, само го изнесоа на површина она што неодамна во Минхен го кажа американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, дека Европа ги напуштила демократските принципи и повеќе не го слуша гласот на народот. Американскиот потпретседател, колку многумина и да му се лутат, само отворено го кажа она што Европа не сакаше самата да го увиди, а ѝ се случува буквално пред нос. Удри по изборите во Романија, по референдумот во Грузија, по изборите во Молдавија, ја погази народната волја во Македонија и промовираше промена на името по насилен пат, сега наметнува уставни измени, ја стави на тапет Унгарија поради противењето на мигрантските политики, ја притисна Полска за буџетот и некои внатрешни закони поврзани со правосудството, притиска и врз Словачка, а дека работите одамна не штимаа можеше да се насети и со излезот на Велика Британија од Унијата. Иако тој чин може да се посматра и низ една поинаква призма карактеристична за едни други колонијални времиња, односно додека имаме полза од вас, ќе бидеме во ваше друштво, но кога ќе се побара нешто за возврат, тогаш гудбај!

Но нејсе, тоа е само мал дел од проблемот што иницираше големи промени во самата Европа. Граѓаните почнаа наместо кон европската, да се свртуваат кон сопствената сувереност. Новата американска политика само дополнително го засили тоа. Илјадници Германци и ден-денес под перниците ја чуваат старата германска марка, како едно носталгично потсетување на финансиската сувереност, за која некои и натаму се убедени дека еден ден ќе се врати.
А завчерашните избори во Германија ги покажаа токму таа нова реалност и тоа ново носталгично вртење кон самите себе. Конзервативците на Фридрих Мерц победија на изборите во Германија, многу пред ривалските партии, но со помалку од 30 отсто од гласовите што ги очекуваа. Сепак, паралелно со нивната победа, може да се каже дека огромен успех постигна и десничарската Алтернатива за Германија, која забележа рекорден резултат на второто место со освоени 20,8 отсто. Она што стана извесно уште пред да се одржат изборите, а што го покажуваа и анкетите, е дека либералите не го минаа изборниот праг, што е целосен дебакл.
Сето ова, најблаго кажано, е резултат на погрешните политики и погрешниот пристап и на Европа, која наместо да го почитува суверенитетот на народите, се дрзна да го пика носот и онаму каде што не треба, поништувајќи избори, погазувајќи ја народната волја и оглушувајќи се на желбите на граѓаните. Новата реалност во Германија не ја носат САД, туку таа е резултат на граѓанскиот отпор што се крена откако некој почна да ги игнорира граѓаните и да спроведува политики спротивни на секаква здрава логика.
ЦДУ на Мерц и Алтернатива за Германија, без оглед што победникот на изборите најави дека нема да прави коалиција со втората партија според освоените гласови, имаат заедничка точка околу која се обединети, односно 50 отсто од Германците, па дури и многу повеќе, сакаат силна и моќна Германија на прво место, потоа сѐ друго. Германците сакаа да се слушне нивниот глас, да се слушнат нивните потреби, наместо да се приспособуваат на наметнати потреби однадвор. Затоа е сега ова свртување и во Германија, а ќе следува и во Франција, Австрија, во Италија веќе се водат суверенистички политики, така што бранот почна да го заплиснува европскиот континент. Можеби по некое време сите ќе кажеме „Данке Дојчланд“ што се сврте кон себе, за одново да заживее европската идеја на вистинска основа и да се спаси Европа од самата себе. Една работа на сите им е јасна, без Германија нема ЕУ!
Она што треба да охрабрува е дека овој суверенистички пристап не е никаква опасност за европската идеја, туку напротив, може да биде силен импулс за создавање една силна и кредибилна Европа чиј глас ќе почне да се слуша. Тоа што земјите внатрешно ќе се зајакнат, ќе придонесе за еден нов квалитет за односите внатре во Унијата, кои ќе се оценуваат според заслугите и придонесите.

Не може „како досега“ земја членка што нема внатрешен демократски капацитет да ги условува европските политики или да измислува критериуми што се далеку од европската идеја. Суверенистичкиот пристап е важен, особено за да почне да се слуша гласот на народот. Кога народот ќе го каже своето мислење и ќе биде послушан, тогаш и вербата во таа Европа што слуша и врз основа на тоа носи решенија, ќе биде далеку поголема. Тогаш никој нема да може да каже дека Европа ги напуштила сопствените вредности, туку напротив, дека почнала да ги надградува. Кукаат само оние што се навикнати да се прогласуваат за некакви лидери и во име на некоја повисока идеја да ја задушуваат демократијата и да наметнуваат свои одлуки. Тоа не помина и нема да поминува веќе во иднина.
Затоа крајно време е Европа да се сврти сама кон себе, и географски и политички. Да го заокружи брзо процесот на проширување со оние што останаа предолго надвор, а потоа да ги почне внатрешните реформи од нула. Кога сите се внатре, работите ќе одат многу полесно. На тој начин и ЕУ ќе го зајакне сопствениот суверенитет така што ќе го почитува суверенитетот на сите други. Тоа е новиот квалитет што Европа треба да почне да го учи, оти во спротивно, наместо Европа во две-три брзини, лесно може да се случи зарибана Европа. А таква е само за отпад.