Во геополитичкиот табланет, Европа не е ни писарот

Европската Унија го става на коцка сиот свој капитал, а пред сѐ мировниот проект и социјалниот модел со тоа што му дава предност на планот да се милитаризира, да тргне во трка со вооружување. Но ЕУ во моментов е дефакторизирана. Брисел го нема на масата за мировни преговори во Украина. Каде се Макрон, Мерц, Шолц, Фон дер Лајен, Калас???

Бевме деца. Уживавме во августовското летно сонце, веќе уредно потстрижени за на училиште, исончани, слободно одевме на сонце, немаше опасно УВ-зрачење или не сме знаеле. Родителите се забавуваа со серијата „Долго топло лето“, трчавме по прскалките, кои редовно ги миеја улиците, игравме криенка, џамија (тоа е туркање семки од кајсии со камени плочки), шутиравме топки, а баскетот уште не беше дојден во нашите маала… Идилата прекина за миг. Возрасните се собираа на улица и подуплашени разговараа за состојбите. Сите почнаа да прават резерви – вреќа брашно, масло, нешто јајца, па приближно толку. Кој немаше доволно пари, кај чичко Софре во „Славија“ беше запишан во книгата на должници. Фрижидерите ни беа колку тие што се во бифеата на хотелските соби. Подоцна сфатив дека тоа ти било воена психоза. Страв од воен удар. Ќе ни влезат со тенкови. Русите, Бугарите, Унгарците?! Тоа лето 1968 година силите на Варшавскиот пакт (на Советскиот Сојуз, на народните републики Полска, Унгарија и Романија) влегоа во Чехословачка за да ја задушат таканаречената Прашка пролет, едно либерално движење предводено од Александар Дубчек. Операцијата е успешно завршена (задушена револуција) со над 200.000 војници. А таа 1968 година веројатно е една од најдраматичните во цела Европа. Се бараа слободи. Студентите бараа слободи, промени. Реформи.
Кај нас странски тенкови не дојдоа, а брашното и маслото за јадење се искористија во нормални услови.
Европа ја зафаќа воена психоза, а таа се шири многу брзо со помош на медиумите. Нема спас. Слично како за време на ковид-кризата, така и сега планот оди преку медиумите, а народот сѐ повеќе и повеќе ќе влегува во филмот – „Русите ќе нѐ нападнат“. Европската комисија и официјално се обрати до околу 400 милиони жители на 27-те земји членки на ЕУ да прават резерви на основни намирници и потрепштини за најмалку 72 часа. Се врати 1968. Ризиците се војна, кибернетски напади, климатски промени и епидемија. Да се разбереме, Европа навистина се подготвува за војна. И ова не е од вчера. Во последниве десетина години само се подгрева атмосферата за војување со Русија. Климатски промени, епидемија се дрндрн-јариња. Во овој поглед Европа е на залутана маршрута, нејзините ГПС-координати се од стари мапирања и таа оди во непознато. Како разбиените војски на Наполеон Бонапарта.

Во моментов ЕУ ми наликува на Даниел Дефо во филмот „Внатре“ на Василис Капуцис. Дефо влегува во една вила за да украде вредни уметнички слики, но не испланирал најдобро со своите пајташи – како да излезе. Тој е практично затворен во една вила-бастион со најмодерни заштити, двојни врати, нескршливи прозорци, автоматска клима, прскалки за пожар. Ја наоѓа вредната слика и кога сака да излезе работите тргнуваат на лошо за него – се активираат системите за заштита и тој е заробен во луксузната вила во која, хммм, некој го смислил тоа, нема резерви на храна, вода… И да речеме – Дефо станува жртва на најскапата уметност. Тој станува ремек-дело на едно самоубиство. Европа е на најдобар пат да го надмине. Затоа што тргнува кон еден огромен, масивен проект без да има план Б, без да има план В. На мускули ќе се турка планот А!
ЕУ тргна со намера да стане воен бастион, еден бедем што ќе одвраќа, но и ќе возвраќа. Проект за кој се потребни, според есапот на бриселската маса, над еден трилион евра. Кој ќе ја добие битката за Европа – пацифистите или милитантите?
Ова ќе биде едно од клучните прашања за континентот, ќе има отпори и дебати, но и кавги. Еден „Ле монд“ објавува серија анализи под наслов „Европејци, војна и мир“ и јасно е дека воената пропаганда зема замав. Психозата секогаш моблизира и сили и ресурси. Во една од нивните анализи се објавува анкета спроведена во Италија, каде што 62 проценти од испитаниците рекле дека не сакаат вооружување. Заклучокот е дека Италијанците се пацифисти и дека сакаат парите да се наменат за други проекти. Па луѓе, една Италија, која живее за совршена естетика, има јавен долг од над три трилиони евра. И ќе треба да се заглавува со уште за некојаси идна војна. Веројатно ќе има уште пацифистички земји и народи. Се надевам и очекувам и моите Македонци да застанат на страната на мирот!
Дилемата е дали ќе натежне германскиот план за вооружување, кој се протна и во нивниот устав, кој забрануваше задолжувања. Берлин по долг период даде зелено светло државата да оди во минус за да може да ја засили својата воена моќ, за да гради нова инфраструктура, која е јавно добро, но ќе биде во функција и на одбраната. Германија предвидува да оди во минус од еден трилион евра. Ееееј каде дојдовме, некогаш милионите беа цифра, потоа кревавме веѓи кога ќе слушневме за милијарди, а сега трилионите станаа играчка. Мислам дека ич не е на арно.
Но Германија не е само економска локомотива, таа има една паневропска интересна сфера на влијание, а во неа спаѓа и Македонија. Сметам дека за брзо ќе видиме што значи тоа.

Доаѓаат сѐ потешки времиња за македонските европски аспирации и можно е поставување дополнителни услови. За Македонија е важно да го гледа својот национален интерес, суверенизмот да биде водилката на политиките дома и кон светот. Кочани ни ја откри болната вистина колку сме промашиле како општество, како поединци. Она што мораме да го прифатиме е дека животот, сепак, има најголема вредност. Доколку вчера инвестиравме во стандарди колку што денес ќе платиме за спас на настраданите, тие луѓе што загинаа, денес ќе беа живи

Се прашувам – дали Европа живее во некоја густа магла и не гледа што реално се случува. Па луѓе, Русија има воен капацитет да ја врати цивилизацијата во камена доба. Барабар со неа е и Америка. За каква војна зборуваат Европејците од Брисел? Русија, војувајќи според правилата на книгата, во Украина натрупа 700.000 војници. Што би било кога малку би ги смениле правилата? Ни сателити, ни комуникациски системи, ништо нема да остане во орбитата, ако сакаат. Можат. Америка го знае тоа. И Америка може. Сосема доволно за една планета.
Но кој во Европа да ја спушти топката? Орбан, кој замина во Киев и во Москва и во други центри во светот, се обидуваше да преговара за мир во Украина, па него го направија диктатор. И каде е сега Европа, каде се европските лидери што држат лекции по демократија, вредности, правда, стандарди… Дали некој европски фактор беше во Ријад да учествува во мировните преговори за Украина. Во овој геополитички табланет, Европа не е ни писарот.
За македонските ЕУ-аспирации дојдоа од лоши полоши времиња и не е чудно да ни се поставуваат и дополнителни услови. Ќе чини пари, многу пари, а можеби и жива сила за некакви воени операции. Треба да бидеме подготвени, а не сме најдобро подготвени. За нас е битно, ако не и најбитно, своите национални интереси постојано да ги креваме на ниво дека се најважни. Без отстапки, оти видовме дека компромисот всушност е победа на посилниот. Нема компромиси, или победа или пораз. Преспанскиот договор е катастрофален пораз. Да се знае! (nota bene). Бидејќи сме членки на НАТО и сме во ЕУ-пактот САФЕ, воено ќе мора да се зајакнуваме, но тоа пак според нашите потреби, пред сѐ и над сѐ. Предизвици имало и ќе има многу, треба да знаеме кои се.
Катастрофата во Кочани ни кажа и покажа каде сме слаби, каде сме потфрлиле како општество, но и како поединци. Сепак, од овој наш национален пораз што го доживеавме во Кочани треба да остане запаметено дека животот е највреден, дека тој има највисока цена, а не дека животот е евтин во Македонија. Со еден мој добар пријател ја анализираме состојбата, па му велам – гледаш ли зошто сме сиромашни? Ако инвестиравме во стандарди колку што сега ќе потрошиме за спас на настраданите, денес тие луѓе што загинаа ќе беа живи, а ние ќе имавме стандарди на високо светско ниво. Затоа нека не биде празна реченица дека стандардите ги правиме за нас, а не за членство во ЕУ. Доста ни е од фарси, лажни ветувања и само ловење гласови пред избори.
Мисирков еднаш праша – шо најпрајфме? Заслужува соодветен одговор неговото прашање!