Во јазично вертиго

Тврдењата дека Силјановска, па и новата владина коалиција намерно ги загрозуваат статусот и употребата на албанскиот јазик воопшто не се точни. Напротив, загрозен е македонскиот јазик и тоа може да се види од стотици и стотици примери. Та дури и Законот за употребата на македонскиот јазик не се применува, што е многу чудно. Кои се причините за ова? Кој ја направи таа јазична каша попара, та дури и пародија, за сега да имаме два паралелни јазика?!

„Нема да дозволиме албанскиот јазик да биде сведен на секундарен статус или да биде условен од бирократија или политичка волја на поединци“. Ова е став на партијата Демократска унија за интеграција (ДУИ) и е всушност митолошка лага. Сеење семиња на омраза. Всушност во заднината на оваа изјава се крие политичкиот, па ако сакате и политикантскиот мотив, како политичка крајна цел, албанскиот јазик да биде рамноправен, барабар со македонскиот јазик. Прашање е како да се постигне тоа? Прекутрупа, сосила или некако поинаку. Оваа реакција доаѓа откако претседателката Гордана Силјановска-Давкова, сосема оправдано, според словото на Уставот и законските овластувања, не ги потпиша измените на Законот за заштита на децата. Тој закон, како што образложи претседателката на државата, е спротивен на амандманот 5 на Уставот со кој се промени членот 7. А Уставот и законите мора да се почитуваат. Оттука и прашањето – зарем пратениците не знаеја за овој амандман?! Па дури законот го поминал и Бадентеровиот филтер, значи добил двојно мнозинство, за да се издаваат двојазични лиценци и требало да се објави во „Службен весник“ и да се официјализира. Со тоа праксата за употреба и на албанскиот јазик значително ќе се смени, иако и онака веќе сме во своевиден јазичен кошмар, лингвистички галиматијас, сркаме јазична каша попара. Ама, до кога?
Тврдењата дека Силјановска, па и новата владина коалиција намерно ги загрозуваат статусот и употребата на албанскиот јазик воопшто не се точни. Напротив, загрозен е македонскиот јазик и тоа може да се види од стотици и стотици примери. Та дури и Законот за употребата на македонскиот јазик не се применува, што е многу чудно. Кои се причините за ова?
Каква е праксата, што можеме да научиме од неа. Еден пример, а такви ги има многу. Повратници од странство, македонско семејство, ги нострифицирале дипломите на своите деца. Патем процесот на нострификација е крајно деликатен, да не речам тотално законско промашување, но за среќа или несреќа има дупки во процедурите (важно е да се лапаат пари!), па така, ако добро се распрашате, ќе најдете нотари што ќе ви заверат диплома на странски јазик. На убај очи! А на МОН му треба заверка од нотар, не е важно дали е тоа точно или неточно.

На крај, децава добиле дипломи, но се изненадиле кога виделе дека добиле двојазични дипломи – на македонски и на албански јазик. Зошто и на албански, кога децата се Македонци, прашал родителот? Му одговориле: Па, министерот е Албанец и има право да го користи и албанскиот јазик. И така министрите Албанци си вовеле пракса на двојазичност, потсмешливо наречена лев (македонски) и десен (албански) јазик. И си тераме ние како сето тоа да е нормално. Како да е нормално владина уредба да биде посилна од собраниски закон?! И тоа само поради албанскиот јазик, кој не смее да биде „секундарен“, туку паралелен, на исто рамниште со македонскиот јазик. Така велат од ДУИ, кои не сакаат да го прифатат фактот дека потпис не е ставен не поради нечиј каприц или омраза, туку затоа што има цврсти аргументи фундирани во Уставот, а тој е над сите закони. „Ги повикуваме сите Албанци да бидат свесни за опасноста што му се заканува на албанскиот јазик и да останат обединети против овој обид за деградирање на правно политичкиот статус на Албанците“, соопштува ДУИ.
Инаку, амандманот 5 е многу јасен, а впрочем тој е произлезен од Охридскиот договор каде што е решено дека службен јазик е македонскиот, а во комуникација може да се користи и јазик што го говорат 20 проценти од населението во некоја општина. Тоа се однесува и за албанскиот јазик. Тоа „И“ е многу важно и ако тоа не се прифаќа, а не се сака да се прифати, ние сме во јазично вертиго. Токму тоа го имаме особено низ делови на Скопје, па Тетово, Гостивар… Изминатиот викенд бев на скијање на Попова Шапка и се зачудив колку е незастапен македонскиот јазик на јавни простори во Тетово, па дури и очигледно е дека таму албанскиот јазик станал прв јазик, а македонскиот секундарен. Дури и институции што се финансираат од буџетот имаат натписи каде што албанскиот е прв, англискиот втор, а македонскиот е тешка резерва. Грее клупа и чека да влезе во игра. Еве и натписот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во касарната во Скопје е токму со таков тројазичен натпис, а албанскиот јазик е доминантен и во програмите. Опааа! Шетајќи низ Европа, па и низ светот, не сум видел ваква пракса. Ама, не почитувајќи ги законите, или носејќи ги набрзина, со европски знаменца и постојани закани, станавме уникатни.

Ќе остане запаметено дека некогаш една германска амбасадорка во Скопје ни кажа дека во некој вид федерализам, јазично поделени ќе влеземе во ЕУ, но тоа не било став на Берлин, туку на некои регионални студенти што изработувале симулација… Ете тоа сме ние, накитена божиќна елка во дворот на Македонија, каде што секој си става свои лампиони, по сопствена желба, потреба и намера

Тоа што на меѓународни тестирања нашите ученици се меѓу последните по знаење, тоа па и не е важно. Праксата вели дека на тие ученици вратите им се широко отворени на еден куп приватни универзитети, за потоа да го гледаат светот со очи широко затворени. Статистички тие се веќе влезени во уште една загубена генерација. Што е национален пораз, оти општеството очекува нешто тие да дадат, да вратат, да бидат додадена вредност, нашето заедничко богатство.

Еве еден поинаков пример – во Стразбур, град што се смета за срцето на европските човекови права, па и демократија, има двојазични натписи, но на сите буквите, односно фонтовите на францускиот јазик се поголеми од германските. Треба да се учиме од добрите примери. Германците во Франција знаат дека францускиот е официјален јазик, но и дека тие во согласност со Рамковната конвенција за националните малцинства имаат право да го користат германскиот јазик. Но таму законот е уреден според конвенцијата, а не според тоа што некоја партија така сакала.
Но некако ми се чини дека проблемов има некоја заднина, па се обидувам во овие денови на славење да ја пронајдам. Кога, оооп, налетав на една божиќна честитка од една амбасада. Погодувате, нели, двојазична – на македонски и на албански јазик. Па, си викам има и Албанци православни. И прелетувам по ТВ-каналите да видам што кажуваат албанските телевизии за Божиќ и речиси ништо не најдов, како да не е Божиќ. Тоа сега и не е најбитно, телевизии како телевизии си имаат свои уредувачки политики. Туку се сетив на една симулација што ја организираше некоја фондација зад која стоеше германската влада. Па токму преку тогашната германска амбасадорка дознавме дека учесниците во симулацијата, некои студенти од Македонија, Косово и од Албанија играјќи си со прашањето за државно уредување, решиле дека Македонија ќе влезе некогаш во ЕУ вака јазично поделена, но и системски поинаква, онака како што, гледај колку паметни тоа студентите, ја виделе мојата земја во иднина од некои петнаесетина години. Потоа амбасадорката беше повикана на консултации, откако медиумите ја посипаа со многу незгодни прашања, но бурата траеше само три дена. Покусо и од накитената божиќна елка во дворот на Македонија, каде што секој си става свои лампиони, по сопствена желба, потреба и намера.