Низ Европа се шири сѐ помасовен бунт, проследен со своевидна непослушност кон Европската Унија и нејзините челници. Дури, „ДиЕМ 25“ издаде и „Упатство за конструктивна непослушност“ кон Европската Унија“!
– За да се соочиме директно со естаблишментот и да ја создадеме напредната Европа, која, е очајно потребна, ги повикуваме активистите насекаде да практикуваат „конструктивна непослушност“. ЕУ се распаѓа поради некомпетентниот авторитаризам на нејзините институции и, генерално, на „длабокиот“ естаблишмент на Европа. За да ја извлечеме Европа од нејзиниот пат кон пропаст предлагаме општините, градските совети, регионите и владите да практикуваат конструктивна непослушност. Непочитувањето на политиките, или директивите, што го оштетуваат интегритетот на Европа е неопходно, но недоволно. За да бидеме напредни и конструктивни, мора да ја придружуваме непослушноста со противпредлози, што целосно ги опишуваат алтернативните политики или директиви за оние, на кои не им се покоруваме – порача „ДиЕМ 25“, основан пред девет години од Јанис Варуфакис и Среќко Хорват.
Ова не е „здружение двајца без тројца“. Ова е „Движење за демократија во Европа 2025“, левичарски европски политички сојуз, кој дејствува како сеевропски чадор за низа партии од европскиот континент. Тоа е европско движење, кое во 2024 година имало 174 илјади члена, истовремено толку и послушници на Фон дер Лајен, Кос, Калас, Кошта и другите еврократи од Брисел!
Во својата политичко-економска студија со наслов „Враќање на политичкиот простор и спроведување алтернативи преку стратегиска непослушност“, објавена во 2018 година, Етјен Шнајдер и Лиза Митендрајн разработуваат две сценарија на, како што нагласуваат тие, „стратегиска непослушност кон Европската Унија“. Етјен Шнајдер е економист, министер за економија и вицепремиер на Луксембург од 2013 до 2020 година, а Лиза Митендрајн е консултантка за економија на глобализацијата во Одделот за ЕУ и меѓународни односи на Виенската стопанска комора, од Австрија.
– Левицата и социјалните движења со децении го критикуваат неолибералниот карактер на ЕУ. Како што ЕУ се движеше сè подалеку во погрешна насока, тие се залагаа за „различна“ и, пред сè, „посоцијална“ ЕУ. За да ја променат ЕУ за доброто на многумина, моќните напредни сили ќе треба да дејствуваат на координиран начин во неколку земји членки – вклучително и во најмоќните земји Германија и Франција. Стратешката непослушност може да има две форми. Тивката стратегиска непослушност е ограничена на непочитување на одредени правила на ЕУ. Офанзивната стратегиска непослушност предизвикува отворен судир со ЕУ. Стратегиската непослушност отвора нов простор за општествените движења. Наместо да се обраќаат до ЕУ за промени без никаква перспектива за успех, овие движења можат да извршат притисок врз домашните политичари и да бараат да ги прекршат правилата на ЕУ – напишаа двата автора уште пред седум години и како да предвидоа дека денес и навистина ќе следува бран на непослушност кон ЕУ, но во вид на офанзивната стратегиска непослушност и влегување во судир со ЕУ, што веќе го практикуваат Словачка и Унгарија, претседателот на Полска, Карол Навроцки, но и други европски држави, државници и политичари, водечките партии во Франција и Германија…
Ова е покус, но релевантен приказ на движењата на „отпорот и непослушноста“ кон официјален Брисел. Но каде сме ние како Македонија и како граѓани на оваа држава во овој омасовен европски тренд? Со вџашеност и неверување читам пред три дена истапување во јавноста од поранешен политичар и професор по политички науки дека Македонија треба „беспоговорно да ги исполнува бугарските барања и да не бара правда од Брисел“, како и дека „,во реалниот свет, апликантот беспоговорно ги исполнува условите на организацијата во која сака да влезе или, ако тие не му се по волја, си бара друго чаре!“, гласи овој „професорски“ предлог.
Застапувањето за „беспоговорна послушност кон ЕУ“ е откажување од самите себе, не само како македонски народ туку во најширока смисла и како граѓани на Македонија. Овде сакам да нагласам само еден важен пример како некои не само што отфрлаат дел од „европските вредности“ туку и се мајтапат со нив. Д-р Артан Фуга, професор по комуникациски науки на државниот Универзитет во Тирана и член на Албанската академија на науките, во својата колумна со наслов „Ќе велиме ‘зет 1’ и ‘зет 2’ / За ’неписмените‘, кои ги бранат ‘родител 1’ и ‘родител 2‘“, на 30 септември годинава остро и со тешка иронија ги нападна залагањата на Европската Унија да се „осовременеле“ семејствата во Европа и Албанија, па наместо татко и мајка да се воведувале „родител 1“ и „родител 2“. Бунт против ваквото „европеизирање“ на семејствата се случува и во Приштина, во Косово, каде што во детските градинки биле шокирани како тамошните власти, тивко и послушно спроведувајќи „напредни препораки“ на Брисел, се обидувале во детските градинки во Приштина на најмладите дечиња во програмите за едукација да им сервираат не само „родител 1“ и „родител 2“ туку и опасни родови експерименти со нивниот детски пол. Ова го наведувам, колку да знаат добро и овдешните Албанци од Македонија кон каква сегашна ЕУ се стремат толку „огнено“. Либерален Брисел сега тешко манипулира со европските народи и држави. Но ваквиот Брисел не само што манипулира туку и ги жртвува македонските државно-национални интереси, форсирајќи ги санстефанските, великобугарски интереси на официјална Софија од свои повисоки геополитички цели и интереси.
Затоа велам, ајде да не практикуваме слепа „стратегиска послушност“ кон Урсула фон дер Лајен и нејзините еврокомесари. Ајде да детектираме сопствени, свои алтернативи и патишта за остварување на автентичните интереси на оваа држава, заеднички за сите нејзини граѓани, а кои не се спротивни на европското право, принципи, критериуми и утврдени стандарди. Да ставиме решително крај на оваа инфериорна и понижувачка позиција ставајќи му до знаење на Брисел дека чекориме по „европскиот пат“, кој го трасираме заеднички и кој ќе отвори нови перспективи и за новата Европа.
Свето Тоевски



































