Трст виа Скопје

Насловот на овој текст многумина ќе ги потсети на култната македонска серија снимена кон крајот на 80-тите години на минатиот век, во која глумеше кремот на македонското глумиште, но и дебитанти што првпат запливуваа во филмските води, а потоа продолжија во некои поинакви правци.
Но мојата намера не е да говорам за серијата, туку да потсетам на едни поинакви времиња кога единствената копнена врска меѓу Западна Европа и југот на континентот беше токму преку оваа железничка линија. И ден-денес понекогаш во ушите ми одекнува писокот на експресниот воз од скопската железничка станица, кој длабоко по полноќ од Трст го продолжуваше својот пат кон Солун, а потоа и кон Атина. Моќните локомотиви „кенеди“ ќе забревтаа полека придвижувајќи ги вагоните, дел од нив и со кревети за спиење, што оставаше впечаток на некаков луксузен Запад и модерен начин на патување во време кога нашиве граѓани се клацкаа по локалните шинобуси. Уште додека „експресниот“ бавно излегуваше од станицата, од последните вагони во последен момент крадешкум ќе изрипаа покрај пругата шверцерите со полни торби фармерки „карера“, штеки „марлборо“, виски, чизми каубојки, бегајќи од локалните милицајци, кои со едната рака го држеа свирчето од кое свиреа, а со другата капата на главата додека трчаа по нив. За волја на вистината, некого и ќе фатеа откако претходно ќе подготвеа заседа во некое уличе, ама повеќето ќе се изгубеа по локалните темни маала со сета италијанска и западна стока. Потоа по ден-два низ скопските улици, обично оние во центарот на градот, а често и под Камени мост, ќе се појавеа некои ликови што дискретно довикуваа: „Карера фармерки, марлборо цигари“…, во зависност што имаа на лагер и така заработуваа за живот. Некои од нив подоцна и бизнисмени станаа, урбани ликови, менаџери на дискотеки, ама тоа е некоја друга приказна.
Поентата ми е дека уште тогаш овој железнички коридор беше главната сообраќајна артерија и врска меѓу Западна Европа и Грција, преку него се одвиваше сиот транспорт на стоки, луѓе и други добра. Истокот на Европа беше длабоко зад железната завеса, така што коридорот што си го именувавме „Трст виа Скопје“ беше единствената алтернатива.
Но времињата се сменија, падна железната завеса, тоталитарните режими се заменија со демократски и многу од тие земји успешно го завршија транзициониот процес и за 15 години станаа дел од Европската Унија. Низ нив почнаа да никнуваат нови коридори, да се градат патишта, железници, односно Европа почна и инфраструктурно да се обединува.

Впрочем, инфраструктурното поврзување е главниот чекор што води и кон политичко обединување бидејќи секаде ќе може брзо да се стигне, ќе нема граници, застои, патувањето ќе биде безбедно, едноставно Европа ќе дише како еден организам.
И нашава убава Македонија со децении сака да му се приклучи на тој европски организам, оти природно таму отсекогаш и припаѓала. Во таа насока се иницијативите за осовременување на коридорот 10, односно изградба на брза пруга што остатокот од Европа ќе го поврзе со југот со брзи возови. Земјата доби кредитни гаранции од Велика Британија, постапката за добивање на кредитот е во тек, така што ако се водиме според најавите на домашните политичари, активностите на терен би требало да почнат веќе на почетокот на следната година. Повторно се врати надежта дека ќе го слушнеме писокот на брзите меѓународни возови на скопската железничка станица, која со фреквенцијата што сега ја има, не е ни чудно што во текот на ноќта е со исклучени светилки, небаре некој дошол и го изгаснал светлото.
Арно ама, уште додека ние ги средуваме импресиите за новиот брз коридор, Грција, Бугарија и Романија за некој ден ќе потпишат договор за изградба на паралелен коридор, само 200 километри поисточно од нашиов. Кај речиси три децении нѐ блокираа во евроинтеграциите, сега ги минираат и нашите напори барем малку да се наметнеме како некаков инфраструктурен фактор во регионот. Дури Европската комисија ќе го финансира овој нивен проект, а и како нема да го финансира кога еврокомесарот за транспорт е Грк и нормално ќе ја врти водата на своја воденица.
Но, еве, да бидеме широкогледи и да не гледаме опструкција во целата оваа работа. Несомнено се потребни повеќе инфраструктурни опции и нека ги има, но симптоматичен е тајмингот. Можеше истата таа ЕК прво да го спонзорира коридорот 10 како најбрз и веќе трасиран токму во име на старите заслуги, но и поради поволната географска позиција во однос на сето друго што паралелно би се правело.

И сега има автопатишта и низ Бугарија, низ Романија, низ Грција, но на крајот повторно и Романците, и Србите, и Германците, и Полјаците и сите останати во Грција одат по коридорот 10, не вртат по други патишта. Сите тие се свесни дека тоа е природниот пат преку кој најбрзо ќе стигнат до посакуваната дестинација. Затоа е најлесно во овој момент тој коридор прв да се приспособи на новите потреби, односно на брзата железница. Кога веќе ќе има ваква брза линија, тогаш ќе може да се прават разгранувања во сите насоки, но очигледно некому му пречи Македонија да биде главен инфраструктурен јазол во овој дел на Европа оти на тој начин станува некаков фактор на преговарачката маса. Вака никој не ја есапи ни два посто и става вета и блокади користејќи ја сопствената геостратешка позиција за што ќе му текне, те за име, те за идентитет, за јазик, историја…
Во секој случај, Македонија мора да продолжи самата да се наметнува како играч и преку инфраструктурните проекти да привлече што поголем број партнери на своја страна. Брза железница, гасоводи, електродистрибутивен систем, автопатишта, ветроцентрали, фотоволтаични централи, тоа се проектите со кои веќе сме интегрирани во Европа, така што сето друго е само прашање на време. Точно е дека сега се инвестираат големи пари, но се инвестираат во нешто што треба да генерира профит во иднина, а не се фрлаат во ветер и во нешто што никој не го гледа, односно можеби и го гледа, но само како цифри на сопствената приватна банкарска сметка.
Ако снаодливите своевремено ја користеа железницата кон Трст за правење бизнис, без оглед што тогаш ваквите активности се сметале за нелегални, сепак тоа покажува што значи да се има добра сообраќајна врска. Истата таа врска ја држеше и Грција поблиску до Европа кога сите други копнени врски беа невозможни, но ја држеше и Македонија постојано до Европа и затоа е таа висока поддршка што македонските граѓани ја имаат кон евроинтеграциите и ден-денес, без оглед на сите разочарувања што истата таа Европа им ги приреди.
Затоа, кога веќе се обединува на секој план, Европа нека не заборава дека без Македонија никогаш нема да биде цела. Ако заборавила, можеби е време да се потсети.