Традиционална есенска посета на погрешна адреса

Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, токму на Балканот има можност да покаже решителност и лидерство, со остварување на нејзината порака за „повторно обединување на Европа“ од обраќањето за состојбата на Унијата пред два месеца, преку интегрирање на регионот во ЕУ. Сѐ друго се празни зборови и непринципиелни притисоци што не носат ништо добро ниту за земјите кандидати ниту за Европската Унија, а со тоа ниту за Фон дер Лајен

Како паѓањето на лисјата, приготвувањето зимница и ширењето на мирисот на печени костени низ скопскиот плоштад, еднакво извесно секоја есен станува доаѓањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во посета на Балканот. Без разлика каква е состојбата во Европската Унија, односно со какви предизвици и проблеми се справува европскиот блок – со пандемија, трговски царини, војни во соседството или со дискусии за важни одлуки, како што е претставувањето на новата одбранбена стратегија на Унијата, што беше случај деновиве, се чини дека ништо нема да ја спречи шефицата на ЕУ да ни наврати на гости. Па така, Фон дер Лајен изминатава недела прошета набрзина низ Албанија, Црна Гора, БиХ, Србија, Косово и низ Македонија, при што петта година едноподруго, во рамките на нејзината посета на регионот, како света мантра ја повторуваше европската поддршка за Западен Балкан.
Нејзиното доаѓање лани го споредив со посета на тетката од Германија, од која се очекува да им тутне некое евро на домаќините, покрај чоколадите и можеби неколкуте парчиња облека донесени на подарок. Тој адет се подразбира бидејќи таа постојано се фали за убавините и богатството што ги има на Запад, додека упорно ги уверува Балканците дека и тие самите некогаш ќе успеат да ја видат таа ветена земја, ако ја слушаат неа. На домаќините им е здодеано од нејзините забелешки и ветувања, но веќе се отрпнати бидејќи ги слушаат секогаш кога ќе ја видат.

Пораките на Фон дер Лајен за регионот не се разликуваат значително низ годините. При првата посета бараше координација со балканските лидери, веќе следната година ги зацврстуваше врските поради „зголемениот ризик за дестабилизација“, а потоа во две последователни години го отвори Планот за раст на Балканот. Годинава таа настапи смело и директно, некои би рекле и дрско (веројатно охрабрена поради неодамнешното издржување на две гласања за доверба), поставувајќи услови пред Македонија и Србија, која беше и цел на критики, додека ги пофали Црна Гора и Албанија. Нам ни фрли топка во дворот, измислувајќи правила според кои треба да играме против сопствената волја, за награда што се сомневаме дека ќе ја добиеме. Единствената константа во пораките до Македонија во изминатите три години се барањата за уставни измени.
Забележливо е дека Фон дер Лајен задира во туѓ двор додека нејзиниот е несреден. Таа изгледа ја подзаборави домашната задача за унапредување на конкурентноста на Европа, зададена пред една година од италијанскиот економски експерт Марио Драги, која чека решавање додека нејзиниот автор предупредува дека европскиот блок сега заостанува уште повеќе зад своите глобални конкуренти. Европските претставници тврдат дека Фон дер Лајен и националните лидери во ЕУ се преокупирани со непостојаните политики кон Украина и односот со САД, воздржувајќи се од спроведување на некои од похрабрите идеи на поранешниот италијански премиер, како што се заедничкото финансирање за витални стратешки индустрии и инфраструктурни проекти.

Гласањата на доверба за Фон дер Лајен покажуваат сомнежи во нејзиното лидерство, исто како и најновото истражување на Ипсос спроведено во август, во кое само 23 отсто од испитаниците од ЕУ изразиле позитивно мислење за Европската комисија под нејзино претседателствување, додека 36 отсто имале негативно мислење.
Политичките аналитичари како Берта Лопез Доменех од Европскиот политички центар сметаат дека Фон дер Лајен тропа на погрешна врата, сугерирајќи дека претседателката на Европската комисија всушност треба да ги посети главните градови на ЕУ наместо оние на земјите кандидати, бидејќи проширувањето моментално е спречено од недостиг од вистинска политичка волја меѓу 27-те главни града да се договорат за „конкретен план за отворање на вратите на ЕУ за нови членки и за претворање на реторичките обврски во пракса“.
Фон дер Лајен токму на Балканот има можност да покаже решителност и лидерство, со остварување на нејзината порака за „повторно обединување на Европа“ од обраќањето за состојбата на Унијата пред два месеца, преку интегрирање на регионот во ЕУ. Сѐ друго се празни зборови и непринципиелни притисоци што не носат ништо добро ниту за земјите кандидати ниту за Европската Унија, а со тоа ниту за Фон дер Лајен.