Добронамерните укажувања и предупредувања на македонската академска фела велат дека е добро да не се отфрлаат од страна на државното раководство. Веројатно така и се прави. На пример, нашиот млад министер за надворешни работи ги прочитал и разбрал ставовите на некои од членовите на неформалниот „Совет на македонските седокоси“. Но, како и секој млад човек, и тој си има свои младешки убедувања и смета дека „седокосите“ треба да бидат повеќе свесни и агилни за политичката реалност. Имено, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вели дека „..сето тоа што го прочитав како забелешки од експертската јавност, да тие се ноторни факти, кои постојат, се потврдени од меѓународни организации, од научниот свет, но истовремено и академската заедница некогаш треба да биде свесна за политичката реалност, а политичката реалност е дека нашиот сосед, и покај сите овие непобитни факти, ги негира нашиот идентитет, нашата историја и нашиот јазик и тоа за нас претставува не само ризик туку и пречка“. Сепак, како што велат нашите седокоси мудреци (со навистина наталожено искуство), во младоста, сите безбројни патишта се добри и сите заблуди се корисни колку и вистините! Тоа важи и за младиот министер, а важи и за нашата сѐ уште млада држава, која, сакале да признаеме или не, сѐ уште ги прележува детските болести на државноста…
Колку е навистина сериозна иницијативата за заедничка резолуција со Бугарија за таа да ја признае самобитноста на македонскиот јазик и идентитет?! Веројатно има некаква дипломатска логика, која засега јавноста, во недостиг од релевантни информации, не може да ја разбере. Резонот на оној што „одгоре“ ги гледа работите е, се разбира, малку поинаков од резонот на оној во подножјето.
Во еден ваква турлитава на билатерални, регионални, европски и светски предизвици, сега Софија да каже јавно: „Да, бе, навистина сте постоеле, еве ви потврдуваме и ви ставаме бугарски печат во вашиот документ на идентификација дека ве има на веков и светов како народ и јазик македонски!“, некако не е баш со висок степен на веројатност.
Но, нели Европскиот парламент веќе донесе резолуција со која го избриша (по предлог токму на Бугарија) постоењето на македонскиот идентитет и јазик од првичниот предлог-извештај на Томас Вајц? Тогаш, навистина се поставува прашањето чуму бараме и тоа баш од Бугарија да се предложела во истиот Европски парламент „заедничка резолуција над резолуција“?!
Еве, за мене ова е исто како да бара „македонското јагне“ од „бугарскиот волк“ да „гарантира“ со „заедничка еврорезолуција“ дека нема да го изеде! На иста линија со моево алегорично-сатирично „бугарско – волчо – предупредување“ е и ставот на универзитетската професорка Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, која нагласи: „Со инсистирањето на европска потврда за нешто, што по својата природа е неприкосновен и историографски заснован факт – македонскиот јазик и идентитет – се изложуваме на опасност да го сведеме на предмет на политичко договарање. Тоа не само што е концептуално погрешно туку и отвора врата за натамошни условувања, повторни ревизии и несоодветни компромиси. Всушност, со ваквиот пристап, повторно ги ставаме македонскиот народ и јазик ‘во волча уста’ – како заложници на туѓа добра волја и како предмет на преговарачка ‘размена’, што историски ни носело само штета, а им одело во прилог на негирачките агенди на соседите.“
Да потсетам, вчера со еднаква острина се огласи и академик д-р Катица Ќулафкова, која го повика македонското државно-политичко раководство да не игра со Бугарите „руски рулет“ со македонскиот јазик и идентитет! „Да се бара од Бугарија да поднесеме заедничка резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање веќе општопризнаен и општоприфатен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид ‘руски рулет’ за Македонија. Тоа е крајно неодговорен чин! Подобро е македонската Влада да ги поддржи како стратегиски приоритетни научните проекти за македонскиот јазик на Македонската академија на науки и уметности, Институтот за македонски јазик и други институции, да ги поттикнува младите да го изучуваат македонскиот јазик и да се вработуваат соодветно, да ја шири и да ја подобри мрежата на лекторати по македонски јазик и друго, да не дозволи импровизација со политички партии, групации и лоби-групи во Европскиот парламент!“
Но, добронамерните и целосно аргументирани укажувања и предупредувања на македонската академска фела велат дека е добро да не се отфрлаат од страна на државното раководство. Веројатно така и се прави. На пример, нашиот млад министер за надворешни работи го прочитал и разбрал неформалниот совет на македонските „седокоси“. Но, како и секој млад човек, има свои убедувања и смета дека „седокосите“ треба да бидат повеќе свесни за политичката реалност. Имено, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вели дека „..сето тоа што го прочитав како забелешки од експертската јавност, да тие се ноторни факти, кои постојат, се потврдени од меѓународни организации, од научниот свет, но истовремено и академската заедница некогаш треба да биде свесна за политичката реалност, а политичката реалност е дека нашиот сосед, и покрај сите овие непобитни факти, ги негира нашиот идентитет, нашата историја и нашиот јазик и тоа за нас претставува не само ризик, туку и пречка“. Сепак, како што велат споменатите седокоси мудреци, со навистина наталожено искуство, во младоста, сите безбројни патишта се добри, а сите заблуди се корисни колку и вистините. Тоа важи и за младиот министер, а важи и за нашата сѐ уште млада држава, која, сакале да признаеме или не, сѐ уште ги прележува детските болести на државноста…
Но, пред вистината молчат и боговите. Пред вистината и меѓународно признаените факти за постоењето на македонскиот јазик и идентитет мора да бидат принудени да замолчат и Софија и Брисел и Париз, ама до таа вистина и факти мора да се држи цврсто и докрај и македонската раководство и да се зафати со вистински делотворни потези.
Еве, на пример, да се реактивира и да се користи сопствената македонска државна Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, усвоена на 29 јули уште во 2021 година. Овој државен документ е моќно политичко-дипломатско оружје, кое Македонија и нејзиното државно-политичко раководство мора да го реактивираат во одбраната од „Третата балканска војна“, која ја води Софија против Македонија и македонскиот народ, штедро поддржана и потпомогната од ЕУ и од Франција. Точката 7 од Резолуцијата за македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции категорично наведува: „Собранието ја обврзува и ја насочува Владата, но и сите надлежни органи задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите, да постапат во рамките на позициите утврдени со оваа Резолуција!“
Значи, Македонија мора да ја сопостави оваа македонска државна резолуција наспроти Резолуцијата на Европскиот парламент и да започне со цел комплекс натамошни активности, кои ќе бидат соодветни на сегашната крајно усложнета европска и меѓународна ситуација, во која се западнати македонската држава и народ, но и сите други македонски граѓани. Бугарија со месеци, дури и со години, осмислува и спроведува добро испланирани активности против Македонија, лобира, контактира со европски држави и чинители, нејзината дипломатија везе „ситен санстефански вез“.
Но, глеј: засилени се активностите за создавањето на „новата Европа на суверени нации“ и внатре во рамките на Европската Унија се профилираат лидерите и политичките сили на јадрото на новата реформирана ЕУ. Нам ни се отвора нов маневарски простор за да се амортизираат притисоците и ултиматумите од Софија и ЕУ. Затоа, ние да се засилиме во потрагата по идентификување и наоѓање нови меѓународни пријатели и поддржувачи во светот, и надвор од европскиот континент, со чија помош ќе се шири македонската вистина.
Свето Тоевски