Глобус обвиткан со злато, подигнат за да ја постави Северна Америка во центарот на светот, претставен на логото на Одборот за мир, веројатно најдобро ја отсликува природата на ова неформално политичко тело основанo од американскиот претседател Доналд Трамп, во кое членството може да се купи. Одборот нуди трајно членство за држави што се подготвени да уплатат милијарда долари во неговата каса.
Токму затоа фразата „купување место на масата“ не е само метафора, туку всушност опишува актуелен тренд во светската политика, во кој влијанието се стекнува со опиплива финансиска посветеност. Присуството на масата веќе не е резервирано само за победниците во војни, туку за оние што се подготвени и способни да платат. Постојат шатл-дипломатија, булдожер-дипломатија, каубојска дипломатија…, а еве сега се засилува и трансакциската дипломатија, што само се надоврзува на вековната практика за купување политичко влијание.
Иако е фокусиран на хуманитарни и мировни напори, првенствено на обнова на Појасот Газа, Одборот за мир функционира и како стратешка алатка бидејќи земјите учеснички можат да ги остваруваат сопствените интереси во рамките на ова тело. Многумина аналитичари затоа сугерираат дека членките на одборот не се приклучуваат само заради доблесни мотиви за носење мир, туку и заради потрага по влијание врз носењето одлуки и заради отворање директни канали на комуникација со САД. Милијарда долари носат одредени придобивки што ја оправдуваат скапата инвестиција, меѓу кои главна е директното дипломатско влијание кај американската власт. Учеството исто така дава видливост и глас во мултилатералните дискусии, алтернативни дипломатски канали за комуникација, како и можности за создавање нови сојузништва, односно зајакнување на билатералните врски со влијателни држави.
Вклучувањето на Косово и Албанија во одборот претставува значаен дипломатски маневар за овие членки од нашето соседство. Додека самопрогласената независност на Косово нема правен легитимитет без формално признавање и членство во Обединетите нации, Приштина се обидува да стекне политички легитимитет преку дипломатски ангажман. А учеството на Косовските безбедносни сили (ФСК) во мисија поддржана од САД, се смета за уште еден начин кон таа цел, откако беше соопштено дека Косово испраќа војници во Меѓународните сили за стабилизација (ИСФ), кои ќе започнат со распоредување во Рафа, во јужниот дел на Газа.
Косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти затоа постојано го позиционираат Косово како сојузник на САД. Забележливо беше дека американскиот претседател ја држеше за рака Османи откако го потпиша основачкиот документ на Одборот за мир, по што ги нарече лидерите учесници на церемонијата „ѕвезди и најголеми, најмоќни луѓе во светот“. Османи потоа објави фотографија од церемонијата на која се ракува со Трамп, во прилог на која напиша „бидејќи Алијансата со Америка е единствениот пат“.
Се смета дека одборот е предвиден за да им парира на Обединетите нации во ситуација кога светската организација се соочува со постојани повици за реформирање и со финансиски тешкотии, според најновите информации. Првично формиран за да го надгледува примирјето помеѓу Израел и Хамас во Газа и евентуалната обнова на опустошената палестинска територија, основачката повелба на одборот – потпишана на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос во јануари – наместо тоа, утврдува сеопфатен мандат за стремеж кон мир, стабилност и „сигурно и законско управување“ низ целиот свет.
Трамп на првиот состанок на неговиот Одбор за мир во четвртокот соопшти дека девет земји членки ветиле вкупно седум милијарди долари наменети за фонд за реконструкција на Појасот Газа, при што пет земји се согласиле да распоредат трупи во меѓународните сили за стабилизација на палестинската територија. Обраќајќи се пред одборот на состанокот во Вашингтон, Трамп изјави и дека САД ќе дадат придонес од 10 милијарди долари во Одборот за мир.
Многумина експерти тврдат дека структурата на одборот ја централизира моќта и ги поткопува постојните мултилатерални институции како Обединетите нации, кои ги застапуваат традиционалните норми на меѓународното право. Како резултат на тоа, голем број западни демократии го одбија членството. На Македонија, која е стратешки сојузник на САД, не треба да ѝ биде криво што не е поканета на нешто што наликува на роденденска забава во која помали и посиромашни деца се обидуваат преку скапи подароци да му се додворуваат на најбогатото и најсилно дете во соседството, само за да ги прими во неговото друштво.

































