- Од политичка гледна точка, претседателот Трамп не се вклопува во традиционалната рамка на американската надворешна политика. Тој не е ниту класичен неоконзервативен интервенционист, а далеку од тоа дека е либерален интернационалист. Наместо тоа, неговиот пристап може да се опише како „трансакциски реализам“. Барем во таква дефиниција се обидуваат да го вкалапат…
Во современата светска политика ретко се појавуваат лидери што толку јасно ги олицетворуваат контрадикциите на глобалниот поредок како американскиот претседател Доналд Трамп. Од една страна, тој се претставува како миротворец со идеи за прекин на војната во Украина, со иницијативи за „Одбор за мир за Газа“ и реторика против бесконечните војни. Од друга страна, истата политичка фигура поддржува или најавува воени подготовки, закани и конфронтација со Иран, одобрува воена операција во Венецуела за заробување на нејзиниот претседател Николас Мадуро, се залага за преземање контрола врз Гренланд, заземајќи тврд пристап против геополитичките ривали. Овие две позиции изгледаат како дијаметрални антиподи во рамките на една иста личност. А истовремено, покрај предизвиците на надворешен план, САД се опфатени и во внатрешен конфликт карактеризиран со силни превирања и поларизација, не само по партиска туку и по цивилизациска линија.
Во таква ситуација, прашањето што логично се наметнува е дали станува збор за рационална стратегија приспособена на новиот мултиполарен свет или за импулсивен пристап на лидер со империјалистички амбиции.
Од политичка гледна точка, Трамп не се вклопува во традиционалната рамка на американската надворешна политика. Тој не е ниту класичен неоконзервативен интервенционист, а далеку од тоа дека е либерален интернационалист. Наместо тоа, неговиот пристап може да се опише како „трансакциски реализам“… Барем во таква дефиниција се обидуваат да го вкалапат…
Критичарите сметаат дека ангажирањето во Украина, Газа и Авганистан само ја исцрпува американската моќ. Од друга страна, заканата за употреба на сила кон Иран служи како алатка за преговарачка доминација, а не нужно како најава за целосна војна.
Во мултиполарниот свет, каде што САД повеќе не се единствениот глобален хегемон, ваквиот пристап може да се толкува како прагматичен обид за редефинирање на американската моќ, а не како нејзино проширување по секоја цена.
Многу експерти затекнати од политиките на Трамп се осврнуваат кон неговиот психолошки профил за објаснување на политичките одлуки и позиции, сметајќи дека е еднакво битен за разбирање на овие навидум спротивставени политики и ставови. Според нив, кај него јасно се забележуваат високо изразен нарцисоиден модел и потреба за доминација, признание и лична историска улога. Миротворецот и воениот „силен лидер“ не се спротивности во неговата психа, туку комплементарни улоги што ѝ служат на истата цел, а тоа е контрола и влијание.
Ова не мора нужно да значи ирaционалност. Напротив, ваквата флексибилност може да се интерпретира како адаптивна стратегија, каде што лидерот менува позиции според контекстот, публиката и моменталниот баланс на моќ. Според толкувањата, проблемот настанува кога оваа флексибилност се претвора во импулсивност, а политиката во продолжение на личниот егонаратив.
Трамп истовремено се претставува како противник на „глобалистичките елити“ и како лидер што сака Америка да биде „повторно голема“. Критичарите велат дека тој не тежнее кон класичен империјализам со воени окупации, туку кон економска и политичка хегемонија без одговорност за глобалниот поредок, иако САД како светска суперсила треба да преземат голема одговорност.
Во таа смисла, неговата визија не е нов светски поредок заснован на правила, туку свет на силни држави со суверенистички пристап, јасни сфери на влијание и директни договори меѓу лидерите. Тоа е свет во кој моралот е секундарен, а интересот примарен.
Дали Трамп е ирaционален? Постои делумна согласност дека не е нужно така. Но неговата рационалност е опасно персонализирана. Мирот и војната за него не се спротивности, туку алатки во ист арсенал. Во новиот мултиполарен свет, ваквиот пристап може краткорочно да донесе стабилност, но долгорочно создава несигурност, бидејќи зависи од карактерот и импулсите на еден човек.
Токму затоа, најголемата дилема што ја носи Трамп не е дали е миротворец или воин, туку дали светот може да си дозволи глобален поредок што зависи од еден поединец.
Сотир Ристо































