Во соба полна со јаки пиштолџии пукна и едно пиштолче!

Едно од правилата на Дивиот Запад, а ние сме токму таму, вели дека „ако пукнеш прв, имаш поголеми шанси да преживееш“. Трамп пукна прв, а прва настрада Европа. Очекувано. За нас е важно што во таа соба каде што има многу јаки типови со наполнети пиштоли се покажа и Македонија со свое пиштолче. Таа кажа дека е тука, присутна со своја суверена стратегија. Сепак, бидејќи се очекува посериозна криза да ја зафати Европа како одговор на геостратегиските витли, за Македонија е важно да се потпре на свои нозе, на своите пријатели и да го искористи моментот – ние сме на една од најважните точки на евроазиската трансверзала, на најголемиот светски геополитички проект

Правилото на Дивиот Запад вели: пукај прв, така имаш многу поголеми шанси да преживееш. Ние сме сега во обновениот Див Запад, а правилото што значи преживување е старо, непроменливо, и веќе применето. Од кого? Нормално, од местото каде што тоа правило е лансирано како успешен модел на демократијата – од Доналд Трамп.
Ние мораме да се научиме како да го применуваме тоа правило, зашто ни велат дека и ние Македонците сосе Македонија сме биле дел од Западот?! Мене ова никогаш не ми било јасно, како тоа ние сме биле Запад!? По што? Но, еве, да речеме дека сме киднапирани и сме дел од тој Запад, значи ние сме во некоја архитектонска конструкција каде што постојат механизам и западни правила на игра. Воопшто не е лесно ова, но, ете, мораме да преживееме.
Замислете дека сме во една голема соба каде што има големи и јаки типови и типки што ги вадат пиштолите. Опасна работа, но има и такви времиња и поарно тоа да се случи што ќе се случи во затворена соба, па кој ќе преживее ќе го води светот некаде. Дали можеби ова потсетува на сценарио? Дали можеби сме во собата на Сартр? „Без излез“. Можеби, но да се вратиме на првиот истрел што го испука Трамп. Најголеми последици од тоа дејство има во Европската Унија затоа што иако членките знаеја што ги чека, сепак, не беа подготвени дека толку брзо ќе се случи тоа фигуративно „убиство на Европа“. Ако митолошки Европа била грабната, па силувана, оти била преубава, а не се давала, еве сега во драмска смисла Американците ја убиваат Европа. Европа на Фон дер Лајен, на Макрон, на Стармер, иако тој не би сакал да го идентификуваат како Европеец, на Шолц…
И доаѓаат тешки времиња затоа што Европа ќе мора да се оживее, да се реинкарнира, да пронајде нов идентитет. Тоа значи доаѓаат тешки времиња, тоа ќе бидат витли што ќе ја зафатат и Македонија, која е на некоја периферија на тој европски вител. Ние географски сме на измислена локација наречена Западен Балкан и ако ја бараме на некоја карта не можеме да ја пронајдеме. Ама тоа се тие инвенции на Западот. ЕУ е предизвикана да се бара и, како што гледаме, сега се остри да води војна на најмалку четири фронта; првиот фронт е дома, на свој терен да ги собере своите сили, да се преброи, оти некој фали во јатото „на добрата волја“. Вториот фронт е внатре во западниот свет да си го најде своето место, особено во односите со САД. Базенот е мал, а крокодилите големи. Засега Европа не сфаќа каде грешела и каде и натаму ќе греши. Нејзината болест е стара и се вика самољубливост, што значи таа е фасцинирана од својот модел, кој бил, е и ќе биде најдобар. Тој модел веќе е на стаклени нозе. Нивниот европски консензус си замина, адио и тоа ќе мора и да се озакони. Уште поопасно е што нејзината мировна структура, односно правена е како мировен проект, сериозно се изместува од оската, таа се милитаризира, станува воинствена. Ќе собира пари ако треба и од под перница за да се наоружа и да стане закана, да одвраќа идна руска агресија. Аферим. Велиме аферим, затоа што иако не ги сакаат како членка, сепак им требаат Турците како воена сила и поддршка. Ако сме сите во НАТО, нели, треба и да си помагаме и во добро и во зло. Пак ќе кажеме, аферим.

Третиот фронт е отворена нетрпеливост кон Русија, па дури и повици за војна. Дали Европа е кадарна воено да се тепа со Русите? Хммм. Но зошто би се тепала?
Четвртиот фронт е тој со Кина и тој тлее подолго време, а наскоро откако Трамп ја отвора трговската војна на сите континенти, може да се претвори во посериозен судир. Можат ли да го издржат ова европските економски локомотиви? Сите анализи не се многу оптимистички. Еден од главните проблеми на Европа е што нема ресурси, многу земји се енергетски зависни, некои директно од Русија. А се чини дека битката за украинските ресурси ќе ја добијат Американците и Русите, кои, според воената логика на победници, ќе стават своја рака на Донецк, каде што има огромни ресурси. Русија и без нив би можела да се потпира на своите ресурси, но тие нема да им припаднат на економските локомотиви од ЕУ и на Велика Британија. Стратегија и доктрина.
Историјата нѐ учи дека битките се водат за природните ресурси, а во воениот плен можат да се најдат и уметнички дела, но тоа е веќе дел од некои други стратегии. Да не заборавиме дека пред да се случи истоварувањето во Нормандија, кое доцнело од „објективни причини“, во Арнхем се водат многу важни преговори меѓу сојузниците и нацистите околу тоа каде по поразот на Хитлер ќе одат парите, каде ќе оди златото, каде ќе замине капиталот. Многу од тие фирми и ден-денес функционираат благодарение и на обезбедувањето на нивниот капитал. Денес ние возиме автомобили на тие фирми, јадеме чоколади, пиеме кафенце или лакираме нокти, користиме нивно гориво за нашите автомобили. Така е тоа во животот и во војните. И токму затоа Русија ќе сака да преговара и за нејзините „замрзнати и опљачкани“ ресурси, кои Западот си ги стокмил за себе.
Да потсетам дека и Филип Втори Македонски кога воено го става на колена атинскиот сојуз, му зел сѐ што е метал, сѐ што имало вредност, до последна шајка (карфија). Мислите дека некогаш тие економски закрепнале? Судбината им била да станат вазали. Така е и денес.

За нас е важно што по многу промашени датуми, овој пат навреме ги извадиме нашите пиштолчиња, колку да се знае. Собата мала, пиштоли големи, но добро е што и ние покажавме дека имаме нешто како оружје. Дебатата дали сме на вистинската страна или не, сега треба да оди во насоката да ние сме на американската страна и така ќе ја водиме играта (дипломатијата). Мораме да се подготвиме за шоковите што ќе доаѓаат од Европа, а ќе доаѓаат. Брисел не дава сигнали дека ќе се откаже од својата политика на двојни стандарди, односно за едни да биде мајка, а за други маќеа. Па, тие отворено ни кажаа преку Марта Кос дека Америка не решава за проширувањето. Ние не смее да чекаме ЕУ да бара и да наоѓа решенија за нас, оти ако досега не ги најде, како ќе го направи тоа во време на политички кризи, а и економските тропаат на голема врата. Не е проблем ЕУ да собере 800 милијарди за вооружување, проблем ќе биде што тие пари ќе бидат извлечени од многу програми на кои членките на ЕУ биле навикнати. Социјална помош, субвенции за земјоделците, стандардизација на квалитет, образование, здравствена заштита, правила, правила… тоа ќе биде начнато и ќе има последици.
Дека ЕУ запаѓа во сѐ подлабока криза, дека таа станува извор на проблеми, па и безбедносен ризик, доволно говори и тоа што се случува со изборите во Романија, каде што сакале или не токму Брисел на Романците им го оживеа духот на Николае Чаушеску. Зарем некој можеше да верува дека токму ЕУ ќе го врати духот на тоталитаризмот таму каде што народот го згази под нозе. Не им се допаѓал десничарот, кој убедливо води во анкетите. Изборите станаа слаткарница – ова ми се допаѓа, ова не?! Но да не заборавиме дека и поразениот лидер на Словачка, Владимир Мечијар, беше соборен на избори и тоа беше услов таа земја да почне преговори за членство во ЕУ. Ете, дваесетина години подоцна тркалото на историјата во Словачка се враќа на приближно иста позиција како тогаш.

Македонија се наоѓа во регион што повторно е во фокусот на светската геополитика. Ние сме една од трансверзалите на Евроазија, крстосница на светот каде што се пресекуваат интересите на најголемите. Тоа значи дека имаме големи шанси за напредок, за трговија, имаме отворени врати за соработка. Соработката со Азербејџан, потврдена на највисоко ниво, покачува дека пријатели има многу и насекаде, но важно е и што реагиравме многу брзо.
За жал, иако играме добро на туѓ терен, дома сме далеку послаби, примаме и голови и автоголови. Реален проблем е тоа што се вика лошо наследство, багаж од минатото, но има работи што се закоравија и е тешко да се искоренат. Проблем број еден е ендемската корупција, но имаме и системски слабости, дупки во закони, лоша кадровска политика или избор, разгоропадени мафии (дрога, трговија со луѓе, сеча на шуми, урбанизам, земјоделство, здравство, клиники… до фудбалот). Тестот сега се вика судство и ако тука се преврти пирамидата, ќе биде добро.
Па, и покрај сите сопки што ни ги ставаат и дома и надвор, играме. Шутираме. Видливи сме.