Вредности што не успеваме да ги заштитиме

И покрај многубројните апели од стручната фела, за жал и понатаму останува впечатокот дека не сме свесни што поседуваме и дека таквата несериозност и негрижа, како и сѐ помалиот број на позитивни примери од практиката во заштитата на културното наследство, трајно ќе се одразат на развојот на свеста за неговото исклучително значење, како и на неговата афирмација, особено кај помладите генерации, а штетата ќе биде ненадоместлива

Археолошкиот комплекс Плаошник во Охрид, во историска, културна и духовна смисла, важи за најзначајниот и најсвет простор за Македонија. Сместен помеѓу Самуиловата тврдина и живописниот предел на црквата „Св. Јован Богослов-Канео“ на брегот од Охридско Езеро, овој локалитет бележи хронологија од праисториските времиња, преку античкиот и доцноантичкиот период и раното христијанство, сѐ до развиениот среден век. На ова место врз урнатините на паганските храмови биле подигнати монументални ранохристијански базилики со раскошна архитектура и мозаични подни површини, а кон крајот на 9 век на овој свет простор доаѓа првиот словенски епископ Св. Климент и ја започнува својата силна просветителска и книжевна дејност (Охридската книжевна школа), се развива Првиот словенски универзитет, откаде се шират старословенската писменост, уметност и култура. Уште додека е жив, Свети Климент ја проширува црквата кон запад, а во пронаосот си гради скромен гроб, во кој е и погребан по неговата смрт во 916 година…

Во поновата историја, по повод јубилејот „2.000 години христијанство во Охрид и Македонија“, во времето од 1999-2002 година, на просторот од овој локалитет беа извршени систематски археолошки истражувања, како и конзерваторско-реставраторски работи, по кои беше изведено и возобновувањето на Светиклиментовата црква „Св. Пантелејмон“. Тогаш продолжија и систематски археолошки истражувања и беа откриени остатоците од монументалната ранохристијанска базилика околу Светиклиментовата црква, а во 2002 година беше откриена и монументалната крстилница (баптистериум) со зачувани прекрасни мозаични подови. Во 2007-2009 година се реализираа обемни систематски археолошки истражувања на целиот простор од Плаошник со цел да се откријат сите релевантни податоци за реализација на проектот за возобновување на комплексот „Светиклиментов универзитет“. При археолошките истражувања се откриени над 65 илјади предмети од метал, керамика, стакло, коска, камен, со потекло од 6 век пред наша ера до 19 век, од времето на Османлиската Империја…

Што се случуваше во меѓувреме? Возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник (проект започнат во 2012 година) до денес не е завршен (крајниот рок беше 2018 г.), иако редовно се издвојуваат пари за таа намена (последен пат се предвидени во буџетот за 2023 и 2024 година), откако беа дадени согласност и мислење за оправданоста и продолжувањето на овој проект и откако со одредени измени доби согласност и со препораките на УНЕСКО. До денес не е отворена за јавноста ни северната половина од локалитетот Плаошник, каде што се сместени и повеќето мозаици. Посетителите сега можат да уживаат само во конзервираните и презентираните мозаични подови од Јужната базилика и од крстилницата…

Деновиве, при посетата на локалитетот, министерот за култура и туризам Зоран Љутков констатира дека културното наследство со кое располагаме е загрозено бидејќи државата во изминативе години не издвојувала доволно средства за негова заштита и дека недоволната грижа може да остави трајни последици на дел од културно-историските споменици и археолошки локалитети. Но експертите од областа на културното наследство постојано апелираат дека заложбите на државата, иако секоја власт меѓу приоритетите ја впишува и заштитата на културното наследство, со децении се на најниско ниво.

Дури и една од најревносните меѓу нив, Донка Бариџева-Трајковска, неодамна се збогува со своите фејсбук-пријатели и колеги, поддржувачи на заштитата на културното наследство, со својата изјава дека повеќе нема да ги артикулира ставовите за состојбата на културното наследство и потребата од системски промени во оваа област, откако, како што кажа, „дефинитивно се убедила дека заштитата во Македонија, така како што се третира институционално, повеќе му наштетила отколку што го заштитила наследството“, па дека фокусот во иднина ќе го насочи кон афирмација на вредностите „што не успеавме да ги заштитиме“. Факт е дека културното наследство ни е во опасност, почнувајќи од скопскиот Акведукт, Лешочкиот манастир, „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане до „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново… Но, и покрај ,многубројните апели од стручната фела, за жал и понатаму останува впечатокот дека не сме свесни што поседуваме и дека таквата несериозност и негрижа, како и сѐ помалиот број на позитивни примери од практиката во заштитата на културното наследство, трајно ќе се одразат на развојот на свеста за неговото исклучително значење, како и на неговата афирмација, особено кај помладите генерации, а штетата ќе биде ненадоместлива.