Ветрушки

Поимот конзистентност во основа значи дека секој човек, или како во нашиот случај кога фокусот е насочен кон политичарите, мора да се држи до одредени начела, принципи и врз таа основа да го гради своето мислење во еден идеолошки континуитет, за кој смета дека е целисходен за нацијата и граѓаните што ги претставува. Уште повеќе, на прво место да му бидат интересите на сопствената држава. Така, со својата политичка конзистентност, политичарот би требало да биде (политички) постојан, доследен и компактен и како таков да биде препознатлив кај народот што го претставува. Политички конзистентен асоцира и на политички дисциплиниран, логичен, отпорен и со тоа приврзан на (политичкиот) лајтмотив што граѓаните му го дале (делегирале) како стратегиска линија за силно чекорење кон остварување на стремежите и желбите на својата нација

Македонија неодамна доби нов собраниски состав, а за некој ден на функција ќе стапи и нова влада, така што граѓаните со право очекуваат од избраните функционери во периодот што следува сериозно да се зафатат со работа и да го исполнат сето она што го ветиле.
А ветуваа многу, најмногу за бенефициите на граѓаните и на државата и затоа таквите ветувања се тешки колку планина, но лесни колку пердув доколку оние што ги давале биле искрени кога ветувале и, што е уште поважно, решени да го остварат тоа по секоја цена.
За тоа има само една формулација, доколку се конзистентни. Ако бараме некакво појаснување на терминот конзистентност, ќе најдеме дека тоа значи цврстина, постојаност и доследност, квалитети што треба да ги поседува секој човек.
Поимот конзистентност во основа значи дека секој човек, или како во нашиот случај кога фокусот е насочен кон политичарите, мора да се држи до одредени начела, принципи и врз таа основа да го гради своето мислење во еден идеолошки континуитет, за кој смета дека е целисходен за нацијата и граѓаните што ги претставува. Уште повеќе, на прво место да му бидат интересите на сопствената држава. Така, со својата политичка конзистентност, политичарот би требало да биде (политички) постојан, доследен и компактен и како таков да биде препознатлив кај народот што го претставува. Политички конзистентен асоцира и на политички дисциплиниран, логичен, отпорен и со тоа приврзан на (политичкиот) лајтмотив што граѓаните му го дале (делегирале) како стратегиска линија за силно чекорење кон остварување на стремежите и желбите на својата нација.
За жал, изминатите три децении речиси и да не видовме некаква конзистентност кај домашните политичари. Сите тие даваа ветувања, пред секои избори говореа дека ќе течат мед и млеко, за потоа медот многу брзо да се шеќердиса, а млекото да скисне.
Затоа оваа наша Македонија не успеа да крене глава сите овие години на независност, да зачекори по патот на перспективноста, прогресот, граѓаните да имаат верба дека работите ќе бидат само подобри и подобри, а не полоши до таа мера да наместо „добар ден“ кога ќе се сретнат со некој познаник, да прашуваат „ќе ја биде ли државава“ како еден нов вид поздрав.
Причината за ваквите состојби е лесно воочлива, во континуитет земјава ја управуваа неконзистентни политичари, кои наутро едно кажуваат, попладне друго, а вечерта трето. Дури не може ниту во еден ден да задржат конзистентен став. Нашиот народ за таквите има еден убав народен термин „ветрушка“, или човек што не може за ништо да го држиш за збор, мислата и ставот му се менуваат како што ветрот дува.
Ако се вратиме малку наназад, ќе констатираме дека има малкумина меѓу политичарите што останале конзистентни на сопствените ставови. Тие што останале, или биле исклучени од партиите или, пак, целосно маргинализирани.

Тоа е така бидејќи и самите политички партии не се конзистентни, талкаат од лево кон центарот, па кон десно и обратно, со загубена идеологија (ако воопшто ја имале), така што кога имаме такви партии, тогаш не треба да се чудиме и од кадрите што ги нудат.
Но нејсе, дојде времето кога дното е достигнато и затоа беше референдумското изјаснување на граѓаните на последните избори. Сите излегоа за да кажат јасно дека даваат последна шанса да се негира тезата „дека сите се исти“. Тие што ја добија довербата треба да го покажат тоа на дело, дека никој не е ист, туку сѐ зависи од карактерот на човекот, било да е тој народен пратеник, министер, директор или кој било функционер. Функцијата лесно удира во глава, но ако тој е конзистентен во ставовите, ако она што го кажал сака да го оствари, народот ќе го препознае тоа и ќе го награди уште на следните избори.
Но истиот тој народ не заборава, не заборава кога ќе бидат изневерени неговите очекувања, кога ќе биде излажан, кога ќе биде направено она што никој не го ветувал на избори, туку само да се додвори на некои „туѓи дворови“, работел и против својот народ и против својата држава. Казнува и дотолку повеќе кога јасно ќе го искаже својот став, како на пример на референдум, а потоа и таа негова референдумска волја ќе биде погазена.
Конзистентен е оној што рекол уште на заклетвата дека ќе ги брани уставниот поредок и територијалниот интегритет на сопствената земја, дека ќе работи за зачувување на нејзините национални интереси и ќе се бори за нејзин просперитет. Сите што се заколнале на тие зборови, треба да бидат постојани и да не отстапуваат ниту милиметар.
За жал, да беше така во реалноста, немаше да ни се случи ниту Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, уште помалку Преспанската спогодба, па како капак и „францускиот предлог“. Оној што е постојан во своите ставови, цврст, конзистентен, ќе воведеше правда и мир во државава, ќе ги зајакнеше институциите, ќе се бореше за националните интереси и додека „го дише овој наш македонски воздух“ нема да менува устав поради промена на името. Тој што е конзистентен во одбивањето на „францускиот предлог“ нема по пет дена да го прифаќа затоа што некој нешто однадвор му ветил, иако знае дека е лош и дека од таквиот предлог некој „како со нож да му го пара стомакот“.

Ама потребен е карактер за да се испочитува сето тоа. Брисел може да бара што сака, може и Вашингтон, но клучното прашање е што ќе добијат. Ако нашиве политичари тргаат по акалот на Брисел и некои други центри, што од околу, што пошироко, нема далеку да стигнеме, па не „француски“, уште којзнае какви предлози ќе ни дојдат во иднина.
Како и да е, времето на „ветрушки“ во политиката измина, сега на тест се оние што дојдоа, да покажат конзистентност во политиките што ги ветија. Ветија пред бизнисмените предвидливи економски политики и треба да се држат до даденото ветување оти за македонската економија е исклучително важна предвидливоста, за да може точно и прецизно да се креираат развојните политики.
Конзистентноста е важна и за граѓаните, бидејќи точно ќе знаат за каков пратеник гласале, какви се неговите ставови и погледи и, што е најважно, како тој утре ќе се постави ако на дневен ред се најде нешто што е спротивно на неговите ставови. Но и како ќе работи за да им го подобри животот.
Да завршам, потребни се луѓе со карактер и со јасни и конзистентни ставови ако сакаме да има напредок во државата, во спротивно, таа уште повеќе ќе тоне. А дното веќе го допревме…