Одредени политички фактори во Република Македонија во недостиг од развојни политики, кои ќе доведат до развој на стопанството и подигање на социоекономскиот стандард на граѓаните, ја злоупотребуваат великоалбанската симболика. Секому му е јасно која е пораката што беше испратена со веењето на албанското државно знаме и палењето на македонското знаме. И малите деца токму поради вакви инциденти ќе почнат да го поистоветуваат црвеното знаме со црн двоглав орел како симбол на великоалбанскиот шовинизам и иредентизам. Но ова е само еден сегмент! Неодамна можеа да се слушнат шепоти за дестабилизација на македонската држава, па сосема логично се наметнува прашањето дали палењето на македонското знаме е во таа насока и со таков мотив
Секоја суверена држава има сопствено знаме, а светските примери потврдуваат дека знамињата секогаш се веат пред државните институции, како што е собранието или некоја друга институција. Честопати државните знамиња може да се видат како се веат пред домовите на граѓаните или приватните компании. Но што всушност преставува државното знаме? За да бидат нештата појасни, ние би го посочиле примерот што уште пред неколку децении ни беше опишан од Семјуел Хантингтон, истакнат политиколог и филозоф.
Приказната е следна! На 16 октомври 1994 година, 70.000 луѓе марширале под „морето мексикански знамиња“ во Лос Анџелес протестирајќи против Предлогот бр. 187, една референдумска мерка со која на илегалните емигранти и нивните деца им се одземаат многу државни бенефиции. Набљудувачите се запрашувале зошто тие одат по улиците со мексикански знамиња, а упатуваат барања до Соединетите Американски Држави. Неколку недели подоцна, уште поголем број луѓе излегле повторно на улиците, веејќи го американското знаме, но свртено наопаку. Анализирајќи ја оваа апсурдна ситуација, Хантингтон вели дека „во светот по Студената војна знамињата имаат свое значење, како и другите симболи на културниот идентитет: крстовите, полумесечините, па дури и шамиите за глава, бидејќи културата е битна, а културниот идентитет е меѓу најважните нешта за луѓето. Луѓето сега често откриваат нови, но, всушност, стари идентитети и маршираат под нови, но, всушност, стари знамиња…“
Апсурдната ситуација од пред неколку децении што ни ја посочува Хантингтон ни потврдува дека постојат паралели помеѓу последните настани поврзани со прославата на албанското државно знаме низ македонските улици и „морето мексикански знамиња“ низ улиците на Лос Анџелес. Но нашата ситуација, нашето секојдневие, е уште поапсурдна! Во американскиот пример станува збор за граѓани што се родени во Мексико, а во нашиот случај за граѓани што се родени во Македонија и ги имаат сите малцински права, како што е бесплатното образование на мајчин јазик.
Каков апсурд! Само замислете, македонски граѓани што ги уживаат сите права во согласност со Уставот, маршираат низ улиците со државни знамиња на Република Албанија, а притоа го палат македонското државно знаме! Доколку внимателно ги анализираме последните случувања, вклучувајќи ја и мапата на голема Албанија со делови од Македонија, која се вееше по должината на регионалниот пат Тетово-Јажинце, но и низ Тетово и Гостивар, можеме да заклучиме дека знамето како културен симбол се користи за политичка мобилизација на македонските граѓани од албанско етничко. Но која е целта? Одредени политички фактори во Република Македонија во недостиг од развојни политики, политики што ќе доведат до отворање нови компании и зголемување на минималната плата, ја злоупотребуваат великоалбанската симболика.
Секому му е јасно која е пораката што беше испратена со веењето на албанското државно знаме и палењето на македонското знаме. И малите деца поради ваквите инциденти ќе почнат да го поистоветуваат црвеното знаме со црн двоглав орел како симбол на великоалбанскиот шовинизам и иредентизам. Но ова е само еден сегмент! Неодамна можеа да се слушнат шепоти за дестабилизација на македонската држава, па сосема логично се наметнува прашањето дали палењето на македонското знаме е во тој правец.
Да се навратиме на суштината! Македонското државно знаме е симбол на македонската држава, но и на македонските слободарски идеали. Секое палење на македонското знаме е непријателски чин, чин што е насочен против македонската држава, води кон поделби во македонското општество и поттикнува етничка омраза. Доколку внимателно се анализира, албанската радикална симболика повторно се злоупотребува во македонското општество од страна на политички камелеони што своето мислење и однесување ги приспособуваат во зависност од ситуацијата, не случајно станува збор за личности што се трансформираа од ортодоксни марксисти-ленинисти во ултранационалисти.
Во услови кога Македонија како држава, нација и општество се соочува со одредени егзистенцијални проблеми, како што е недостиг од соодветен професионален кадар, или кога младите ја напуштаат нашата држава и заминуваат во западноевропските држави, албанскиот политички фактор во македонското општество мора да понуди реални решенија за сите граѓани без разлика на етничката или религиозната припадност. Великоалбанската реторика и симболика, како и палењето на македонското знаме, се ветер и магла.
Македонските граѓани од албанска припадност, како и сите други македонски граѓани, сакаат подобро општество, општество во кое ќе има владеење на правото или подобро образование, а не етнички поделби.
Кога Семјуел Хантингтон вели дека знамето е симбол на културниот идентитет и како таков симбол лесно може да мобилизира илјадници луѓе, ја говори вистината, но на крајот на краиштата граѓаните на изборите се одлучуваат да му го дадат сопствениот глас на оној што ќе им донесе повисоки плати и подобар живот. Радикализмот и иредентизмот не носат храна на трпезата за обичниот граѓанин, туку, напротив, ги полнат мевовите на политички камелеони што продаваат ветер и магла, а граѓаните без разлика на етничката и религиозната припадност го знаат тоа. Оттука, оној што најавува дека ќе ја дестабилизира македонската држава, повторно ќе биде казнет на изборите од страна граѓаните.