Тритомното издание „Кочо Рацин – поезија, проза, животопис“, промовирано деновиве во МАНУ, го обновува интересот за делото и дејноста на Рацин, но и потсетува на неопходноста од правилна употреба на македонското кирилско писмо, кое е скапоцена придобивка од една стара култура и цивилизација. Тоа е особено важно во овие времиња, кога сме сведоци на негирање на сѐ што е македонско
Тритомното издание „Кочо Рацин – поезија, проза, животопис“, посветено на основоположникот на современата македонска поезија, кое деновиве беше промовирано во МАНУ, го обновува интересот за делото и дејноста на Рацин и ги реафирмира неговите уметнички и научни квалитети, со што се прави голем исчекор во доближувањето на неговиот богат и разновиден книжевен опус до македонската научна, културна и образовна јавност. Ова е единствено издание што ја претставува интегрално поезијата на Рацин од нејзините почетоци до крајот, потоа првпат ги претставува севкупната засега достапна проза и публицистика на Рацин во оригиналните верзии во превод и во адаптација на современиот стандард на македонскиот јазик.
Изданието е повод да го актуализираме и прашањето за употребата и за одржливоста на кирилицата денес.
Нашиот весник е првиот што го користи за објава автентичниот фонт инспириран од ракописот на Кочо Рацин, изработен од најеминентниот типограф кај нас Ласко Џуровски, кој ѝ го подари фонтот Рацин на „Нова Македонија“, за страниците на прилогот за култура ЛИК. Треба да се нагласи дека е од голема важност што првиот дигитално оживеан ракопис на значаен македонски уметник почна да живее токму на страниците на првиот македонски дневен весник. Тоа што овој фонт почна да живее преку нашите страници, „везејќи ја“ вистината за уникатноста на македонскиот јазик и писмо, е од особена важност и доказ за непроценливото културно богатство што го поседуваме. Со ова упатуваме порака да ја чуваме македонската кирилица, да ја надградуваме и приспособуваме на современите барања, затоа што таа е уникатна и единствена, различна од сите други кирилски писма. Со неколку букви карактеристични само за нашето пишување, македонската азбука ги дефинира нашиот идентитет и нашата различност и посебност.
Имајќи го предвид фактот дека свеста за правилна употреба на македонската кирилица кај нас сѐ уште е на ниско ниво, особено на социјалните мрежи, неопходно е да најдеме соодветен начин за унапредување и презентација на нашите културни посебности претставени преку македонското кирилско писмо. Само на тој начин ќе успееме во намерата да ги афирмираме овие уникатни културни вредности, кои нѐ прават, како народ и нација, единствени и различни од сите други
Современиот живот и развојот на технологијата поставуваат нови предизвици и за некои потврдени и дефинирани категории на комуникацијата. Официјално писмо на македонскиот јазик е македонската кирилица, за која е забележливо дека во дигиталниот свет се употребува со низа недоследности. Имајќи го предвид фактот дека свеста за правилна употреба на македонската кирилица кај нас сѐ уште е на ниско ниво, особено на социјалните мрежи, неопходно е да најдеме соодветен начин за унапредување и презентација на нашите културни посебности претставени преку македонското кирилско писмо. Тоа можеме да го постигнеме единствено со соодветна едукација за значењето на македонската кирилица и нејзината соодветна употреба во сите сфери на културата и во медиумите. Само на тој начин ќе успееме во намерата да ги афирмираме овие уникатни културни вредности, кои нѐ прават, како народ и нација, единствени и различни од сите други.
Ова е и апел да го употребуваме правилно македонското кирилско писмо, да го афирмираме и да го потврдиме во светот како скапоцена придобивка од една стара култура и цивилизација. Во овие времиња, кога сме сведоци на негирање на сѐ што е македонско, се наметнува потребата од правилна употреба на македонската кирилица, во сите јавни сфери.