Вештачката интелигенција во функција на (не)мирот

Дури и како своевидни „технолошки мечeви со две сечила“, со сите мани и несигурности, покрај можностите да помогнат, моделите на вештачка интелигенција се наметнуваат како средство за наоѓање решенија за запирање на крвавите конфликти, во ситуација кога постојните меѓународни институции како што се Обединетите нации и ОБСЕ молчат, а европските лидери покажуваат дисфункционалност

Европски лидери скиснато чекаат седејќи пред Овалната соба во Белата куќа, додека, навидум, во секој миг очекуваат повик од американскиот претседател Доналд Трамп. Некои од вас можеби ја виделе оваа слика додека се ширеше преку социјалните мрежи побрзо и од официјалните вести од Вашингтон, каде што неделава се решаваше судбината на Украина. Таа глетка дополнително ја разниша репутацијата на водечките политичари на Стариот Континент, која и онака претрпе силен удар откако тие уште претходно беа тргнати настрана при мировните преговори. Францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше прикажан во прв план, и неговите колеги, затоа претставуваа лесни цели за мајтап и сеир. Па така, некои ја нарекоа тажната дружина – Коалиција на оние што чекаат, алудирајќи на терминот Коалиција на подготвените преку која политичките претставници на 31 држава ги координираа напорите, не само за наоѓање мировно решение за руско-украинската војна туку за шанса да добијат место на масата каде што ќе се дискутира таа тема.
Треба да се нагласи дека станува збор за фабрикувана фотографија направена со помош на вештачка интелигенција (АИ), која забележав дека измами и неколкумина искусни странски новинари што ја лансираа оваа дезинформација до поширока публика преку социјалните мрежи. Споделуваната лажна слика изгледа колку-толку веродостојно на прва, ако не се обрне доволно внимание, за разлика од другите слични измами создадени со модерната технологија, на кои претседателите Трамп и Владимир Путин танцуваат со поларна мечка или заедно јадат сладолед во Алјаска.
Таквата злоупотреба на вештачката интелигенција, покрај нарушувањето на репутацијата на политичарите, има цел да ја попречи првичната замисла за употреба на овој вид технологија за олеснување на мировните преговори.

Моделите на вештачка интелигенција, кога се користат на вистински начин, всушност можат да им помогнат на преговарачите преку откривање сличности што се повторуваат при анализа на податоците за конфликти, идентификување на областите и темите во кои спротивставените страни би можеле да најдат заеднички јазик, симулирање потенцијални исходи од различни договори, премостување на јазичните и културолошки бариери, како и за следење на социјалните медиуми за појава на дезинформации и за говор на омраза. Во тек се проекти, како што е симулатор токму за војната во Украина, развиен со Белата куќа и партнерство помеѓу британското Министерство за надворешни работи и калифорнискиот универзитет „Беркли“, за создавање алатки што им помагаат на преговарачите да предвидат одговори и да најдат заедничка основа, со цел за побрзи и поодржливи мировни спогодби. Забрзувањето на мировните преговори се смета за клучна придобивка од користењето на АИ, бидејќи често постои кратка временска рамка во која разговорите можат да бидат ефективни, поради брзите промени на ситуацијата на терен.
Се разбира дека ова е експериментална технологија, која има голем број ограничувања. Актуелните модели имаат тешкотии во нивните пресметки да ги опфатат длабоко вкоренетите историски несогласувања и емоции што често ги поттикнуваат конфликтите, а не можат да ги надоместат ниту човечката волја, мудрост, храброст и морал, кои се потребни за да се постигне мир. Згора, врз нивното функционирање во голема мера влијаат луѓето што управуваат со нив, односно нивните ставови, па можат да бидат и необјективни. Тие затоа се алатка за помагање на човечките напори, а не за нивна замена.

Но дури и како своевидни „технолошки мечeви со две сечила“, со сите мани и несигурности покрај можностите да помогнат, моделите на вештачка интелигенција се наметнуваат како средство за наоѓање решенија за запирање на крвавите конфликти, во ситуација кога постојните меѓународни институции како што се Обединетите нации и ОБСЕ молчат, а европските лидери покажуваат дисфункционалност додека даваат заложби за дополнително купување оружје од САД со цел да ја вооружуваат Украина, со што многумина ја доведуваат во прашање нивната посветеност кон мирот. Традиционалните организации што се осмислени како гарант на мирот го губат значењето додека се целосно игнорирани од големите сили, кои започнуваат оружени конфликти, преговараат и носат одлуки без воопшто да ги земат предвид мислењата на ОН, односно на Советот за безбедност. Меѓународните институции на тој начин целосно го загубија кредибилитетот додека беснеат војни во Украина, на Блискиот Исток и во Судан, па сѐ погласно се бара нивно реформирање. Затоа, нека се вклучат сите расположливи средства во преговорите, и традиционални и нови како што е вештачката интелигенција, сѐ со цел да се запрат војните и да се постигне долгопосакуваниот мир.