Во светиот дрес под светото знаме

На Светското првенство во ракомет гледајќи ги македонските репрезентативци гледаме некои други момци, бестрашни, кои исправено влегуваат во дуел дури и со подобро рангирани противници. Во таква ситуација и нашите очекувања и, воопшто, нашиот однос кон натпреварите се сосема поинакви. Адреналинот и кај нас расте, со уверување дека е тоа дополнителен мотив за овие храбри момчиња, кои знаат за што играат. Впрочем, тоа најдобро го илустрираат зборовите на Жарко Пешевски, кој непосредно по натпреварот со Австрија, вклучувајќи се во живо во ТВ-емисија посветена на натпреварот, пред целата македонска спортска јавност изјави: „… секој репрезентативец што го носи овој СВЕТ дрес…“

Ракометната еуфорија ја тресе Македонија, а добрите резултати, но пред сѐ играта и залагањето на момчињата во жолто-црвениот дрес, нѐ прават сите горди и нѐ доведуваат во ситуација крајно емотивно да ги преживуваме секој постигнат гол, промашена шанса или судиска неправда. Но за ракометната игра, стратегии и резултати нема да си земам слобода да коментирам, за тоа има поголеми стручњаци, впрочем уживајте во анализата на мојот пријател Ѓоргон, таму нема што да се додаде.
Денешнава колумна ја посветувам на новиот дух присутен кај момчињата во чија игра уживаме. Имено, како ретко кога досега сме сведоци дека некои наши спортисти, во случајов ракометарите, го немаат комплексот од противникот, па кој и да е тоа. Колкупати досега сме биле сведоци дека сме го губеле натпреварот уште пред да започне со тоа што нашите спортисти давале изјави полни со инфериорност или едноставно страв од противникот, а некојпат пак било доволно само да се видат говорот на телото и пристапот кон самиот натпревар, за однапред да знаеме дека нема што да бараме тој ден.
Овој пат, за среќа, а и како знак на охрабрување за сите нас, таквата слика не се повторува, туку, напротив, гледаме некои други момци, бестрашни, кои исправено влегуваат во дуел дури и со подобро рангирани противници. Во таква ситуација и нашите очекувања и, воопшто, нашиот однос кон натпреварите се сосема поинакви. Адреналинот и кај нас расте, со уверување дека е тоа дополнителен мотив за овие храбри момчиња, кои знаат за што играат.
Впрочем, тоа најдобро го илустрираат зборовите на Жарко Пешевски, кој непосредно по натпреварот со Австрија, вклучувајќи се во живо во ТВ-емисија посветена на натпреварот, пред целата македонска спортска јавност изјави: „… секој репрезентативец што го носи овој СВЕТ дрес…“
Треба ли да се каже нешто повеќе за да се објасни атмосферата во репрезентацијата и нивниот однос кон националниот дрес и знаме, химна… Ако тоа некому не му е доволно, нека погледне некое од кратките видеа што кружат на социјалните мрежи од миговите на тренинг, на релаксација или по натпревар, кога од сите страни ечат патриотски песни, кои очигледно позитивно влијаат на кревањето на нивниот дух.
Или, пак, да ги слушнеме зборовите на нашиот голман Никола Митревски, кој на натпреварот со Австрија бранеше и покрај тоа што два часа пред натпреварот имал температура од 39,5.

– Ве молам држете се настрана од мене. Пред неколку часа имав температура од 39,5 степени, но знаев дека морам да ѝ бидам на располагање на македонската репрезентација, со оглед на тоа што имавме неколку играчи со здравствени проблеми.
И така можеме да набројуваме колку и да треба. Но сето тоа се сведува на веќе горенаведената констатација – овие момчиња стојат со двете нозе на земја, имаат изградено силна кохезија и имаат цврста и јасна мисла, изграден став за тоа што се и каде се. Во тоа се нивната сила и победнички дух, не само во голите статистички бројки или биометриски податоци.
Веројатно тоа е само едниот дел на медалот, но во македонскиот случај, токму оној првиот е многу посилен и создава дополнителна вредност. Вредност што избраниците на Кире Лазаров максимално ја користат во досегашниот дел од првенството, а нема причини да веруваме дека нема да биде така и во продолжението.