Со оптимизмот карактеристичен за влегувањето во новата година, растат и надежите за доаѓање подобри времиња за човештвото преку економски, технолошки, медицински и севкупен напредок, како и за завршување на воените судири насекаде низ планетата. Па така, секој 1 јануари е проследен со разни прогнози и предвидувања за тоа што го очекува светот во тековната година, наспроти многубројните предизвици. Притоа, во желбите да се одгатне што ќе следува, глобалната јавност посегнува по научни истражувања и теории, анализи овозможени од нови технологии и истакнати експерти, но и по наводни предвидувања на древни јасновидци.
Меѓу прогнозите на аналитичарите и политичките експерти, значително внимание вообичаено привлекува традиционалната листа на 10 тренда на кои треба да се обрне внимание во годината, која ја составува Том Стендиџ, заменик-уредникот на британскиот магазин „Економист“. Во неа, меѓу другото, се вели дека аналитичарите се поделени во однос на тоа дали светот се наоѓа во нова студена војна, дали ќе бидат создадени блокови или, пак, планетата ќе биде поделена на американски, руски и на кинески сфери на влијание. Во изнесените размислувања, се смета дека кревкиот мир во Појасот Газа ќе се одржи, но постои стравување дека ќе продолжат конфликтите во Украина, Судан и во Мјанмар, предупредувајќи и на зголемување на тензиите на Арктикот, во орбитата и во киберпросторот. Наспроти геополитичките трендови, Стендиџ го истакнува прогнозираниот подем на употребата на лекарства за слабеење, кои се очекува да станат поевтини, а со тоа и пошироко достапни.
Од друга страна кога познатата струмичка јасновитка Баба Ванѓа и нејзиниот француски „колега“ Нострадамус би можеле да ги споредат нивните предвидувања за 2026 година, веројатно би дошло до одредени несогласувања помеѓу нив околу тоа кој е во право во врска со пророштвата за иднината на светот. Заеднички им е само песимистичкиот поглед на иднината во однос на ризикот од избивање нов конфликт, судејќи според генералното толкување на нивните записи. Но тоа не е ништо ново.
Нострадамус пишувал загатно и во стихови, па неговите размислувања се мошне нејасни. Тие сугерираат избивање „голема војна“ што ќе трае седум месеци и спомнуваат „голем рој пчели“, што се смета за метафора за претстојни политички групирања и движења. Пророштвата на Баба Ванѓа исто така вклучуваат страв од трета светска војна што речиси станува клише, како и видувањата за големи природни катастрофи и за технолошки напредок.
Предвидувањата на најпознатите јасновидци најчесто служат за сензационалистички наслови што ќе привлечат интерес меѓу љубопитните, па не треба да се сфаќаат сериозно или барем треба да се земаат со значителна доза резерва. Може да се каже дека баба Ванѓа и Нострадамус досега имаат слаб учинок, со оглед на многубројните избегнати катастрофи и апокалиптични сценарија што ги предвидуваа во минатото, што во голема мера ја доведуваат во прашање нивната моќ за претскажување на судбината на човештвото. Нострадамус, на пример, пред неколку години „предвидел“ зомби-апокалипса и астероид што ќе го уништи светот, до кои, за среќа, никогаш не дојде. Токму затоа, нивните предвидувања можат да се прочитаат чисто од љубопитност и забава, а во нив нека веруваат само оние што сакаат да веруваат. Затоа немојте да се залетувате ако видите објави во кои Нострадамус повикува на инвестиции во одредени криптовалути.
Треба да се истакне дека баба Ванѓа и Нострадамус сега наидуваат на силна конкуренција од модерен „пророк“ во вештачката интелигенција, која веројатно дава пореални прогнози, собирајќи информации од различни извори. Оваа 2026 година од страна на вештачката интелигенција се опишува како релативно оптимистички период што ќе биде карактеризиран со стабилен глобален економски раст, технолошки напредок, како и со тековни геополитички поместувања.
Се смета дека економиите што одржуваат фискална дисциплина, привлекуваат инвестиции и брзо се приспособуваат на технолошките промени веројатно ќе имаат подобри резултати, додека политичките неизвесности и притисоците поврзани со климатските прашања претставуваат постојани предизвици. Револуционерната технологија самоуверено го предвидува и сопствениот напредок преку нејзино широко усвојување и инфраструктурни проширувања.
Од глобалните лидери, инвеститорите и од креаторите на политики се очекува способност да ги предвидат нестабилните околности базирани на сектори, при умерен вкупен раст на БДП во свет каде што технологијата, геополитиката и еколошките притисоци коегзистираат во сложени меѓузависности.
Популарниот четбот на АИ-погон, ЧетГПТ, при прогнозите за Македонија објаснува дека земјава може да напредува понатаму во разговорите со ЕУ доколку се решат уставните и билатералните прашања, додека понатамошното усогласување со реформите на ЕУ би можело да донесе инвестиции и дополнителна политичка поддршка. Во однос на погледите за Балканот се наведува продолжувањето на интеграцијата на регионот во ЕУ со скромен, но позитивен економски раст, заедно со постојани тензии, присуство на надворешни влијанија и нерешени меѓудржавни тензии што остануваат фактори на ризик.
Земајќи ги предвид сите овие информации, како и да звучат, не треба да има простор за страв и загриженост. Како и при секој нов почеток, треба да се размислува оптимистички и да се надеваме дека во светската политика и економија ќе преовладеат мудроста, разумот и прагматизмот за добросостојба на целото човештво. Нека ни се среќни празниците со верба за подобро утре.
































