Тргна булдожерот или што нема да напишам

Во една ваква состојба, во каква што е нашето правосудство денес, ако се обидам да бидам поконкретен, да го проблематизирам фактот, на пример, дека стручен соработник успеал да стане шеф на сите судии и да решава за нивната судбина, јас веднаш ќе се соочам со бранители на ликот и делото на конкретниот лик. Затоа јас нема да го напишам тоа, за да не влезам во вителот на докажување очигледен факт.
Затоа само ќе го спомнам булдожерот. Како метафора дека ќе почне расчистување на состојбите.
Ако сакаме да живееме нормално

Постои една поговорка што често се користи кај нас но и во поблиската и подалечна околина, а која деновиве дојде до полн израз – капката што ја прелеа чашата. Досега не сум слушнал дека е модификувана, но во актуелнава македонска ситуација би можеле барем сега и барем овде да ја преиначиме во – двете капки што ја прелеаја чашата.
Така некако би можеле да ја окарактеризираме одлуката на македонската влада која го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Таквата одлука тие ја образложија со зборовите дека ја донеле поради последниот извештај на „Транспаренси“ за индексот на перцепција на корупција, кој пред некој ден го обелодени „Транспаренси интернешнл Македонија“, како и одлуката на Советот за јавни обвинители за замената на суспендираните виши јавни обвинители во Скопје.
Имено, според индексот на транспарентност што беше објавен деновиве детално може да се види дека четири точки се однесуваат на состојбите што се случиле во судството и во обвинителството. Што се однесува до именувањето в.д. шеф на Вишото јавно обвинителство, тоа од Владата беше посочено како одлука што е незаконска, односно што е надвор од одредбите пропишани во Законот за јавно обвинителство.
Луѓето што со внимание ги следат состојбите во правосудството и кои веќе подолг период укажуваат на сите неправилности во оваа област, со олеснување ја проследија владината одлука и посочуваат дека тоа е само прв чекор и дека не треба да се застане тука. Од ден на ден станува сѐ поочигледно дека тука ќе има работа за длабинско заграбување во состојбите и сериозна анализа и проветрување на редовите.
Веќе стана здодевна фразата дека правосудство ни е паднато на најниски гранки. Ја слушаме речиси секојдневно од сите страни – од официјални државни органи, од невладиниот сектор, од извори од струката, а сега како потврда на сето тоа дојде и оценката од „Транспаренси“. Но дури и да не се овие укажувања, обичниот народ секојдневно се соочува со драстични примери што му даваат сосема јасна слика за тоа што се случува. Примери има колку сакате, најдрастичните ги среќаваме во медиумите и на социјалните мрежи, кои се преполни со тажни животни судбини на луѓе што се нашле на удар на извитоперувањето на правото и правдата од страна на оние што треба да се грижат за нивно спроведување.

А, ако ни тоа не е доволно, можеме да ги цитираме зборовите на претседателката Гордана Силјановска-Давкова од пред некој ден: „Во судството, особено Судскиот совет како рендген, мора да има голема доза на одговорност, а таа е врзана за етиката. Одговорни членови на Судски совет веднаш би поднеле оставка по скандалите. А тие таму се избрани не за да бидат судски скандал-мајстор туку да оневозможуваат какво било скандализирање на независната судска власт. Уште чекам да бидат доблесни…“
Чекаме и ние, претседателке… Чека целата јавност, на која ѝ дојдоа прекуглава овие состојби во правосудството и која, во надеж дека конечно нешто ќе се смени, одлуката на Владата ја гледа како почеток на тоа расчистување. Ја гледа како булдожер што тргнува, а пред него има предмети за расчистување што се напластувале таму со години. Токму поради големината и густината на предметите, тука помага само спомнатиот булдожер. Со обична лопата тука не се врши работа.
А како поинаку да се тргне во расчистување состојба за која не само што зборуваат и критикуваат експертите туку секојдневно гледаме и слушаме, а за жал некои од нас и на сопствена кожа ги чувствуваат последиците на ова искривоколчено практикување на законот од страна на луѓе што на волшебен начин се нашле таму каде што се наоѓаат. Луѓе што во нормална ситуација би биле многу подолу во хиерархијата што ја раководат, а кои сега се заплеткуваат во мрежата на аргументите што се обидуваат да ги понудат како образложение за потезите што ги влечат, на чудење и изненадување на доброупатените во правната фела.
И мислам дека е доволно тука да застанам со набројување. Мислам дека е доволно да се разбере што сака да каже „писателот“. Иако деновиве од еден пријател имав забелешка дека не сум доволно остар, дека се обидувам да бидам благ кон луѓето или појавите што ги критикувам.
Не велам дека пријателот не е во право. Но верувам дека и тој и вие ќе се согласите дека во една ваква состојба во каква што е нашето правосудство денес, ако се обидам да бидам поконкретен, да го проблематизирам фактот, на пример, дека стручен соработник успеал да стане шеф на сите судии и да решава за нивната судбина, јас веднаш ќе се соочам со бранители на ликот и делото на конкретниот лик. Затоа јас нема да го напишам тоа, за да не влезам во вителот на докажување очигледен факт.
Затоа само ќе го спомнам булдожерот. Како метафора дека ќе почне расчистување на состојбите. Ако сакаме да живееме нормално.