Време е да се ослободиме од ропската етика

Повеќемина експерти посочуваат дека во нашата економија постојано е присутна ниска продуктивност на трудот, во однос на просекот на Европската Унија и развиените економии. Токму таа продуктивност на трудот е високоодговорна за висината на платите на вработените. Имено, постои т.н. тесна поврзаност меѓу продуктивноста и висината на платите и во Македонија, но како да му се објасни тоа на обичниот работник за конечно да ја отфрли максимата „не може работодавецот толку малку да ме плати колку што јас можам малку да работам“! Ова е губитничка филозофија од дамнешната историја на „роб што создава само за робовладетелот“. Ние треба да бидеме свесни дека посветеноста, трудот и продуктивноста од нашиот труд прават добра за целото општество, вклучувајќи ги добрата за нашите семејства: училишта, болници, патишта, железница… Посветеното работење и високата продуктивност се највисокиот степен на патриотизам!

Благосостојбата и напредокот на секое општество се неразделно поврзани со работната етика бидејќи таа е доблесна и морално добро. Со други зборови, работната етика се рефлектира во упорноста да се работи напорно, но и да се биде горд на сопствениот труд. Не случајно синоними за работната етика се трудољубивоста и одговорноста, а за една личност или група кога велиме дека има работна етика пред сѐ мислиме на нивната одговорноста кон задачите, упорноста во работењето или посветеноста на целите. Не смееме да заборавиме дека постои силна врска меѓу работната етика и продуктивноста, бидејќи работната етика влијае врз фокусот на квалитет, односно од темеленото извршување на задачите и поактивното решавање на проблемите, нешто што влијае врз квалитетот на продуктивноста, односно на зголемување на животниот стандард.
Работната етика, индивидуалната или групната, може да се подобри преку одредени нешта, како што е поттикот кон дисциплина или промена на начинот на размислување, но работната етика во голема мера е условена од вкоренетите културни вредности, норми и историското минато. За првпат тоа го забележува Макс Вебер, германски филозоф и социолог, во трудот „Протестантската етика и духот на капитализмот“. Овој германски мислител тврдеше дека подемот на модерниот капитализам во Северна Европа не бил само економски или политички феномен, туку бил длабоко обликуван од протестантските религиозни вредности, особено од калвинистичкиот акцент на напорната работа, штедливоста и реинвестирањето на стекнатото богатство, со што се поставила културната основа за капиталистичкото претприемаштво.
Доколку го земеме тоа предвид, тогаш не треба да се зачудуваме од фактот дека најнапредните општества во светот, како што Кина, Јапонија, Швајцарија или Германија, во голема мера имаат силна работна етика поради одредени културолошки појави. Не случајно, лојалноста и педантноста во работењето во кинеското општество се должат на конфуцијанизмот или дека германската прецизност и точност произлегуваат од вековната германска култура, која ги наградува редот и точноста. Дека постои поврзаност меѓу работната етика и културата потврдува и Швајцарија, каде што под влијание на протестантизмот се пројавија штедливоста и скромноста. Можеби ќе звучи чудно, но швајцарските деца во училиштата учат дека нивната татковина е сиромашна, дека треба да се штеди и да се работи.
Да се навратам малку на работната етика и нејзините културолошки корени за нашата Македонија.

Имено, Македонија беше османлиска провинција повеќе од 500 години и низ вековите македонскиот селанец беше принуден 100 дена од годината да извршува ангарија, односно бесплатна работа за феудалниот господар и државата. На овој начин обично се изведувале јавни работи, како градење патишта, тврдини, мостови и слично, а оние што работеле не добивале надомест за својот труд, евентуално слаба храна и лошо сместување. Историјата нѐ учи дека првата железничка пруга што минувала низ Македонија била изградена за четири години, но таа била изградена со ангарија од локалното македонско население. Денес, честопати можеме да слушнеме дека за Петровден или за некој друг православен христијански празник не се работи, но ова произлегува од прагматизмот на македонскиот селанец во минатото.

Османлиите како господари ги почитувале верските права на христијаните, оттука македонскиот селанец велел дека среда или четврток е верски празник за да ја избегне ангаријата. Затоа денес во Македонија има многу верски православни празници, денови на кои не се работи. Но тоа негативно се одразило врз македонската работна етика, бидејќи македонскиот селанец не бил горд на сопствениот труд, тој имал т.н. ропска етика.
Затоа денес, во македонските компании и фирми, понекогаш имаме премолчена етика на постарите колеги кон помладите. Тие ја учат новата генерација дека трудот не се цени, дека не треба да се докажуваме во работењето, а во спротивно целата работа ќе ни биде товарена на наш грб, додека другите нема да работат ништо, а ќе земаат плата. Но оваа е ропска етика, која неизбежно води кон стагнација и уназадување. Доколку сакаме да се променат нештата во македонското општество, потребно е да започнеме со негување нова култура што ќе поттикнува скромност и прецизност во работењето, следење на правилата, почитување на авторитетот во работните односи, јасна поделба меѓу работата и приватниот живот и сѐ така до бесконечност, но најважното е дека мора да бидеме горди на сопствениот труд. Само на овој начин ќе ја зголемиме македонската продуктивност, а со зголемување на продуктивноста ќе се зголемат и платите во македонското општество.