ЕУ е во криза, тоа и самите во Брисел го тврдат, тоа се гледа веќе долго време, а Марио Драги со својот тим нуди некаков план за спас – дали ќе се прифати или не прашање е сега во период кога европските бирократи се тепаат за фотелјите и се шири една поразувачка атмосфера дека ако победи Трамп отиде Европа
Главната вест од преку барата по првото телевизиско соочување (очајно!) меѓу претседателските кандидати на демократите (магарето) Камала Харис и на републиканците (слонот) Доналд Трамп е дека светската атракција, поп, рок, кантри… пејачката Тејлор Свифт ја ендорсирала (прифатила) Камала за претседател. Нејзините концерти се масовно посетени, се тепаат за карти, ни „Битлси“ не можат да се пофалат со такво нешто. Кој би рекол дека ќе дојдат вакви времиња? Ама дојдоа и ќе мора да ги живееме. Какво влијание ќе има Тејлор Свифт кај гласачите? Па може да има, затоа што и таа си има свој политички активизам и свои пораки. Среќата е во тоа што нејзини поддржувачи се главно тинејџер(к)и што немаат право на глас. Ама и тоа е Америка. Сѐ мора да биде шоу, но на крајот работите се ептен сериозни. Така ќе биде и на овие избори и немојте да мислите дека се заборави на повреденото уво на Трамп.
Па, тој беше цел на атентат! И, да, Трамп води кога е во прашање, на пример, економијата. И нешто што тешко се наоѓа во други земји – демократите го ендорсираат Трамп (како кандидатот Роберт Кенеди Џуниор или Туси Галбард), а и републиканците не се покусо – на пример поранешниот претседател Џорџ Буш не го поддржува Трамп.
Ах, тој Трамп! Опасен за Америка (а зошто?), ноќна мора и за Европа. Европејците се плашат дека Трамп ќе ги пресече милијардите долари што одат во Европа за нејзината одбрана, а потоа пак се враќаат во Вашингтон на име продадено оружје за да можат во Европа да се бранат од проектилите на Путин. Ќе ми простите, но во многу западни медиуми така пишуваат – проектилите биле на Путин, како тој да ги истрелува. Но, знаеме, тоа е дел од пропагандите, а луѓето што слушаат модерен поп, па и немаат многу време да анализираат да речеме поднаслови и меѓунаслови. Лапаат само наслови! Готов грав, го вадиш од конзерва и само го подгреваш. Па, зарем имаш време за повеќе?
Во ЕУ веќе предолго се размислува и се наоѓаат решенија за кризи: финансиска (најдебела со Грција од над 320 милијарди евра), со Украина, бегалска, сецесионистичка (брегзит и излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата), внатрешна институционална криза, идентитетска, криза на лидерство, криза во Франција, криза во Германија…
Мицкоски легитимно ја поставува дилемата дали ЕУ е искрена за Македонија. Историскиот пресек на македонскиот пат кон Брисел нѐ учи дека од 1992 година (Лисабонската декларација) до денес Македонија и Македонците се тотално обезличени и веќе се подготвени во ковчег да бидат однесени во ЕУ. Затоа, што треба да правиме…?
Сега Европската Унија размислува што и каде? Првин да разграничиме дека ЕУ не е исто што и Европа. Оти и Македонија е Европа, и Украина и Белорусија и Турција и Русија, Србија… Во Брисел, Италијанецот Марио Драги со својот тим работел на документ, кој, просто кажано, опфаќал што треба да се направи за Европа повторно да стане економски моќна и фактор во светот? Во една реченица, предлогот, односно рецептот е реформи, реформи, реформи и инвестиции во наука, технологија, но и во одбраната. Секоја година по 800 милијарди евра. А тоа ќе значи и оружје. Многу оружје. Сосема нормално ако се земе предвид фактот дека проширувањето на НАТО тектонски го наруши воениот баланс според кој се одржуваше мирот во Европа. Триумфализмот поттикнат од фактот „победивме во Студената војна“, па сега ќе ги оптегнеме нозете преку чергата ги дава првите плодови на гневот. Европа оди назад, има проблеми со идентитетот, економски паѓа затоа што други нации имаат поинакво поимање за модерниот свет. Да, да, да гледаме како го прави тоа Кина, која „шиба“ напред во секој поглед.
Драги не е првиот, а нема да биде ни последниот што се фатил да направи еден обемен труд „како да ја направиме Европа подобра“. На пример, позната е работата на „тројцата мудреци“ (не е случајна паралелата со библиските тројца мудреци) од далечната 1978 година што размислуваа за иднината. Па групата Спинели, која заедно со подгрупата во Европскиот парламент, Клубот на крокодилите, ја шири идејата за федерална Европа, што подразбира повеќе заедништво отколку национализам. И тука ќе се кршат многу копја и емоции – како солидарноста да надвладее во време на криза и кога ќе има сѐ помалку пари за социјала, инфраструктура и образование, а повеќе за оружје.
Вториот голем проблем е што во Брисел како главни виновници за кризата се гледаат Владимир Путин и (ако победи) идниот претседател на САД, Доналд Трамп, а не толку своите слабости.
– Ако Трамп победи во ноември, тоа најверојатно ќе значи крај на гаранциите од НАТО и од Америка за безбедноста. Европа целосна ќе биде оставена самата на себе, заробена меѓу империјалните амбиции на соседна Русија и на изолационистичка Америка – пишува во една колумна Јошка Фишер, поранешен германски министер за надворешни работи и самиот член на една „група на мудреци“. Според него, сега се потребни „поголемо европско единство, поточно, заедничка надворешна политика, заеднички воени способности, европски нуклеарен чадор и сѐ што е неопходно за разумна суверена моќ во 21 век; но, Европејците уште не сакаат да го прифатат овој факт“. Ова го пишува Фишер пред само неколку дена, не пред десет или 20 години. Затоа треба најточно да се одговори на прашањето што е сенката над Брисел и ЕУ – како стигнавме до тука?
Веројатно европските мудреци давале одлични предлози, но се чини во Брисел мудрите не играат толку важна улога како добро нафатираните бирократи. Ним им се важни правилата, лоби-групите (промоција на бизниси за што се (пот)плаќаат милијарди евра), двојни стандарди (Македонија одличен пример), нерешени прашања со миграција-имиграција, промовирање фобии и изми. Зошто расте екстремната десница и зошто се повампирува фашизмот? Сега веќе на сѐ повеќе Европејци тоа им е јасно, но дали доцна се запали црвената светилка? Се чини да. И сега кога, на пример, Германија воведува гранични контроли, а цела ЕУ се затвора за светот и воведува мек визен режим се наметнува прашањето – а што е разликата меѓу екстремните десничари и овие партии од центарот?
Гледајќи ја оваа европска слика, мене ми е сосема легитимно прашањето и дилемата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој не знае докрај какви се плановите на ЕУ со Македонија. Од она што досега го видовме и го почувствуваме, намерите не им се најискрени. Од првиот Лисабон, кога се кажа дека држава со име Македонија нема да влезе во ЕУ, до денес тој став е забетониран. Но жално е што од тој прв Лисабон во 1992 година кога Денко Малески се разочарал од Европската заедница и новата Европа, која ги кршела своите принципи, Македонија се откажа од своето старо знаме (сега е семакедонски симбол), од своите Македонци во соседството (со Преспа комплетно ги сече врските), додавајќи ја географската одредница де факто се откажа и од името, па сега се подготвува да ја смени и преамбулата на откроираниот Устав при што се клатат и темелите на АСНОМ. Да заклучиме – на Европа (ја знаете легендарната реченица од „Диво месо“ дека на Европа ѝ се пр.и за нас) ѝ е малку што сме рангирани во државите што почнуваат на „С“, а не на „М“, па нѐ подготвуваат во ковчег да влеземе во Унијата! Така, во десетте постулати на владата на Мицкоски треба итно да се додадат уште барем два-три што ќе значат наше ослободување и национален спас. Такви се трендовите во Европа, натаму оди светот. Па кај светот, таму и ние.