Пред некоиси 18 години во Охрид одржа концерт Лени Кравиц, светска ѕвезда што ги удостои македонските граѓани со настап во пикот на својата слава, за разлика од многу други што тука повеќе доаѓаат речиси на проштална турнеја.
Како и да е, како закоравени љубители на добрата рок-свирка се собравме едно мало друштво пријатели и решивме да купиме карти за овој спектакл, си велиме Охрид, лето, езеро, плажа, плус рок-свирка, нема утка. И само што ги купивме билетите, ни пријде една девојка и ни понуди некакви ваучери, во стилот не треба ништо да платите, но ќе треба да се појавите на настанот што нивната агенција го организира во рамките на концертот. Наелектризирани однапред за добра свирка, си велиме, ај да ѝ учиниме на девојкава, сигурно е на некој процент, па нека заработи и таа нешто. Нејсе, ги зедовме ваучерите и отидовме на концертот. Таму, на стадионот „Билјанини извори“ метеж, нема игла каде да падне. Почна концертот, почнаа првите ударни рифови, Лени како што му прилега, со полна енергија. Арно ама ние некако далеку од бината, не го гледаме убаво човекот. Кога на некој од нашето друштво му текна да одиме каде што пишуваше во ваучерите дека ќе бидат шанковите на агенцијата. Со мала надеж дека нешто драматично ќе се смени, си велиме, ајде кога не можеме убаво да ја гледаме сцената, барем да ја слушаме музика подалеку од метежот покрај освежителна пијачка, чисто да ги искористиме ваучерите кога веќе ги имаме. Дојдовме до една заградена зона, лежерно ги покажавме ваучерите, кога одеднаш културно нè поканија внатре во тој заграден простор, по што одеднаш сфативме дека по некоја чудна случајност се најдовме странично, но буквално до бината. Внатре нè опсипаа со коктели, со некакви наградни игри, подароци, човек да се запраша кај се нашол. Не само што Лени Кравиц го гледавме блиску, туку по завршувањето на концертот човекот се симна токму во тој простор и се сликаше со фановите, без некаква вообразеност на мегаѕвезда. Бевме внатре, во центарот на случувањата, иако не бевме со ВИП-билети, но бевме со сите други ВИП-гости. И по безмалку две децении уште се чудиме како упаднавме кај тоа одбрано друштво и какви беа тие ваучери што ни ги дадоа гратис, неочекувано.
Сега, 20 години подоцна, на Македонија некој ѝ нуди сличен „ваучер“ за влез во одбраното европско друштво, се разбира не со ВИП-влезница, но пак да биде на истото место од каде што поубаво се гледаат и слушаат работите.
Имено, деновиве во државава се разви полемика околу можната покана за земјава за неполноправно членство во Европската Унија во 2027 година, односно без право на глас и без свои комесари. За некои тоа е одлична шанса, за други, требало да се отфрли оти не било членство со полн капацитет.
Нема никаква дилема дека ЕУ е тргната на сè или ништо, бидејќи тоа ѝ го наложи новата геополитичка ситуација во светот. Бајките од типот реформи, па потоа членство, очигледно во времиња на бурни случувања не палат, па конечно на оние во Брисел им светна дека подобро е прво да си ги обезбедат крајните граници, па потоа внатре да прават што ќе прават. Впрочем, човек кога купува плац прво го оградува, па потоа внатре гради куќа, гаража, летниковец, базен и што ли ќе посака. Така е и сега. ЕУ сфати дека ако чека сите земји кандидати да ги исполнат условите за потоа да ги прима, а и ако продолжи да ги прифаќа и билатералните условувања од актуелните земји членки, тогаш ништо од европскиот проект.
Затоа сега се говори за нов европски план за обратно проширување, прво членство, па потоа доисполнување на условите за да се стекнат целосните права. Да нема никој илузии, целата работа е заради Украина, која плати екстремно висока цена со војната, па ЕУ сега сака барем некако да го задржи сопственото влијание таму, но и сопствените интереси за тие источни простори. Земјиве од Западен Балкан по дифолт мораат да влезат оти не бива дупка среде Европа.
За нас е важно да влеземе во тој проект, бидејќи во една ваква ситуација да се отвораат сомнежи дека ако сме влегле со ограничени права, тоа демек не било членство, едноставно не држи вода. Нам ни треба овој „ваучер“ сега и веднаш. Додека геополитиката секојдневно се наметнува, најмалку што можеме е да прифатиме ваква опција, бидејќи она што се поставува како главен услов за ваков прием, усогласеност со надворешната политика и владеење на правото, делумно го имаме. Надворешната политика ни е целосно усогласена, повеќе и од некои полноправни земји членки, а владеењето на правото ни е приоритет што мораме да го испорачаме во најкус можен рок, а тоа треба да биде императив и за новиот јавен обвинител, кој наскоро треба да стапи на должност. И за него ова ќе биде одлична шанса пред Европа да покажеме дека владеењето на правото ќе заживее и во оваа наша мала убава земја. Тоа е важно и за македонските граѓани, кај кои ќе се врати вербата во државата и институциите. А кога ќе седнеме на таа заедничка маса со Европејците, тогаш веќе ќе почне да се менува и општествениот мајндсет, ЕУ конечно ќе исполни нешто што ветила, а ние растоварени од постојаните блокади ќе можеме суштински да се посветиме на потребните реформи.
Тоа што во прво време нема да имаме право на глас нема нешто многу да нè погоди, бидејќи со внатрешната реформа на ЕУ дури и многу земји што сега имаат право на глас, веројатно ќе го изгубат оти одлуките очигледно ќе ги носат прволигашите. Тоа ќе биде време на транзиција на самата ЕУ, така што некоја година и да бидеме со ускратени права, нема премногу да нè погоди, но со нашето неполноправно членство ќе добијат нашите камионџии, земјоделци, граѓани, компании, кои ќе можат слободно да се движат и да работат со и во ЕУ. Сите домашни политики ќе одат преку европските филтри, фондови, грантови, законски решенија, едноставно ќе има нова енергија без камшикари, туку со мотивација да бидеме подобри за да добиеме повеќе. Како и да се земе, дури и вакво членство е подобро од никакво. Внатре потоа може да се разговара и за отворените прашања со Бугарија, па може уставните измени да бидат некое финале пред стекнувањето на целосните права во ЕУ, кога по дифолт ќе мора да го усогласиме Уставот со новите европски околности, што од друга страна ќе значи и отстранување на уставните аномалии што ги имаме сега во нашиот највисок правно-политички акт.
Несомнено треба да го зграбиме тој ваучер ако ни биде понуден и да не бараме влакно во јајцето, оти од нас зависи дали во иднина ќе бидеме до концертната бина или и натаму далеку зад толпата, слушајќи ја само „музиката“, без да бидеме блиску до главните ѕвезди.

































